Ана Владисављевиќ, Загреб
Организациите што се борат за правата на жртвите, го осудија присуството на хрватскиот воен злосторник. Мирко Норац, на одбележувањето на годишнината од операцијата на хрватската војска (ХВ) од 1993 година, Медачки џеб.
Организациите за заштита на правата на жртвите, од Хрватска и од Србија, изразија незадоволство, откако во неделата, во хрватскиот град Госпиќ, осудениот воен злосторник, Мирко Норац, присуствуваше на одбележувањето на годишнината од воената операција, Медачки џеб, спроведена во септември 1993 година.
Хрватскиот министер за одбрана, Дамир Крстичевиќ, изјави оти му е мило што Норац присуствува на комеморацијата.
„Мораме да бидеме горди на операцијата Медачки џеб“, изјави Крстичевиќ, пишуваат хрватските медиуми.
Претседателот на Координацијата на српските здруженија на семејствата на исчезнатите, загинати и убиени лица на просторот на поранешна Југославија, Драган Пјевач, за БИРН изјави дека ова е срамно, бидејќи за време и по операцијата, за чие спроведување наредба дал генералот Норац, биле убиени српски цивили.
„Можете да замислите како се чувствував кога ја видов веста дека Норац е почестен (пофален од министерот за одбрана Крстичевиќ) и оти доби најголем аплауз“, изјави Пјевач.
Тој додаде дека неговата мајка загинала во операцијата Медачки џеб и дека нејзиното тело било осакатено.
„Мислам дека ова, пред сè, ги поткопува жртвите и ја омаловажува јавноста. Жално е што додека славиме вакви акции, тие (жртвите) и не се споменуваат“, изјави Никола Пухариќ, од невладината организација, Младинска иницијатива за човекови права, со седиште во Загреб.
Норац, првиот пат, беше осуден од Хашкиот трибунал за убиство на цивили во Госпиќ во 1991 година.
Потоа и судот во Загреб го осуди за злосторства против човештвото и за воени злосторства извршени над цивили и воени затвореници во Медачки џеб, во септември 1993 година, кога хрватските сили се обидоа да ги потиснат силите на бунтовничките Срби од Госпиќ.
Во ноември 2011 година, откако отслужи две третини од казната, тој беше ослободен.
Пјевач нагласи дека на Норац не треба да му биде дозволено да присуствува на официјалните комеморации.
„Норац ја издржа својата казна и би било нормално никогаш да не се појавува во јавноста, а камоли да му се оддава почит или да се велича – тој денес е почесен граѓанин во осум општини во Хрватска“, истакна тој.
Пухариќ додаде дека Младинската иницијатива за човекови права ќе испрати допис за ова прашање до официјалните претставници за човекови права во Хрватска, до претставникот за човекови права на Советот на Европа и до Механизмот за меѓународни кривични трибунали.
Тој, исто така, истакна дека голем број лица кои извршиле злосторства за време на операцијата Медачки џеб, не биле кривично гонети, и дека Младинската иницијатива за човекови права ќе побара од хрватското обвинителство, да поведе постапка.