Ракопис

„Ленинградска“

Раскази: Улиците што ги нема

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Некој упорно тропаше на вратата. Да имав ѕвонче, ќе уживав уште повеќе во продорното кинење на мојата долгогодишна тишина. Надевајќи се дека најпосле доаѓаат да ми го приведат, да ми го затворат разбеснетиот мерак, со брз, радосен чекор се упатив да отворам. 

* * *

Живеам сам на „Ленинградска“, на „Стив Наумов“ по ново, очи в очи со поликлиниката на МВР. Далеку пред мене – СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“, зад мене – Управата за јавни приходи. Обожавам хот-дог и имам една голема мана, всушност, полуден мерак по нешто што не треба. Што не смее. Но, бидејќи мераците не се луѓе, не одат покрај нас и не се гледаат, сѐ до 29.11., никој не нѐ знаеше. Ни мене, ни него, мојот жолт, блескав, скапоцен мерак. Но, на 29.11., Денот на Републиката на бившата СФРЈ, роденденот на Жак Ширак и ден на смртта на Џакомо Пучини и Кери Грант, на повеќе локални портали се појавија слични прилози за мене, од кои, земајќи ги предвид околностите и занемарувајќи ги направените грешки и особено насловите, главно сум стаписан. Најточен и дури неочекувано егзактен за вообичаеното дневно портално новинарство во Македонија беше насловот За еден ден украл три златни синџирчиња вредни 500 евра во кој сѐ, освен глаголот, е прецизно како болка. А новинарскиот избор на глаголот (украл) повеќе го сфатив како додворување до сензационалистичкиот уредник на рубриката, отколку како тенденциозно преименување на дејството од реалноста. Фактот што синџирчињата ги зедов, а не ги украдов, во однос на 500-те евра и едниот ден, не менува ништо особено, но, по однос на начинот на извршеното дејство дава делумно погрешна слика. Иако патот од земање до крадење се поминува за исто време со какво било движење, јас сепак не ги украдов од скопјанките В.Б., В.Ј. и Ц.М. (на еден портал) и Б.Р. и В.Ј. (на друг) кои, патем речено, во стварноста беа само две и имаа сосем други иницијали. Едноставно, јас им ги зедов златните синџирчиња откопчувајќи ги мошне внимателно од нивните вратови. В.Ј. која е напишана така на двата портала е всушност В. К. – Виолета Калешова, другарка на сестра ми, а останатите спомнати В.Б. Б.Р. и Ц.М. се однесуваат на Ц.Б., на Цвета Бетовска, мајка на оној Мими, Мими од мое маало со витканата коса. Значи, зедов три синџирчиња од два врата во вредност од 500 евра за еден ден, а не за еден час, како што пишуваше: Разбојникот кој веќе со месеци им краде златни синџирчиња на скопјанки, повторно нападнал. Тој само за еден час ограбил три жени. Но, нема потреба понатаму да се задржуваме на порталите, затоа што сите одлично знаеме какви се нивните вистини.

Од сите хот-догови во градов, периодов најмногу ми се допаѓа оној од „Спицикото“ во ГТЦ. Затоа речиси секое пладне одам таму. Не ми е блиску, ама, одам. Од мојата улица до Булеварот „Кочо Рацин“, право по него до „Шпар касе“, па преку пешачкиот премин, покрај скулптурата „Риба“ на Грозданка Каникова првично поставена пред „Бристол“, брзо-брзо пренесена овде, потоа по целата должина на „Мирче Ацев“, ја пресекувам и „Филип II Македонски“ и право во ГТЦ. Два хот-дога со сѐ! велам, ми ги даваат топли само со сенф, одам и јадам по истиот пат, само во обратната насока. Кога ќе стигнам дома, не сум гладен, ама не сум ни којзнае колку сит. Но, празнината од мал ја надополнувам со златни синџирчиња, не со храна. Иако одамна ја надминав фазата на страдање што сакам нешто што не смее да се сака, сепак одвреме навреме ми доаѓа да се посрамам и пред себеси . Меракот ме брука. Се нема контрола на него, иако знам, кога би се имало – не би бил мерак… Минаа годините кога заработував и кога меракот си го држев в џеб: земи плата, купи си златни синџирчиња за сите пари. Никој ни видел ни чул, а ти си уживаш во волшебното откопчување и закопчување на вратот на болката сѐ до наредниот месец, а потоа, откако ќе си купев нови, старите синџирчиња не ги тргав од пред очи, туку внимателно ги закачував на ѕид и тоа секое на свој клинец. Прекрасно беше, ама… помина. Не сум виновен јас што се случи така како што се случи во земјава. Да се преименуваат улици, да се преместуваат споменици, да снема плати, да снема сѐ, само меракот, пустиот, да остане. Го криев мојот дур’ се можеше, а потоа ми побегна и јас почнав не да купувам, ами да земам златни синџирчиња без кои мојот живот немаше речиси никаква смисла. Не можев да живеам без нив, како што други не можат да живеат без љубов, без секс, без… Откако ги зедов сите синџирчиња на мајка ми, сестра ми, на роднините и пријателите,.. почнав да земам и од други познајници. Никогаш не сум откопчал златно синџирче од непознат врат. Сета среќа што познавам многу луѓе, што сум од старо скопско семејство, па се надевав дека никогаш нема да дојде денот кога ќе морам… Скраја да е, тоа навистина би прилегало на крадење, а јас на разбојник.
Другарката на сестра ми, Виолета Калешова, ја знам од дете. Здраво, здраво, што правиш? Еве… Веднаш го забележав златното синџирче на нејзиниот врат. Не се чувствувам виновен што таа наместо да ми рече здраво и да си продолжи во ГТЦ, застана и ми се расприкажа. Молчев, плашејќи се да ја погледнам в очи за да не ми го види проклетиот мерaк во нив, за да не види дека одамна никој не разговара со мене, ни мајка ми, ни сестра ми, ни сите роднини и пријатели,.. а и за да не ми се стркала погледот удолу по нејзиниот врат.
– Дај ми со синџирчето – наврапито ѝ реков. – Не сакам да ти го скинам.
В.Ј. како што ја пишуваа на двата портала, моите зборови ги почувствува како пиштол вперен в лице и речиси нечујно, ми рече:
– Земи го.
Тогаш најнежно што умеам го откопчав златното синџирче од нејзиниот врат, и пред да ѝ се заблагодарам, здогледав уште едно долго, тенко синџирче што бесрамно ѝ влегуваше во градите. Внимателно го извлеков оттаму, трудејќи се воопшто да не ѝ ги допрам малите цициња скриени во пуш-ап градник.
– Благодарам, чао, ќе се видиме – промрморив и брзо-брзо се упатив дома. Пешки, се разбира, зашто и автомобилот и велосипедот… одамна ги претворив во златни синџирчиња кои, ене ги, стојат закачени на ѕидот како старински молерај.
Квечерината, тетка Цвета, мајка му на Мими, Мими со витканата коса, само што не ја турнав забрзано преминувајќи го булеварот.
– Каде брзаш толку?
– Студи, тетка Цвета, студи…
– Па што ако студи, море човек, облечени сме!
Ми светна нешто во окото и повторно ме обзеде меракот. Ја фатив жената за рака и грубо ја повлеков кон тротоарот, за да не ја прегазат додека ѝ го барам синџирчето. Булевар „Кочо Рацин“ е тоа, не е шега! Шибаат луѓето со стотка! Дури кога бев сигурен дека ништо нема да ѝ се случи, ѝ го побарав синџирчето, а откако и таа пребледена ми рече Земи го, кутар човеку, сраму за семејството!, мошне брзо го сторив токму тоа.
Само некој ден по 29.11., по Денот на Републиката на бившата СФРЈ, роденденот на Жак Ширак и денот на смртта на Џакомо Пучини и Кери Грант, една телевизија во вечерните вести емитуваше прилог за мене. Зборуваше млада новинарка што не ја знам и тоа во живо од Булеварот „Кочо Рацин“. Имаше златно синџирче во своето длабоко деколте под откопчаната јакна и јас се посрамив пред себеси од сопствената страст. Меракот што ми стоеше на ѕидот на недобројни клинчиња, ми се откопча од умот и во десетици низи се обвитка околу моето срце. Проклет мерак, у пизду материну! си реков и го угасив телевизорот.

* * *

Широко ја озабив вратата. Пред мене стоеја двајца полицајци.
– Добре дојдовте – им реков. Нивните очи ме одминаа и се заковаа на ѕидот зад мене, накитен со златни синџирчиња. – Носете го, проклет мерак! Дајте лисиците, вадете пендрекот! Приведете го, затворете го!
Цела „Ленинградска“, по ново „Стив Наумов“, блесна како злато на вратот на градот.