Харадинај денеска соопшти дека министерот за локална самоуправа, Иван Теодосијевиќ, е разрешен, бидејќи тој користел говор на омраза.
Тој истакна дека ја донел оваа одлука, по коментарите на Теодосијевиќ дека Албанците, воени жртви, ги исценирале злосторствата, извршени за време на конфликтот, 1998-1999 година.
„Бесмислено е како денес се изразува еден од нашите колеги, толкаво незнаење, омраза и навреди за жртвите од Речак, за другите жртви на режимот на Милошевиќ, како и прифаќање и одобрување на теророт на тој режим”, напиша Харадинај на Фејсбук.
Теодосијевиќ истакнал дека Албанците во Косово ги исценирале злосторствата извршени над нив, додека вршеле злосторства над Србите.
„Повод за агресијата на нашата земја беше таканаречената хуманитарна катастрофа на просторот на Косово и Метохија, измислен Рачак, а токму овие албанските терористи, кои сето ова го измислија, правеа најголеми злосторства во Косово и Метохија”, нагласил Теодосијевиќ.
Дел од оправдувањето за воздушните напади на НАТО против Југославија, кои започнаа во март 1999 година, беа и убиствата на 45 косовски Албанци, извршени од страна на српските безбедносни сили во селото Рачак, во јануари истата година.
Воената кампања на НАТО, која траеше 78 дена и чија цел беше да го натера Милошевиќ да ги повлече своите сили од Косово, во Србија е опишана како „агресија на НАТО”.
„Тие (косовските Албанци) вршеа злосторства и пред агресијата на НАТО, убиваа добри српски домаќини на нивното работно место. Тие го продолжија својот крвав пир и за време на агресијата, но и по неа, кога пристигна таканаречената мировна мисија во Косово и Метохија“, рекол Теодосијевиќ.
Харадинај истакна дека таквата реторика „нема оправдување” во време кога Косово ја одбележува 20-годишнината од масакрите што српските сили ги извршија низ целата земја.
„Во Владата што ја водам, нема место за никого кој на кој било начин ги навредува другите на етничка, расна, верска или друга основа, ниту за оние кои имаат намера да ги усвојат таквите политики”, соопшти тој.
Разрешувањето на Теодосијевиќ доаѓа откако Харадинај на 25-ти март смени друг српски владин функционер.
Имено, заменичката на министерот за правда, Весна Микиќ, беше сменета поради нејзиниот коментар, објавен на Фејсбук, по повод 20-годишнината од почетокот на бомбардирањето на НАТО на Југославија на 24 март, дека Алијансата извршила „геноцид”.
„Над една суверена држава, која со децении се бореше против албанскиот тероризам во рамките на нејзините граници, е извршен намерно планиран геноцид, од страна на НАТО алијансата”, напиша Микиќ.
Харадинај изјави дека нејзиниот коментар е спротивен на основните вредности на Косово.