Регион

Критики од РС на централната евиденција на исчезнати лица во БиХ

Младен Лакиќ, Сараево

Изложба во Сараево одржана во 2015, со цел актуелизација на прашањето за исчезнатите лица. Фото: Меѓународна комисија за исчезнати лица

Претставниците на Република Српска (РС) сметаат дека централната евиденција на лицата кои исчезнале во БиХ за време на војната 1992-1995 година, која моментално се ажурира, е неприфатлива и дека мора да содржи повеќе информации освен името, презимето и единствениот матичен број на исчезнатото лице, како што е тоа планирано.

„Тие сакаат да ја имаат таа база со минимални податоци, без податоци за тоа како некој бил убиен, која нација бил, на начин на кој тоа се прави со години, за да не се прикаже реалната слика на страдањето“, вели за БИРН, Милорад Којиќ, директор на Републичкиот центар за воени истражувања, воени злосторства и потрага по исчезнатите лица од РС.

Од овој ентитет, во неколку наврати, беше повторено дека бројот на српски воени жртви е потценет.

Којиќ нагласува дека во евиденцијата не треба да бидат вклучени лица чии останки се пронајдени, туку само оние кои досега не се пронајдени, бидејќи законот за исчезнати лица вели дека статусот „исчезнато лице“ се губи на денот на идентификување на тоа лице.

Од друга страна, Институтот за исчезнати лица на БиХ соопшти дека барањата на РС немаат правна основа и дека единствен начин да се воведат промените што ги бараат од РС, е да се измени самиот закон.

Законот за исчезнати лица во БиХ беше усвоен во 2005 година, но во практика, во најголем дел, тој не се применува.

Во централната евиденција, која содржи информации за 34.964 лица, во тек е постапка за проверка на идентитетот на лицата и автентичноста на пријавите за исчезнување на лицата. По завршувањето на процесот на верификација, секое исчезнато лице ќе има досие во електронска и печатена форма.

Списокот на исчезнати лица во БиХ за првпат беше објавен во 2011 година. Тогаш, од Институтот за исчезнати лица соопштија оти е тешко да се утврди националната припадност на сите жртви.

Причината лежи во тоа што многу луѓе од различни националности имаат слични имиња и што дел од нив се од мешани семејства.

Во врска со ова прашање, во тоа време, реакциите што дојдоа од РС, беа слични како и сегашните.