Репортажи

Крими раскази наместо видео снимка на судењето на Заев за „Поткуп“

И по три години не се гледа крајот на случајот „Поткуп“ | Фото: БИРН

 

Сведокот и обвинителот тајно се среќавале на автобуската станица во Струмица. Обвинителот дошол од Скопје со двајца придружници во цивилна облека, во возило без службени ознаки. Му побарале палто, и тој отишол дома за да земе едно од своите. Му го однеле во Скопје за да му постават опрема за тајно снимање.

Околу 20-30 минути пред секоја средба со обвинетиот градоначалник, сведокот повторно се среќавал со луѓето од Скопје. Не ги прашувал кои се и од каде се. Само го облекувал специјално подготвеното палто, ги слушал нивните инструкции како да се постави за да снима, и одел на состаноците. Потоа се враќал на договорената локација и го предавал палтото со новите снимки. Кога станало топло, дал и летна маица за да му инсталираат опрема.

 Ова била рутината на сведокот Иван Николов, бизнисмен од Струмица, додека го ловел тогашниот градоначалник Зоран Заев за поткуп, според неговото сведочење пред скопскиот суд.

Кога беше отворен овој случај, сѐ уште траеја „бомбите“ на опозицијата. Во меѓувреме се одржаа два изборни циклусa, се смени власта, се случи 27 април, се менуваа протести и контрапротести, а Заев, сега како премиер, и натаму е соочен со обвинение дека од Николов барал поткуп од 300.000 евра за приватизација на градежно земјиште.

Денот на судењето почна со разочарување за повеќе од 40 новинари што дојдоа во Основниот суд Скопје 1, бидејќи беше најавено дека ќе ја видат целата видео снимка од случајот „Поткуп“, од која дел се појави на социјалната мрежа Јутјуб. Судијата Дарко Тодоровски уште на почетокот рече дека таа нема да се прикаже поради жалба на обвинителството.

Кога беше отворен овој случај, сѐ уште траеја „бомбите“ на опозицијата. Во меѓувреме се одржаа два изборни циклусa, се смени власта, се случи 27 април, а Заев, сега како премиер, и натаму е соочен со обвинение дека од Николов барал поткуп од 300.000 евра за приватизација на градежно земјиште

Но, по шест часа вкрстено испрашување на сведокот Иван Николов, во кое учествуваа обвинителката, тројцата адвокати, двајцата судии, па и самиот Заев, сите си заминаа со десетици испишани страници и со многу повеќе информации отколку што би собрал еден стандарден извештај.  Јавноста, пак, речиси во живо го следеше рочиштето преку флеш вестите напишани од мобилните телефони.

Сведокот, речиси 70-годишен, издржа шест часа стоејќи во левиот агол од судницата и одговарајќи на прашањата. Одговорите често не му беа јасни, па судиите, адвокатите и другите мораа да бараат појаснувања. За некои прашања добија попрецизни одговори, а некои останаа делумно или целосно неодговорени.

Се отвори вратата, и ете го Чавков

Заев дојде со тројца адвокати, но и самиот го испрашуваше сведокот | Фото: БИРН

Немаше видео, но имаше цел „филм“ во судницата кога Николов опишуваше како Заев првпат му се јавил да му побара поткуп на Митровден, 8 ноември 2013 година во 21 часот и за 15 минути се нашле во неговиот градоначалнички кабинет. Сведокот раскажуваше како случајот му тежел со денови, не сакал да плати, зашто така би бил соучесник, па на Свети Никола, на 19 декември таа година, бил во Скопје по други обврски и решил да пријави во централата на МВР. Не сакал во Струмица, за да не дознаел Заев.

„Се видовте ли со некои високи функционери додека бевте во МВР, некои што сте ги гледале на телевизија“, го праша бранителот Филип Медарски сведокот.

Тој веќе го имаше соблечено палтото со кое стоеше во првиот час од сведочењето, и почна сѐ повеќе да гестикулира.

„Додека одев низ ходникот со Жарко и Влатко од МВР, инспектори ли се, не знам што се, случајно се отвори една врата и таму седеше Чавков. Кога ме виде, рече ‘Иво што ти тука’, ама јас бев растревожен и ништо не му одговорив. Разговараше со Жарко или со Влатко, и им рече ‘овој човек е најголем работник во Струмица’“, одговори тој, на изненадување на целата публика.

Со Чавков, кој е исто така струмичанец, се виделе уште еднаш, лани по промената на власта. Николов барал понуда за градежни работи од фирмата на неговиот син, но на крајот одбрал друга понуда што повеќе му одговарала.

„Правев сѐ како што ќе ми кажеа“

Четириесетина новинари го следеа сведочењето, а некои известуваа во живо преку мобилните телефони | Фото: БИРН

Лица за кои претпоставува, но не е сигурен дека се од Министерството за внатрешни работи го подготвувале Николов за средбите на кои го снимал Заев и се обидувал да го наведе да му побара поткуп.

„Пред средбите со градоначалникот, некои 20 до 30 минути доаѓаа од Скопје да ми го донесат палтото, јас го облекував, одев на средба, а потоа го соблекував и им го враќав. Уште ми е палтото кај нив “, опишуваше бизнисменот Николов, од што произлезе дека снимката од која дел се појави на интернет е само една од повеќето што сведокот ги изработил во соработка со лицата со коишто се среќавал.

Немаше видео, но имаше цел „филм“ во судницата кога Николов опишуваше како Заев првпат му се јавил да му побара поткуп на Митровден, 8 ноември 2013 година

Тој нагласи дека воопшто не им поставувал прашања туку само „ги слушал нивните наредби и правел како што ќе му рекле“. Сепак рече дека самиот ја наметнувал темата за поткупот на средбите со Заев, бидејќи на обвинителството му требале докази и тој „знаел што треба да добие“. Обвини дека Заев за приватизацијата на градежното земјиште на неговите неколку фирми му барал да плати по 70 денари за државата (што е законска обврска) и дополнително по три евра за секој квадрат, по едно за тогашниот градоначалник лично, за неговата партија СДСМ и за изградбата на црква. Бидејќи имал земјиште од 100.000 квадратни метри, требало да плати 300.000 евра, па рекол дека тие пари ги нема и дека ќе треба да размисли. Подоцна, според сведочењето, му бил даден и „попуст“, односно му било избришано едното евро за партијата, па вкупната сума паднала на 200.000 евра.

Заев во вкрстено испрашување

Сведокот тврди дека му бил баран поткуп, Заев дека барал донација за црквата | Фото: БИРН

Во Струмица уште во првата половина од 1990-тите беа осветени темелите на православната црква „Успение на пресвета Богородица“, но таа сѐ уште не е изградена. Во 2012 година Заев како градоначалник најави дека градбата ќе се интензивира и дека храмот ќе биде најголем во Македонија. Заев и неговата одбрана тврдеа дека сите разговори каде што се споменуваат дополнителните евра се однесуваат на барања за донација за доградба на овој верски објект.

Николов во сведочењето спомена дека додека преговарале со Заев за поткупот, најчесто се среќавале на барање на тогашниот градоначалник, кој му се јавувал и му закажувал средби за 15 минути по повикот.

Заев постојано слушаше, ги проверуваше вестите што излегуваа за сведочењето на мобилниот телефон, вртеше пенкало низ прстите, фаќаше забелешки и го чекаше својот ред да постави прашања.

По целодневното сведочење единствено стана јасно дека не се случил поткуп. Сведокот Николов и обвинетиот Заев останаа на своите позиции, првиот дека му биле барани пари, а вториот дека само преговарал за донација за црквата

„Како може јас да сум ви закажувал средби за 15 минути, а вие да сте го добивале палтото за снимање на 20 до 30 минути пред средбите, и ви било донесувано од Скопје“, праша поранешниот градоначалник, на што сведокот остана без целосен одговор.

Заев сепак не успеа да избега од тоа дека е директно вклучен во случајот, па кога го праша сведокот дали тој вртел телефони по амбасади за да го извлече неговиот син од непријатна ситуација во Дубаи, Медарски мораше да му помогне, зашто судијката Добрила Кацарска ќе го одбиеше прашањето. Потоа му дозволи на Медарски да го постави, на начин што одговара на правилата на судот.

Неодговорено остана и прашањето од Медарски зошто сведокот трипати давал исказ во обвинителството, и тоа првпат на 19 декември 2013, а потоа на 12 март и на 1 април 2015. Ова беше време кога тогашната опозициска СДСМ редовно објавуваше „бомби“ во врска со поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Според адвокатот, во првиот исказ, потпишан од сведокот, се вели дека се барале пари само за црквата и никаде не се споменуваат партијата или Заев лично. Николов рече дека такво нешто не изјавил, иако го препозна својот потпис на документот од обвинителството. Додаде дека се сеќавал оти двапати дал исказ, а не три.

Поткуп немало, но имало ли обид?

Сведокот бил инструиран да ме намести, рече Заев по рочиштето | Фото: БИРН

Судијката Добрила Кацарска повеќе пати мораше да го повтори прашањето дали сведокот самиот барал средби со Заев откако му била дадена опремата за снимање, на што добиваше непрецизни одговори.

„Не ми повторувајте како добро да сте ги научиле одговорите“, го предупреди Кацарска сведокот во еден момент.

Од сведочењето произлезе дека земјиштето на Николов од 100.000 квадрати било поделено на повеќе парцели и за секоја од нив се воделе посебни постапки за приватизација. За една парцела од 7.000 квадрати процедурата во општината била завршена, и за тоа никому не платил поткуп. Самиот рече дека ниту еднаш не дал дополнителни пари за да добие услуги од локалната самоуправа.

Тој потврдно одговори на прашањето на одбраната дали против една од неговите фирми се водела истрага и било подигнато обвинение, кое било отфрлено пред тој да го пријави Заев за поткуп, но негираше дека двата случаја се поврзани.

По целодневното сведочење единствено стана јасно дека не се случил поткуп. Сведокот Николов и обвинетиот Заев останаа на своите позиции, првиот дека му биле барани пари, а вториот дека само преговарал за донација за црквата. Другите одговори ќе ги дадат целосните снимки. Дали тие ќе се емитуваат пред јавноста или во затворена постапка ќе зависи од одговорот на жалбата што ја поднесе обвинителството. Ако остане решението за јавно прикажување, тоа може да се случи веќе на 12 април, за кога е закажано продолжение на судењето.

За две недели премиерот повторно треба да се врати во судницата | Фото: БИРН