Обвинителството за организиран криминал на Србија, во понеделникот соопшти дека Обвинителството на Косово се согласило да им пружи информации во врска со истрагата која се води за убиството на политичарот на Србите од Косово, Оливер Ивановиќ.
Обвинителството во Митровица, град во северниот дел на Косово, во кој Ивановиќ на 16 јануари беше убиен, соопштило дека ќе ги достави информациите со кои располага, во врска со истрагата за убиството на водачот на политичката партија „Слобода, демократија, правда“.
„(Српското) обвинителство преку мисијата ЕУЛЕКС и Министерството за правда на Србија, доби акт … во кој се изразува подготвеност да му се пружат сите податоци со кои ќе располага Основното обвинителство во Митровица“, се вели во соопштението на обвинителството на Србија.
Оваа размена на информации, според српското обвинителство, значи дека истрагата ќе биде „координирана“.
Косовските власти, првично го одбија барањето на Србија да учествува во истрагата, бидејќи, според нив, тоа би значело мешање во внатрешните и правосудните работи на Косово.
Косово прогласи независност во 2008 година, но Србија не ја признава државноста на својата поранешна покраина.
Ивановиќ беше убиен пред седиштето на неговата партија во Митровица.
Во Косово го сметаа за умерен политичар, кој се залагал за соживот меѓу српското малцинство и албанското мнозинство.
Сепак, тој беше обвинет дека во 1999 година, за време на војната во Косово, дал наредба за убиство на косовски Албанци.
Во февруари 2017 година, косовскиот суд ја поништи првичната пресуда со која тој беше прогласен за виновен и наложи повторно судење. Вината на Ивановиќ не беше докажана.
Неговиот убиец или убијци сè уште се непознати. Ивановиќ, во последните неколку години, во неколку наврати изјави дека тој и неговото семејство добиваат закани и оти побарал помош од Косово, од Србија и од меѓународната заедница, но дека не добил никаков одговор.
Косово, Србија и меѓународната заедница го осудија убиството на Ивановиќ.