Интервјуа

Лазарова-Трајковска: Правдата е жртва на закрпени закони

Интервју со врховната судијка Мирјана Лазарова-Трајковска

Стамена, тивка и одмерена. Некои би рекле судија од „стар ков.“ Речиси и да нема човек во правосудството што не би ја опишал како редок и угледен правен авторитет.

Мирјана Лазарова-Трајковска е судијка со впечатлива биографија. Првата директна асоцијација за неа е тоа што беше судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Таа претходно беше уставна судијка, како и претседателка на Државната изборна комисија, помошник-министерка за управни работи, раководителка во Министерството за надворешни работи.

Била ангажирана од Советот на Европа и од Венецијанската комисија, објавувала публикации, текстови и анализи од областа на човековите права, уставното и изборното право. За нејзиното име не се врзува ниедна афера или скандал.

Кога ја посетивме во нејзината канцеларија на осмиот кат во Врховниот суд, беше тивко. Неколку обемни папки со предмети, закони и подзаконски акти на работната маса.

„Овде сме со Џорџ Буш“, ни рече, покажувајќи ни кон ѕидната фотографија од периодот по признавањето на Македонија под уставното име од САД, на која, на тогашниот американски претседател му подарува монографија за културното наследство на земјава.

Веднаш до неа уште неколку други фотографии како уставна судијка и како судијка во судот во Стразбур.

Во канцеларијата на Лазарова-Трајковска во Врховниот суд на РСМ | Фото: Р. Атанасовски

Во другиот агол, формалноста на светлата судиска канцеларија ја „разбиваат“ две карикатури со нејзиниот лик.

Во интервју за БИРН, таа зборува за состојбата во професијата, го анализира упадот на власта во судството преку амнестиите и менувањето на Кривичниот законик и за товарот што го носат чесните судии на сметка на оние другите.

Длабоко ме вознемирува непрофесионалноста

Во време кога секоја нова статистика мери сѐ поголема недоверба на граѓаните во правосудниот систем, Лазарова-Трајковска вели дека длабоко ја вознемирува непрофесионалното однесување, кое вели дека „се вгнездило во општеството генерално, па и во некои судии.“

Овде алудира на „јавашлакот, немањето однос кон јавното добро, незнаењето, умисленоста, нечитањето, ненадоградувањето, зборувањето напамет, себепреценувањето, потценувањето на другите, малограѓанските озборувања.“

Забележува дека македонските судови се кревки на влијанија и однадвор и однатре.

Често, како што вели таа, судовите се користат за „легитимирање политички одлуки што ја опструираат правдата.“

„Неколкупати се донесуваа закони за амнестија и се упаѓаше во постапки што течат. Најголемиот земјотрес беше измената на Кривичниот законик, за која сѐ уште не можеме да предвидиме какви сѐ последици ќе ги има.“

Лазарова-Трајковска, како потпретседателка на панелот за избор на судии при ЕСЧП, е воздржана околу листата на македонски кандидати за судија во овој суд. Вели дека постапката за избор низ годините станала сѐ покомплексна, а панелот, од кој, таа е дел, може, не само да ја потврди, туку и да ја врати делумно или целосно листата на секоја од земјите, како што тоа се случувало досега.

Судиите, смета таа, со тоа беа ставени пред свршен чин: „Сѐ што ќе се згреши при донесување на законите, на крај мора да има судска разврска. Очите на граѓаните се вперени кон судството и тие велат ‘ние овде ја бараме правдата’.“

Сепак, самокритички нагласува дека не смее да се заобиколи и очигледното.

„Имавме судии што беа фатени во корупција и не треба да се замижува пред тие предмети. Напротив. Треба да се анализира што не било направено, и што треба да се направи. Таквите предмети покажуваат дека, сепак, има моменти кога системот се вклучува.“

Прашавме дали е допустливо судење за обвинети функционери за висока корупција што трае по пет и повеќе години и да биде без пресуда.

Без двоумење одговори: „Апсолутно неприфатливо.“

Особено е болно и поразително, вели таа, кога, не само јавноста, не само судиите, туку и Судскиот совет препознава за кои судии се работи. „На пример, во завршени предмети не ја пишувале пресудата со месеци, иако за тоа има законски рок.“

Ова, според неа, дополнително го бетонира впечатокот за лошата слика за судството. „Сметам дека мнозинството судии добро си ја работат работата, а тој мал број судии никако да се соочи со казнивоста.“

Повисока казна за кражба, отколку за злоупотреба на власт

Лазарова-Трајковска вели дека се очекува судството да ги реши пропустите на целиот систем | Фото: Р. Атанасовски

Еден од проблемите што создава чувство на нееднаквост и неправда се несомнено, измените на Кривичниот законик.

Лазарова-Трајковска потсетува дека „тoj e крпен, закрпуван и создава чувство на неправедност“, a доведува и до апсурди. Со измените од 2023 година, повисока затворска казна може да се добие за кражба, отколку за злоупотреба на службената положба и овластување каде што се обвинети државни функционери.

„Во одреден момент, некој добил енормно висока казна за разлика од друг. Првиот впечаток што го добиваат граѓаните е неправедноста, правната несигурност и принципот на легитимни правни очекувања.“

Се осврна и на казнената политика во сообраќајните несреќи, за кои, особено по несреќата во која загина младата Фросина Кулакова, имаше многу реакции во јавноста. Вели, секој пропуст во сообраќајот резултира со трагедии што не може да ги поправа само судството.

„Тие се резултат на лоша превенција, немањето казни кога се прават почетните сообраќајни прекршоци и тоа трае со години. Тоа е цел систем на сврзани садови. Ние гледаме дека тој систем од алки не функционира и се чека судот да ги казни сторителите и да излезе со драконски казни и онаму каде што сите други институции претходно потфрлиле.“

Затворот не смее да биде одмазда

„Премногу ниски и обратно, престроги казни ја поткопуваат правдата“ | Фото: Р. Атанасовски

Предметите што се водат под јавен мониторинг не смеат да бидат различно водени од другите предмети и да имаат друг исход. Се случува токму поради тоа, како што вели, да се прават отстапки од судската пракса, што доведува до правна несигурност кај сите учесници во постапката.

„Има предмети, кои судиите, под пресија на јавноста, ги забрзуваат и ги завршуваат брзо, па прават пропусти од процедурален аспект и затоа повисоките судови мора да ги укинат и да ги вратат назад.“

Лазарова-Трајковска вели дека судовите мора да бидат отворени за јавниот глас. „Но, тоа не смее да биде водилка во пресудувањето.“

На иста линија размислува и кога е во прашање казнената политика, која често е мета на критика во однос на висината на казната. „Премногу ниски и обратно, престроги казни ја поткопуваат правдата“, смета таа.

Во Македонија речиси и да не заживеа системот на општествено корисна работа, која подразбира вклучување на затворениците во општествени активности. Во развиените демократии, тие се користат за кривични дела од полесна природа. „Кај нас сѐ е сведено на парична казна или затвор.“

„Казнената политика не треба да биде одмаздољубиво настроена, инаку ние би останале на нивото „око за око, заб за заб.“ Целта е да ресоцијализира осудениот и да му се даде шанса на тој што го сторил делото да стане подобар човек, да го смени своето однесување.“

Се разбира, вели таа, дека казната треба да има и превентивна улога, да ги одврати сите оние што помислиле да направат кривично дело дека им следува одредена казна.

Од друга страна, пак, смета дека нашите затвори „не се подготвени да ги социјализираат затворениците. Секој судија, обвинител и адвокат, на почетокот на кариерата мора да влезе во тие институции, да види како тие изгледаат внатре.“

Потсетува дека, со години, од Комитетот за превенција од тортура на Советот на Европа добивме многу лоши извештаи, не само поради условите, туку и поради корупцијата. Тоа, вели, е недопустливо.

Не може еден чесен судија на грб да носи десет недостојни

Задоволна е од тоа што го сработеле како работна група за новиот закон за Судскиот совет | Фото: Р. Атанасовски

Лазарова-Трајковска е претседателка на работната група за новиот закон за судскиот совет. Досега работеле на препораките на оценската мисија на ЕУ и на насоките од националната стратегија…

„За оваа верзија, овој прв предлог-закон, очекуваме од Венецијанската комисија да добиеме фидбек, забелешки. Ние повторно ќе седнеме како работна група пред да го предадеме на Министерството за правда.“

Таа го дели впечатокот на дел од јавноста дека имаме инфлација на закони, а од друга страна, исклучително мала доверба.

„Честите измени на закони, подзаконски акти и политики ја надминуваат моќта на граѓанинот да ја следи, да ја разбере или да ѝ верува на законската рамка. Тоа создава правна несигурност, ги изместува правните очекувања и „го обременува правото и правдата со бирократизирани постапки.“

Но, независно од промените на законите што треба да ги пополнат слабостите, таа нагласува дека клучно е да владее системот на заслуги.

„Не може еден добар судија да носи на грб десет други што не си ја знаат работата. Не може еден стручен работник да го носи товарот на целата стручна служба.“

Истовремено, наспроти лошиот имиџ на судството, таа е уверена дека со личниот интегритет на секој судија може да се зајакне угледот на судството како целина.