Според пријавата, Ромките биле уапсени во близина на базата на УНПРОФОР во Бели Манастир, биле пренесени во подрумот на СВР Бели Манастир, каде што полицајците им ја истрижале целата коса, ги навредувале, тепале, а потоа и ги силувале.
„Една малолетничка била принудена да пие врела вода. Поради силувањето што го преживеала, една жена, која била бремена, го изгубила своето дете, додека на една малолетничка, при тепањето, полицајците ѝ го повредиле ушното тапанче“, се вели во соопштението на ФХП.
Судот во Србија, за убиство на најмалку пет хрватски цивили, за незаконско затворање, за повреда на телесниот интегритет, заплашување, тортура, терор и за нечовечки третман на цивили, во просториите на СВР Бели Манастир, во периодот од август до крајот на 1991 година, осуди четворица полицајци.
Осудени беа полицајците Зоран Вукшиќ, на 20 години затвор, Слободан Стригиќ, на 10, Бранко Хрњак, на 5 и Велимир Бертиќ, на една и пол година затвор.
Силувањето на притворените жени во 1993 година, не беше дел од ова обвинение и не е познато дали ова злосторство воопшто било покриено со оваа истрага, се вели во соопштението на ФХП.
Се додава оти од почетокот на гонењето на воените злосторства пред судовите во Србија, само во седум случаи, предмет на обвинение била сексуалната злоупотреба извршена за време на вооружениот конфликт во поранешна Југославија.
„Затоа ФХП го повикува Обвинителството за воени злосторства (OВЗ) да ги истражи наводите од поднесената кривична пријава, одговорните да ги процесира, и да придонесе кон прекин на молкот, за сексуалните злосторства извршени за време на конфликтот во поранешна Југославија“.
ОВЗ во наредниот период треба да одлучи дали ќе поднесе обвинение врз основа на кривичната пријава на ФХП.