Регион

Критики поради учество на воен злосторник на тркалезна маса во Белград

Филип Рудиќ, Белград

Винко Пандуревиќ во судницата на Хашкиот трибунал. Фото: МКТЈ

Невладината организација од Белград, Младинска иницијатива за човекови права, во средата соопшти дека учеството на осудениот воен злосторник, Пандуревиќ, на тркалезната маса на која се разговараше за односите меѓу Србија и Косово, а која се одржа под покровителство на државата, е понижување на жртвите од војните во поранешна Југославија.

„Со давање на легитимит на воен злосторник, да зборува во јавниот простор, институциите на Србија повторно демонстрираат континуитет на воено подбуцнувачката политика од деведесеттите години“, соопшти организацијата.

Имено, Канцеларијата за Косово и Метохија, тело на Владата на Република Србија, во вторникот во Белград организираше тркалезна маса, на која Пандуревиќ зборуваше за „внатрешниот дијалог” за Косово, процес кој го иницираше српскиот претседател, Александар Вучиќ.

Иницијатива го повика директорот на владината канцеларија, Марко Ѓуриќ, да се дистанцира од промовирање на воените злосторници.

Пандуревиќ, поранешен офицер на ВРС, беше осуден на 13 години затвор за злосторства во Сребреница. Во 2015 година тој беше пуштен на предвремена слобода. Денес тој живее во Белград со својата сопруга и со синовите.

Српските власти, во повеќе наврати, овозможија јавни настапи на ослободени воени злосторници, со што им помогнаа да станат активни учесници во јавниот живот.

Поранешниот полковник на ЈНА, Веселин Шљиванчанин, кој беше осуден на казна затвор за воени злосторства во Вуковар, е чест гостин на настаните што ги организира Српската напредна партија, СНП, на претседателот Вучиќ.

Поранешниот генерал на Југословенската војска, Владимир Лазаревиќ, кој отслужуваше затворска казна за воени злосторства во Косово, беше повикан да биде предавач на Воената академија во Белград.

Осудениот за воени злосторства и поранешен потпреседател на српската влада, Никола Шаиновиќ, доби висока позиција во Социјалистичката партија на Србија, која е главен коалициски партнер на СНП.

Воени офицери на Србија, кои ги негираа наводите за воени злосторства извршени во Косово, ќе бидат консултанти на документарен филм, за две битки во конфликтот од 1999 година, во продукција на Радио-телевизија Србија (РТС).