Анализи

Криволовот низ правосудството: Пукај си, плати си!

Условни и парични казни овозможуваат неказнивост за криволовство

Да не беше фотографијата од заменик-директорот на „Македонија пат“, Сашо Дранго, како позира со оружје покрај убиена мечка, веројатно немаше да се отвори јавно темата за незаконски лов.

Сѐ тргна од фотографијата што ја објави Анима мунди на Фејсбук. Се засили со реакции на социјалните мрежи за убиената мечка и функционерот што седи покрај неа како пред трофеј. За кусо време, до битолското обвинителство допре гласот на јавноста, па отворија предмет и истражуваат дали Дранго незаконски ловел дивеч, кој, според Законот за дивеч и ловство, е трајно забранет.

Во меѓувреме, во полицискиот билтен се најде информација за ново апсење на четворица кај Гевгелија за незаконски лов и недозволено тргување со оружје.

По трагите на тоа дали и колку се ловат криволовците кај нас, БИРН анализираше пресуди за незаконски лов во изминатите пет години. Анализата покажа дека за тој период објавени се педесетина. Казните се условни или парични глоби.

Пиши условна

Малку случаи и уште помалку осудителни пресуди | Илустрација: БИРН

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека нема многу пресуди за незаконски лов. За пет години, поточно од 2019 до 2023 година, за незаконски лов, обвинети биле 42 лица.

Осудителни пресуди биле донесени само во 18 случаи. Тоа значи дека годишно има по тројца до четворица сторители што одговарале за криволовство пред законот.

Во 2021 и во 2022 година нема ниедна пресуда за незаконски лов.

„Извршиле отстрел и убиле дива свиња со тежина од 60 килограми“, пишува во пресуда што дебарскиот судија Оруч Абазовски им ја изрекол на тројца обвинети жители на Центар Жупа.

Вината на обвинетите е што незаконски ловеле во време кога ловот е забранет. Дебраните добиле условна затворска казна од три месеци, која нема да се спроведе ако во една година не направат ново кривично дело. Осудените биле задолжени да платат и по 2.000 денари за судски трошоци. Судот им ги одзел уловениот дивеч, ловната пушка и патроните.

И беровски пензионер бил осуден на три месеци условна затворска казна за незаконски лов. „…Неовластено, без поседување дозвола за пушката и без дозвола за лов“, „ловел дивеч во забрането ловиште без концесија за лов на дивеч, при што околу 7.45 часот бил затечен од патрола на МВР Берово“, стои во пресудата.

Казните за незаконски лов зависат од тоа дали станува збор за лов на дивеч за време на ловостој, кога казната е парична или затвор до шест месеци. Ако неовластено се лови во забрането ловиште, или ако се убие, рани, или фати жив дивеч, пропишана е парична казна или затвор до една година.

Највисоките казни се кога се лови редок или проретчен дивеч.

Законот за дивеч и ловство, меѓу другото, трајно забранува лов на деведесетина видови животни, меѓу кои, мечка, рис, верверица, повеќе видови був, штркови…

За тоа е пропишана парична глоба или затвор до три години. Но, и тогаш, кога има највисоки пропишани казни и кога има предмети каде што се ловат забранети видови, судовите определуваат условни казни.

Така, во една од пресудите од 2019 година, која се однесува на криволовство на заштитен дивеч, пишува дека тројца обвинети неовластено ловеле во забрането ловиште и без дозвола, „застрелале и убиле висок и проретчен дивеч – три дивокози – дивокоза со две младенчиња, со што го оштетиле концесионерот Здружение на ловци Тиквешија од Кавадарци“, пишува во пресудата.

За ова обвинетите биле осудени на условни казни затвор од по четири месеци.

Oсвен условни, како најчести, судовите изрекувале и парични казни за лов на дивеч во ловостој или поради неовласено ловење.

Тетовец, во 2022 година бил обвинет затоа што, иако знаел дека од февруари до септември има забрана за лов, ловел дивеч спротивно на законот за ловство. Ловочуварот од ловечкото друштво „Шар Планина“ го затекнал обвинетиот како влече усмртена дива свиња, па го пријавил. Судијата потврдил дека е виновен и го осудил да плати глоба од 300 евра.

Во 2022 година, на двајца кочанци, за незаконски лов им биле изречени парични глоби од по 150 евра. Обвинетите признале дека се виновни.

Меѓу пресудите се наоѓа и таква за четворица гостиварци, кои во 2019 година биле осудени за незаконски лов и требало да платат глоби од по 400 евра затоа што неовластено ловеле во забрането ловиште, а и немале дозвола за ловење од концесионерот.

Само двајца ловни инспектори на цела држава

Во државата има само двајца ловни инспектори | Фото: Pexels

„Поразително е тоа што вакви дела неретко се однесуваат на видови што се заштитени со дури два закона, Законот за заштита на природата и Законот за дивечот и ловството“, вели Александар Павлов, биолог од Македонското еколошко друштво (МЕД).

Павлов нагласува дека малубројни се случаите што завршуваат со пресуда, споредено со бројот на пријави и со подигнати обвиненија.

„Сметам дека културата на неказнивост ќе опстојува сè додека поголем акцент не се стави на овој тип криминал и овие дела не добијат поголема тежина кај институциите. Притоа, треба да се воспостави пракса на заемна соработка и координирано меѓуинституционално дејствување“.

За да се направи тоа, како што вели Павлов, неопходни се обуки за кривични дела против дивиот свет наменети за правосудните органи, инспекциските служби, но и за ловочуварските и ренџерските служби.

За тоа дека државата мрзеливо и стихијно се бори против ваквиот тип еколошки криминал, говори и податокот од извештај на Државниот инспекторат за шумарство и ловство од 2024 година, дека во Македонија има само двајца активни инспектори за ловство.

„Не можеме да очекуваме успешна борба против криволовот со олку оскуден кадар. Надеж полагаме и во евентуалното формирање посебна единица за сузбивање на еколошкиот криминал во рамки на МВР. Постојат позитивни сигнали ова да се оствари“, заклучува Павлов.