Регион

Кривични пријави за поддржувачите на хрватски свештеник што одржал миса

Хрватските медиуми објавија дека против 13 лица, кои се собраа пред католичката црква во населбата Сиробуја во Сплит, се поднесени пријави поради кршење на одлуката за забрана на јавни собири, за време на пандемијата на корона вирусот.

Имено, во неделата, маскирани граѓани облечени во црно, се собраа на протест со кој му дадоа поддршка на свештеникот, кој ги повика верниците да присуствуваат на мисата, кршејќи ги со тоа мерките наметнати со цел спречување на ширењето на КОВИД-19 во Хрватска.

Двајца од нив развија шал со усташкиот поздрав „За дом спремни“, додека други држеа транспарент на кој пишува „Новинарите се црви“.

Собирот беше реакција на критиките упатени до свештеникот, Joсип Делаш, кој одржа миса на која присуствуваа околу 20 верници, и покрај повиците на црковните власти и на цивилната заштита, поради пандемијата, да се избегнуваат собири.

Двајца од собраните беа обвинети за кршење на јавниот ред и мир – еден бидејќи развил знаме со буквата „У“, која се однесува на усташкото движење, а друг за истакнување на транспарент на кој пишувало, „За дома спремни“, поздрав кој сè уште е популарен во десничарските кругови.

Едно лице е осомничено за кршење на законот за експлозивни направи, поради држење на пиротехничко средство, додека за сите 13 лица ќе биде поднесен извештај до Државниот инспекторат, за кршење на мерките на Штабот за цивилна заштита, како дел од напорите што се вложуваат во борбата против корона вирусот.

„Против сите ќе бидат поднесени пријави“, го цитираат локалните медиуми соопштението на хрватската полиција.

Додека се обидуваа да известат од мисата, новинарката на „Далматински портал“ и снимателката на телевизија Н1, беа физички нападнати од неколку мажи пред црквата во Сиробуја.

Локалните медиуми во понеделникот објавија дека две лица се осомничени за напад врз новинарката на „Далматински портал“, Живана Шушак-Живковиќ, а едно за напад на снимателката.

Хрватскиот министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, во неделата го осуди нападот врз новинарката „која само си ја вршела својата работа“.

Полицијата ќе поднесе пријава и против свештеникот, кој веќе еднаш беше предупреден за кршење на препораките да се остане дома, откако на почетокот на овој месец, ја отвори својата црква за верниците и одржа миса.

За време на тој инцидент, 70-годишниот свештеник, вербално се судри со полицајците, кои беа повикани за да го растурат собирот.