Клупа во градскиот парк на некој неважен град. Човек седи на клупата и чека. Според некои стереотипи за тоа како изгледаат луѓето на 43 години, човеков има токму толку. Облечен е во тесни пантaлони, некој би можел да помисли дека се хеланки, бела колула широко раскопчана, кога би бил девојка секој минувач би сакал да ѕирне во деколтето, но маж е, а и нема минувачи. Не случајно нема минувачи, кој будала би излегол надвор на вакво одвратно магливо време. Значи магла е и загадувањето е во црвените зони. Затоа човекот одвреме-навреме поткашлува.
Му приоѓа господин, кој би требало да му е врсник. Отпрво застанува до клупата. Новодојденецот гледа во староседелецот, староседелецот гледа напред во некоја точка и не е заинтересиран за новодојденецот. Овој вториов е облечен во скап костум, од чијшто внатрешен џеб вади пура, елегантно ја потпалува, вовлекува длабоко, иако пурите би требало само да се павкаат, а потоа почнува разговор.
А, да, пред да преминеме на разговорот, уште неколку неважни податоци. Овој што седи се вика Флорентино, иако во земјата каде што престојува го викаат Цветко. Колумбиец е и гостин-инструктор во Школата за танц за несреќни љубовници, јавно-приватно партнерство помеѓу Министерството за култура на една земја и Центарот за спречување суицидни актови на истата таа земја. Овој со пурата се вика Хувенал, но во изводот од матично по грешка го запишале како Александар, па подоцна сите го завикале Ацо. Ацо не е танчар. Но, затоа Фермина е. Која е, пак, сега Фермина? Неа нема да ја видите во оваа сцена. Но, нејзиниот дух ќе седи некаде во седмиот ред на гледалиштето. Она слободно столче што го гледате, мислам дека е со број тринаесет или можеби четиринаесет, е за нea. Фермина, освен како дух, постои и во човечки облик. Се вика Сандра. И неa нема да ја видиме, затоа нема да ве тормозам со податоци за нејзиниот изглед. Освен дека е многу убава.
Апсење
АЦО: Магливо денеска, а?
(Цветко само гледа напред во една точка.)
АЦО: Викам, не чини времево. За никаде е.
ЦВЕТКО: Да, за никаде е.
АЦО: Имаш чуден акцент, не си од овде?
ЦВЕТКО: Не.
АЦО: Да погодам?
ЦВЕТКО: Не.
AЦО: Од Свирипичино.
ЦВЕТКО: Да.
(Ацо седнува до него на клупата, ја испружува раката на наслонот од клупата, зад грбот на Цветко. На Цветко му е непријатно.)
ЦВЕТКО: Чекам некого.
АЦО: Сите чекаме некого.
ЦВЕТКО: Госпоѓата само што не е пристигната.
АЦО: Ајде? Епа, топ. Можеме да си направиме малку муабет.
ЦВЕТКО: Не сум расположен.
АЦО: Зошто бе? Поради времето? Не е добро човек да е метеопат. И јас бев на времето. Чај од коприва, батка. Или виски џејмисон. Секое сабајле на гладно. Ако нема, може и омлет со топено сирење и греан коњак. Ако си заглавил во стриптиз-бар вечерта помага и кафе, ама не какво било, туку етиописко, без шеќер. Ако и тоа нема, а знаеш овде кантините во затворите не се баш најдобро снабдени…
ЦВЕТКО: Какви затвори?
АЦО: Е какви де…
ЦВЕТКО: Сте се препознале.
АЦО: Чекаш една женска, така?
ЦВЕТКО: Тоа веќе самиот ви го кажав.
АЦО: Значи тој си. Јас не гледам ниеден друг во парков што чека женска. Всушност (се врти лево-десно), не гледам никој друг воопшто, ни што чека ни што не чека.
ЦВЕТКО: Имате одлична моќ на забележување.
АЦО: И други тоа ми го рекле.
(пауза)
АЦО: Пушиш?
ЦВЕТКО: Не.
АЦО: Некои пропушуваат во затвор.
ЦВЕТКО: Не сум бил во затвор.
АЦО: Зошто?
ЦВЕТКО: Зошто не сум бил во затвор?
АЦО: Не бе батка. Зошто не пушиш?
ЦВЕТКО: Имам професија што не ми дозволува.
АЦО: Ајде? Штета. Па, што одбирате такви професии, бе батка. Барем професијата секој сам може да си ја одбере. Или ти си од оние мамини синови на кои од дома им ја избираат професијата, а?
ЦВЕТКО: Вас не ви ја одбраа професијата од дома?
АЦО: Не, мене братучед ми ми ја подбра професијата.
ЦВЕТКО: Сам одбрав да сум танчар!
АЦО: Опааа, балетан, значи. (Му ја разгрнува кошулата, Цветко во одбрана му ја трга раката.) Со други зборови, пешко.
ЦВЕТКО: Не сум тоа што мислите.
АЦО: Некои во затвор стануваат пешковци. Знаеш како е, долго време без жена во близина и…
ЦВЕТКО: Не сум бил во затвор.
АЦО: Ни јас. Не си бил, ама па, која е гаранцијата дека никогаш нема да отидеш, така?
ЦВЕТКО: Тоа не важи само за мене.
АЦО: Опа, мудрец, а?
ЦВЕТКО: Чекам една госпоѓа.
АЦО: И пешковците чекаат госпоѓи. Викаат дека им се најдобри другарки.
ЦВЕТКО: Јас сум во љубовна врска со оваа госпоѓа.
АЦО: Ајде?
(Подолга пауза.)
АЦО: Е па гледаш, и јас сум во љубовна врска со таа госпоѓа. Јас сум ѝ маж.
ЦВЕТКО: Знам дека сте ѝ маж.
(Пауза.)
ЦВЕТКО: Ама знам и дека не сте во љубовна врска.
АЦО: Ајде? Од кај знаеш, бе? Таа тоа да не ти го кажа?
(Цветко молчи.)
АЦО (го фаќа за надлактицата): Ајде, одиме.
ЦВЕТКО: Не можам, ja очекувам.
АЦО: Нема да дојде.
ЦВЕТКО: Дали е добро?
АЦО: Дали е добро? Нормално дека е добро. Мора да е добро. Таа е мајка на мојот син. Ајде станувај!
ЦВЕТКО: Ако имате одмазднички планови, сторете го тоа овде. Нема никој.
АЦО: Одмазднички планови!? Јас на таков ли ти личам? Јас сум господин човек.
(Цветко го погледнува, ништо не одговара.)
АЦО: Види батка, јас сум службено овде. Имаме некои индиции за тебе. Морам да те приведам на информативен разговор.
ЦВЕТКО: Немам ништо направено!
АЦО: Сам си призна дека си во љубовна врска со мажена жена.
ЦВЕТКО: Тоа не е криминал!
АЦО. Не е… ама може да биде малку незгодно. Знаеш ли кој сум јас?
ЦВЕТКО: Да.
АЦО: И не ти е страв воопшто?
ЦВЕТКО: Не.
АЦО: Штета. Некои мислат дека се бестрашни, ама кога ќе отидат во затвор, ги фаќаат разни клаустрофобии, вакви фобии, такви фобии, не знам, не се разбирам ја во тие работи, така зборуваат. Ајде! Пред мене!
ЦВЕТКО: Не се поместувам одовде.
(Ацо вади пиштол и пука во воздух. Цветко изрипува во шок.)
АЦО: Нели не се плашиш бе, мангуп?
(Го крева за надлактицата и го турка пред себе. Го изнесува надвор од сцената. Затемнување.)
Испрашување
Сцената се осветлува. Гледаме некаква просторија која личи на подрум или подобро речено на некаков хангар. Нема прозорци. Има еден дел што е осветлен со рефлектор. Почнува музика. Цветко танцува. Некаква чудна изведба на „Аида“ од Џузепе Верди, би рекол. Кога завршува со танцот, се слуша аплуаз. Тоа е Ацо. Му се приближува. Му удира шлаканица.
АЦО: Колегата ќе те испраша, ја не сум нешто расположен.
(Ацо ја напушта сцената, влегува колегата. Колегата е баш онаков каков што си го замислувате, а и дијалогот ќе ви го потврди тоа.)
КОЛЕГАТА: Вие сте танчaр?
ЦВЕТКО: Тоа веќе го знаете.
КОЛЕГАТА: Не е важно што знаеме. Ова е официјален разговор и мора кратко и прецизно да одговарате. Вие сте танчaр, така?
ЦВЕТКО: Да.
КОЛЕГАТА: И танцувате?
ЦВЕТКО: Сосема логично.
КОЛЕГАТА: Во Танцовата школа за несреќни љубовници?
ЦВЕТКО: Така е.
КОЛЕГАТА: Каде што исто така инструктор е и неговата жена? (Покажува со показалецот во правецот каде што излезе Ацо.)
ЦВЕТКО: Не би знаел…
КОЛЕГАТА: Така е или не е така!
Цветко молчи.
КОЛЕГАТА: Добро. Име и презиме?
ЦВЕТКО: Се викам Цветко…
КОЛЕГАТА: Другар, ова е официјален разговор. Ме боли како те викаат. Мора со официјалните имиња.
ФЛОРЕНТИНО: Флорентино.
КОЛЕГАТА: Флорентино ху? Перез?
Ариза.
КОЛЕГАТА: Дали си спиел со жена му?
(Молчи. Ги шири рацете за да изрази чудење какво е ова прашање.)
КОЛЕГАТА: Добро, ајде малку да го предефинирам прашањето. Дали неговата жена спиела со тебе?
ФЛОРЕНТИНО: Да.
КОЛЕГАТА: Знаев дека ќе паднеш на полициска финта. Клучно во мојата професија е да знаеш како да го поставиш прашањето.
ФЛОРЕНТИНО: Вие тоа го направивте одлично. Признавам.
КОЛЕГАТА: Значи признаваш дека сум одличен во тоа што го правам?
ФЛОРЕНТИНО: Да. Не може да се порекне.
КОЛЕГАТА: Зошто тогаш не признаеш и дека сум одличен во кревет?
ФЛОРЕНТИНО: Не го реков тоа.
КОЛЕГАТА: Да, но кога сте ја легнале неговата жена…
ФЛОРЕНТИНО: Каква врска има тоа со Вас?
КОЛЕГАТА: Како бе каква! Ако сум добар во кревет и ако сакала да го изневери колегата, ќе легнела со мене, не со пешко како тебе… Така? (Му вперува пиштол в чело.)
ФЛОРЕНТИНО: Да, има логика.
КОЛЕГАТА: Драго ми е што се разбираме. (Го враќа пиштолот на појас.)
ФЛОРЕНТИНО: Не сум рекол дека сум ја легнал неговата жена.
КОЛЕГАТА: Како не? Да те потсетам дека разговорот се снима.
ФЛОРЕНТИНО: Знам.
КОЛЕГАТА: И не само овој, сите разговори се снимаат.
ФЛОРЕНТИНО: Тоа сите го знаат.
КОЛЕГАТА: Како тоа тогаш порекнуваш нешто што си го изјавил пред само неколку минути? (Гледа на саат.) Можеби пред само една минута. Дигитален ми е саатот?
ФЛОРЕНТИНО: Со здравје да си го носите.
КОЛЕГАТА: Не е од сега, баба ми ми го купи уште кога бев дете. Не беа тогаш вакви неквалитетни како денес! Глеј го, уште работи. (Му го покажува.)
ФЛОРЕНТИНО: Убав часовник.
КОЛЕГАТА: Добро, значи да се вратиме на разговорот. Значи потврдуваш дека си легнал со неговата жена…
ФЛОРЕНТИНО: Рековте дека сум ја легнал неговата жена, а јас таква формулација немам употребено.
КОЛЕГАТА: Добро. Ајде тогаш да го преформулирам прашањето. Со самото тоа што неговата жена спиела со тебе…
ФЛОРЕНТИНО: Добро.
КОЛЕГАТА: Односно, ти си прифатил да спиеш со неа…
ФЛОРЕНТИНО: Добро.
КОЛЕГАТА: Ти си помислил дека тој не е добар во кревет, и дека ти си во најмала рака подобар?
ФЛОРЕНТИНО: Не сум го помислил тоа.
КОЛЕГАТА: Како не си го помислил?
ФЛОРЕНТИНО: Едноставно, таа се соблече, јас се соблеков и се случи коитус.
КОЛЕГАТА: Каков коитус?
ФЛОРЕНТИНО: Полов акт.
КОЛЕГАТА: На работно место?
(Молчи.)
КОЛЕГАТА: Знаеш дека можеш да ја изгубиш работата за ова?
(Молчи.)
КОЛЕГАТА: Одговори ми, дали сте имале однос со жена му на нејзиното и твоето работно место?
(Молчи.)
КОЛЕГАТА: Добро, ајде да го преформулирам прашањето. Дали имавте секс во работно време на работно место?
ФЛОРЕНТИНО: Да.
КОЛЕГАТА: Ти реков дека сум мајстор да извлечам одговор.
ФЛОРЕНТИНО: Не порекнувам.
КОЛЕГАТА: Дали знаеш дека поради ова се добива отказ?
ФЛОРЕНТИНО: Не.
КОЛЕГАТА: И?
ФЛОРЕНТИНО: Што и?
КОЛЕГАТА: Добра беше?
(Се слуша истрел, колегата паѓа како покосен. Влегува Ацо со пиштолот в рака.)
АЦО: Беше мајстор за излекување одговори, ама љубопитноста го уби. Не е негова работа каква е жена ми во кревет, тоа не е дел од истрагата, така?
ФЛОРЕНТИНО: Така.
(Ацо го вади часовникот од раката на Колегата и си го става на својата.)
АЦО: Да не го сакаше за себе?
ФЛОРЕНТИНО: Не, фала.
АЦО: Имам цела колекција ролекси, ама сакам нешто што е туѓо. Тука сме исти, изгледа батка, а?
(Молчи.)
АЦО: И?
ФЛОРЕНТИНО: Што и?
АЦО: Што ќе преземеш во врска со тоа што веќе не работиш таму?
ФЛОРЕНТИНО: Ќе го напуштам четворособниот стан и ќе земам двособен.
АЦО: А не ти е малку подобро да ја напуштиш државава?
ФЛОРЕНТИНО: Не. Зошто?
АЦО: Па, затоа што се зборува дека низ шумите наоколу шета еден страшен волк.
ФЛОРЕНТИНО: Јас нема да влегувам во шумата.
АЦО: Веќе влезе, батка. Петнаесетина сантиметри си внатре.
(Пауза,)
АЦО: А да си се вратиш дома?
ФЛОРЕНТИНО: Не, овде ми е поубаво.
АЦО: Поубаво ти е а! А што знам дека платата таму е два пати повисока?
ФЛОРЕНТИНО: Што со тоа?
АЦО: Тоа значи дека сакаш да останеш поради друга причина, не поради пари?
ФЛОРЕНТИНО: Океј ми е и со помалку. Ќе држам приватни часови…
АЦО: На жена ми?
ФЛОРЕНТИНО: Не верувам дека би ја пуштиле.
АЦО: Па, нормално! Ти би ја пуштил жена ти на приватни часови кај љубовникот?
ФЛОРЕНТИНО: Не сум женет.
АЦО: Паметно.
(Пауза. Ацо вади лист хартија и му го подметнува на масата пред Флорентино.)
ФЛОРЕНТИНО: Нема шанси да се согласам на ова!
АЦО (му го става пиштолот на срцето): Можам да направам дека си се самоубил со четири куршуми в срце.
ФЛОРЕНТИНО (гледа во мртвиот): Двајца сме се убиле со ист пиштол!?
АЦО: Да бе. Економични самоубијци.
ФЛОРЕНТИНО: Тоа нема да ви помине.
АЦО: Кој ти вика!? Да знаеш шо сѐ ми поминало, ќе се усереш во гаќи.
ФЛОРЕНТИНО: Не можам да потпишам доброволна кастрација. Пукај!
АЦО (му го вперува пиштолот под појас): Сакаш јас да те кастрирам наместо овластен доктор?
ФЛОРЕНТИНО: Немам потпишано.
АЦО: Ајде? А, па, си извинувам, батка, тогаш. Заборавив дека и колегава немаше потпишано проштално писмо. Сакаш да го напишеш место него?
ФЛОРЕНТИНО: Врзани ми се рацете.
АЦО: Добар одговор.
(Пауза. Ацо шета околу Флорентино.)
АЦО: Дали тоа значи дека меѓу вас се роди љубов?
(Молчи.)
АЦО: Можеби не сум вешт како колегава, ама можам да го предефинирам прашањето?
ФЛОРЕНТИНО: Не мора. Да, признавам, се роди љубов.
АЦО: Малку ви беше коитусот, моравте и да се затрескате еден во друг, така?
ФЛОРЕНТИНО: Тоа се случи спонтано, господине началниче.
(Шета. Пали пура. Пак шета.)
АЦО: Знаеш ли дека можам да те убијам?
ФЛОРЕНТИНО: Знам.
АЦО: И?
ФЛОРЕНТИНО: Што и?
АЦО: Што ќе преземеш во врска со тоа?
ФЛОРЕНТИНО: Во врска со тоа вие треба да преземете нешто, не јас.
АЦО: Во право си. (Пауза.) Ќе се напиеш нешто?
ФЛОРЕНТИНО: Не пијам.
АЦО: Ајде?
ФЛОРЕНТИНО: Ќе ми пречи во танцот.
АЦО: Ама ти не танцуваш веќе, заборави?
ФЛОРЕНТИНО: Ставете тогаш едно виски.
АЦО: Џек или џони?
ФЛОРЕНТИНО: Нема џејмисон?
АЦО: Нема.
ФЛОРЕНТИНО: Ништо тогаш.
АЦО: Ме одбиваш?
ФЛОРЕНТИНО: Да, не пијам ни џек ни џони.
АЦО: Ајде?
ФЛОРЕНТИНО: Лошо ми влијаат на танцувањето.
АЦО: Ајде да го преформулирам ова: ти батка не танцуваш веќе!
ФЛОРЕНТИНО: Уште немам добиено отказ. Формално…. Има еден приватен клуб, тука во близина…
(Го погодува во колено.)
АЦО: Слободно прати си-ви. Да ти го позајмам лаптопот.
ФЛОРЕНТИНО (во грч): Не треба.
АЦО: Може да се игра балет без едно колено?
ФЛОРЕНТИНО: Зависи на која нога ги правиш пируетите.
АЦО: Ти на која ги правиш?
ФЛОРЕНТИНО: Нааааа. Оваа упуканава.
АЦО: Сигурно?
ФЛОРЕНТИНО: Сто насто.
АЦО: Добро.
ФЛОРЕНТИНО: Може да дојде некој да ме преврзе, да не искрварам?
АЦО: Може. Ама пред да искрвариш, јас би сакал да поставам уште неколку прашања ако може?
ФЛОРЕНТИНО: Па, ако мора…
АЦО: Мора!
ФЛОРЕНТИНО: Добро.
АЦО: Дали за време на тоа, како го викаш ти…
ФЛОРЕНТИНО: Коитусот…
АЦО: Да, тоа. Дали таа ти спомна за некои мои тајни сметки.
(Молчи.)
АЦО: Да го предефинирам прашањето?
ФЛОРЕНТИНО: Да.
АЦО: Да, за прашањето или за одговорот.
ФЛОРЕНТИНО: Ми кажа за неколку бизниси, ама јас бев толку обземен со нејзините гради и со…
АЦО: За кои бизниси поконкретно…
ФЛОРЕНТИНО: Ви велам јас бев повеќе фокусиран на нејзиното тело.
АЦО: И не слушна ништо.
ФЛОРЕНТИНО: Слушнав, ама не запомнив.
АЦО: Сигурно.
ФЛОРЕНТИНО: Сто насто.
АЦО: Да предефинирам?
ФЛОРЕНТИНО: Слободно.
АЦО: Добро, ако ти така тврдиш.
ФЛОРЕНТИНО: Гарантирам со глава.
АЦО: Океј, тогаш ќе се извлечеш со печат.
ФЛОРЕНТИНО: Каков печат?
АЦО: Црн.
(Од внатрешниот џеб на мртвиот колега вади печат, а од внатрешниот џеб на Флорентино вади пасош. Го отвора пасошот и удира печат. Флорентино болно извикува, повеќе го боли отколку разнесеното колено.)
ФЛОРЕНТИНО: Неееее! Неееее! Нејќам да си одам одовде! Нејќам да си одам од неа!
(На сцената влегуваат двајца полицајци. Едниот зборува, другиот молчи како нем.)
ПОЛИЦАЕЦОТ: Ќе мора да апсиме.
АЦО: Носете го!
ПОЛИЦАЕЦОТ: Имаме налог за вас да ве апсиме.
АЦО: Мене. Ај не ме заебавај, не сум расположен.
ПОЛИЦАЕЦОТ: Така пишува во налогот.
АЦО: Зошто? Што сум направил? Овој идиотов сам се упука.
ПОЛИЦАЕЦОТ: За него океј, ама ве фатиле во некој ситен криминал.
АЦО: Нема шанси! Јас правам само крупен криминал! (Го граба налогот, го чита.) Невин сум за делово.
ПОЛИЦАЕЦОТ: Ќе мора да докажете на суд.
АЦО: Јас не одам на суд, будало!
(Полицајците пробуваат да го приведат. Тој дава отпор. Додека се обидуваат да го уапсат, се слуша истрел. Танчарот е ранет и во другото колено.)
ФЛОРЕНТИНО: Аааааа!
ПОЛИЦАЕЦОТ: Де бе па ти за едно колено?
ФЛОРЕНТИНО: На оваа нога правам пируети.
ПОЛИЦАЕЦОТ: Е јеби га.
АЦО: Лажго! Рече на другото! Уапсете го!
ПОЛИЦАЕЦОТ: Немаме налог за него.
(Го изнесуваат Ацо со лисици на рацете.)
ФЛОРЕНТИНО: Чекајте, а јас?
(Едниот полицаец се враќа кај Флорентино, го одврзува.)
ПОЛИЦАЕЦОТ (му го гледа пасошот): Вие ќе мора да ја напуштите земјата во рок од три дена.
ФЛОРЕНТИНО: Но, зошто, ништо не сум направил?
ПОЛИЦАЕЦОТ: Имате црн печат во пасошот.
ФЛОРЕНТИНО: Ама бесправно ми е ставен!
ПОЛИЦАЕЦОТ: Брат, печат во пасош не се брише. Жал ми е.
ФЛОРЕНТИНО: Ама јас ја сакам!
ПОЛИЦАЕЦОТ: Брат, како да ти кажам. Во погрешно време си се заљубувал.
КРАЈ