Регион

Косово: Жртвите на воено силување, преку уметноста, се соочуваат со предрасудите

Дие Морина, Приштина

На изложбата насловена како „Боите на нашите души”, се изложени слики на анонимни жртви на силување | Фото: UN Women

Изложба на слики, дела на жени кои претрпеле сексуално насилство за време на војната во Косово, е отворена во Приштина, со цел да се укаже на континуираните социјални предрасуди со кои се судруваат жртвите.

Изложба на дела создадени од жените кои преживеале сексуално насилство во војната во Косово (1988-1999), беше отворена во лапидариумот на Музејот на Косово во Приштина.

На изложбата насловена како „Боите на нашите души”, се изложени слики на анонимни жртви на силување, кои го покажуваат „животот онаков каков што тие сакаат да биде”, во обид да се справат со континуираните општествени предрасуди.

Улрике Ричардсон, координатор на ООН за развој на Косово, изјави дека за време на конфликтот имало многу жртви на сексуално насилство, кои се срамат од она што го претрпеле, поради што им е тешко да ја изразат болката и затоа и натаму патат.

„Значи оваа изложба е еден од начините да го изразат она на што се надеваат во животот”, рече Ричардсон.

Сè уште нема точна проценка на бројот на жени и девојки кои биле силувани или претрпеле други форми на сексуално насилство за време на војната во Косово.

Во 2014 година, Собранието на Косово усвои измени и дополнувања на постојниот закон за правата на воените жртви и воените ветерани, со кои во законот беа опфатени и жртвите на силување. Тие, по верификацијата од страна на власта, ќе имаат право на надоместок.

Признавањето на статусот на жртвите на силување беше поддржано и од страна на Националниот совет за лицата што преживеале сексуално насилство за време на конфликтот, кој го формира поранешната претседателка на Косово, Атифете Јахјага.

Во извештајот на Амнести интернешнал се наведува дека до сега само неколку лица се процесирани за воено силувања во Косово.

Изложбата „Боите на нашите души”, беше организирана во рамки на проектот за родово чувствителна транзициска правда на ООН Жени, финансиран од Европската унија. Според организаторите, уметничките дела може да се купат, а сите приходи одат за жртвите на сексуално насилство.