Анализи

Критики за нацрт-стратегијата за гонење на воените злосторства во Србија

Нацрт-стратегијата за истрагa и гонење на воените злосторства во Република Србија 2018-2023 на Обвинителството за воени злосторства, не ги дефинира приоритетите на кривичното гонење, ниту индикаторите за мерење на успехот на стратегијата, а ни роковите за постигнување на целите зацртани во неа, сметаат некои невладини организации во Србија.

Филип Рудиќ | Белград

Српски невладини организации ја критикуваа нацрт-стратегијата на Обвинителството за воени злосторства, која се однесува на периодот 2018-2023 година, бидејќи, како што велат, нацрт-стратегијата, до кој БИРН дојде, неадекватно го третира континуираниот неуспех на земјата во процесирањето на високорангирани осомничени лица.

Другите недостатоци, сметаат овие организации, кои ја виделе нацрт-стратегијата на Обвинителството, се отсуството на конкретни рокови и на индикатори врз основа на кои ќе се утврдува дали целите на стратегијата се постигнати или не.

„Нацртот не нуди решенија за клучните недостатоци во работата на Обвинителство за воени злосторства“, вели Вишња Шијачиќ, правен аналитичар на Фондот за хуманитарно право (ФХП).

Нацрт-стратегијата, на затворен состанок кој се одржа на 12 март, на кој присуствуваа и претставници на ФХП и на Белградскиот центар за човекови права, ја презентираше обвинителот за воени злосторства на Србија, Снежана Станојковиќ.

Нацрт-стратегијата треба да ја прошири Националната стратегија за процесирање на воените злосторства 2016-2020 и јасно да ги наведе активностите на Обвинителството за воени злосторства (ОВЗ).

Нејзиното усвојување е предвидено со Акцискиот план од 2016 година за поглавјето 23 од преговорите што се водат за пристапување на Србија во ЕУ – поглавје кое се однесува на правосудството и на фундаменталните права.

Сепак, како што нагласуваат претставниците на двете невладини организации, кои беа присутни на состанокот, ваквата нацрт-стратегија укажува дека постојат нејаснотии во решавањето на клучните проблеми кои го попречуваат процесирањето на воените злосторства во Србија.

Повлекување чекор наназад?

Вишиот суд во Белград. Фото: БИРН

Моментално, пред Вишиот и пред Апелацискиот суд во Белград, со судење се соочени 53 лица, во 19 предмети. Досега завршени се вкупно 42 предмети, во кои 72 лица се осудени, а 43 ослободени.

Најголемите тековни процеси се судењето за убиство на околу 1.300 Бошњаци од Сребреница, извршено во селото Кравица, во 1995 година, за масакрот над околу 120 Албанци во селото Ќушка во 1999 година и за убиство на 70 хрватски цивили во селото Ловас во 1991 година.

Меѓутоа, во повеќето други случаи, обвинето е едно или повеќе лица од понизок ранг, за злосторства со малку жртви.

Во Националната стратегија за процесирање на воените злосторства за периодот 2016-2020 година, се вели дека стратегијата на ОВЗ треба да „ги дефинира критериумите за избор на случаите на воени злосторства и да создаде листа на приоритни и важни случаи на воени злосторства, кои треба да бидат процесирани“.

Во стратегијата се сугерира приоритет да им се даде на посложените случаи, при што се наведуваат и критериумите за оценка на комплексноста, како што е бројот на жртви, рангот на сторителите и достапноста на доказите.

Но, наместо ова да го разработи, нацрт-стратегијата само ги навдува критериумите утврдени во претходниот документ – и во однос на него, оди чекор наназад.

„Со целосно почитување на предлогот за одредување на критериумите за утврдување на приоритетите … потсетуваме дека сите предмети во кои што постапува Обвинителство за воени злосторства, спаѓаат во категоријата особено сложени“, се вели во нацртот.

Според документот, критериумите утврдени во Националната стратегија за сега ќе бидат секундарни, додека примарни критериуми ќе бидат „интересите на кривичната постапка“.

„Што е тоа ’интерес на постапката’? Не е дадена никаква дефиниција“, вели Наташа Николиќ, правник од Белградскиот центар за човекови права.

Како што се вели во документот, критериумите ќе бидат подоцна прецизирани, во соработка со Републичкото јавно обвинителство.

„Кога тоа вака ќе го кажете, тоа може сешто да значи“, вели Николиќ.

Шијачиќ, исто така, смета дека во нацртот адекватно не е прецизирано на кој начин обвинителот за воени злосторства ќе ги применува критериумите утврдени во Националната стратегија.

Таа вели дека „најочигледниот“ недостаток е немањето критериуми врз основа на кои ќе се утрдува приоритетот на предметите.

Ова предизвикува загриженост, бидејќи ОВЗ, во последните години, работеше на „помалку комплексни“ случаи – изолирани воени злосторства, со помал број на жртви – и без високорангирани осомничени лица, додава таа.

Нејасни индикатори за напредок

Националната стратегија јасно наведува дека обвинителската стратегија треба да содржи „прецизно дефинирани показатели за влијанието и резултатите од примената на обвинителската стратегија“.

Сепак, иако во неодамна презентираниот нацрт се наведува дека евалуацијата ќе ги следи индикаторите „наведени во националната стратегија“, останува нејасно на што се однесува ова.

Шијачиќ вели дека во нацртот не е именуван ниту еден индикатор, како што би биле, на пример, зголемениот број на осудителни пресуди или обвиненија против високорангирани лица.

Таа нагласува дека во текстот не се јасно идентификувани целите на ОВЗ, ниту пак роковите за нивно постигнување.

Обвинителството треба да го дефинира петгодишниот план за истраги, но и тука роковите не се поставени, истакна таа.

„Стратегијата има методолошки недостатоци; не ги наведува активностите, роковите, па дури ниту показателите за мерење на успехот на нејзината имплементација“, додава Шијачиќ.

БИРН на ОВЗ му испрати прашања во врска со недефинираните рокови, како и прашања поврзани со самата стратегија, но, до објавувањето на овој текст, не добивме одговори.

На невладините организации, кои што присуствуваа на презентацијата на нацрт-стратегијата, им било кажано дека прашањето на роковите, ќе се реши кога ќе се ревидира Акцискиот план за поглавјето 23, а тоа е до месец мај.

„Чувствителни“ прашања само написмено

Акцискиот план од 2016 година, предвидува, нацрт-стратегијата да биде презентирана на „експертски состанок“, при што не се бара присуство или информираност на медиумите.

На презентацијата на нацрт-стратегијата на 12 март, освен горенаведените две невладини организации, присуствуваа и претставници на Министерството за правда, Министерството за европска интеграција, Јавното обвинителство, на Апелацискиот суд, Адвокатската комора, ОБСЕ, на полициските и воените разузнавачки служби и на други државни органи.

Сепак, Шијачиќ вели дека средбата била само „симулативна дискусија“ и оти критичките гласови биле замолчени.

„Секогаш кога прашањата беа малку покомлицирани или ’чувствителни’, тие ни велеа да ги испратиме нашите коментари во писмена форма“, истакнува Шијачиќ.

Со ова се согласува и Николиќ, која посочува дека од секој кој сакал да направи критичка опсервација, било побарано тоа да го стори во писмена форма и да го достави до ОВЗ до 14 март, кога истекува крајниот рок за доставување на предлози за измена на нацртот.

ФХП поднесе предлог за измена на нацртот на 15 страници, иако, според Николиќ, овие две невладини организации, не знаат „дали нешто ќе се смени во следните месец или два, кога треба да се усвои стратегија“.