Младен Лакиќ, Сараево
Здружението на логорски затвореници Мостар, вчера поднесе кривични пријави против Драган Човиќ, хрватски член на Претседателството на Босна и Херцеговина и Божо Љубиќ, претседател на Хрватската демократска заедница 1990, за предизвикување на национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост.
Според она што е наведено во пријавите, по пресудите што Хашкиот трибунал на 29 ноември 2017 година ги изрече во случајот Јадранко Прлиќ и другите, со кои шестмина поранешни политички и воени лидери на босанските Хрвати беа осудени за воени злосторства, Човиќ и Љубиќ со нивните јавни изјави и настапи во медиумите, ги оспоруваа пресудите.
Тие, како што се вели, „јавно ги негираа извршените злосторства и ги омаловажуваа пресудите и кредибилитетот” на меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг.
Овие пресуди, со кои шестемината поранешни функционери на самопрогласената Херцег-Босна, беа прогласени за виновни за злосторства против човештвото и за други злосторства над Бошњаците, предизвикаа незадоволство кај многу Хрвати и босански Хрвати.
Еден од осудените, Слободан Праљак, по изрекувањето на пресудата, во судницата испи отров и набрзо почина.
„Тој на овој начин покажа колкава жртва е подготвен да поднесе пред целиот свет, за да покаже дека не е злосторник”, изјави во тоа време Човиќ за Праљак.
Тој оваа пресуда ја окарактеризира како злосторство кон „секој припадник на хрватскиот народ во БиХ”.
Здружението на логорски затвореници Мостар, смета дека делувањето на Човиќ и на Љубиќ, довело до меѓуетнички тензии во Федерацијата БиХ, особено во Мостар, и оти ги вознемирило бошњачките воени жртви.
„Во своите изјави, покрај негирањето на злосторствата и нарекувањето на пресудата како злосторничка, Човиќ и Љубиќ не покажаа никакво жалење, ниту сочувство со жртвите на извршените злосторства”, стои во образложението на пријавите.
Кривичните пријави беа поднесени до обвинителството на Херцеговско-неретванскиот кантон, кое дополнително ќе одлучи дали да поведе истрага или не.