Регион

Критики до Србија и Косово поради оддавање на почит на воени злосторници

Препарим Исуфи, Приштина

Харадин Бала ви судницата на МКТЈ. Фото: МКТЈ

Невладината организација, Младинска иницијатива за човекови права (МИЧП), побара од Белград и од Приштина, да престанат да им оддаваат почит на осудените воени злосторници. Нивната реакција доаѓа откако во Собранието на Косово, со едноминутно молчење, му беше оддадена почит на единственото лице кое Хашкиот суд го осуди за воени зосторства, како и по учеството на поранешен офицер на Војската на Република Српска, ВРС, кој беше осуден за воени злосторства во Сребреница, на тркалезна маса во Белград, која се одржа под покровителство на државата.
 
„Нема таков обврзувачки договор за нормализација на односите, кој може да донесе развој на српското и на косовското општество, ако двете општества немаат сила да се соочат со злосторниците од сопствените редови и не им оддадат почит на сите жртви на конфликтите”, се вели во соопштението на Младинската иницијатива за човекови права.
 
Имено, на 31-ви јануари, косовските пратеници, со едноминутно молчење, во Собранието на Косово, му оддадоа почит на неодамна починатиот Харадин Бала.
 
Бала, поранешен член на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кој во 2013 година беше предвреме ослободен, почина на 60-годишна возраст.
 
Предлогот да му се оддаде почит го даде пратеникот Милаим Зека, од Иницијативата за Косово (НИСМА), една од партиите во владејачката коалиција.
 
„Сите луѓе во светот ги почитуваат своите вредности, својот народ, своите херои. Голем човек почина синоќа, човек кој даде голем придонес за оваа земја, за овој народ и благодарение нему, ние седиме во Собранието на Косово. Зборувам за Харадин Бала“, рече Зека.
 
МИЧП, исто така, соопшти дека неодамнешното учеството на поранешниот офицер на ВРС, Винко Пандуревиќ, кој беше осуден за воени злосторства во Сребреница, на тркалезна маса на која се разговараше за односите меѓу Србија и Косово, а која се одржа во Белград под покровителство на државата, е понижување на жртвите од војните во поранешна Југославија.
 
„Ги повикуваме Владите на Косово и на Србија, наместо што продолжуваат со славење на воените злосторници, да му дадат целосен приоритет на процесот на помирување”, соопшти организацијата.
 
Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), во ноември 2005 година, го прогласи Бала за виновен за тортура, сурово постапување и убиство. Беше осуден на 13 години затвор.
 
Тој беше прогласен за одговорен за злоупотреба на затвореници во логорот Лапушник, за време на војната во Косово, 1998-1999 година.
 
Винко Пандуревиќ, поранешен командант на бригадата Зворник на ВРС, беше осуден на 13 години затвор за неговата улога во масакрите во Сребреница во 1995 година. Беше прогласен за виновен за помагање и поттикнување на злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војување.
 
Во 2015 година тој беше пуштен на предвремена слобода. Денес живее во Белград со својата сопруга и синовите.