Регион

Лукиќ ослободен под услов да не ги негира воените злосторства

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Сретен Лукиќ во судницата на Хашкиот трибунал, во април 2005 година. Фото: EPA/Бас Червински/ПУЛ

Откако официјалните претставници на ООН, во неколку наврати, изразија загриженост поради негирањето на злосторствата преку медиумите од страна на ослободените воени злосторници, ММКТ му забрани на генералот на српската полиција, Сретен Лукиќ, да ги негира злосторствата извршени за време на војните во Југославија, како услов за негово пуштање на слобода.

Лукиќ, кој беше пуштен во петокот, се врати во Србија, прифаќајќи го и условот да не дава изјави за медиумите и да не ги величи другите воени злосторници.

„Нема да давам изјави што ги негираат злосторствата за кои беше надлежен МКТЈ (Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија) ​​и над кои Механизмот (за меѓународни кривични трибунали) ја задржа надлежноста, извршени за време на конфликтот во поранешна Југославија“, вети Лукиќ во договорот за условно ослободување.

„Под никакви околности, директно или индиректно, јавно нема да се согласам со величењето на лицата осудени од МКТЈ или Механизмот, ниту пак, на кој било начин, ќе придонесам за величење на тие лица“, додаде тој.

Лукиќ вети дека нема да „разговара преку социјалните мрежи, со медиумите, ниту со некого друг, освен со мојот евентуален правен застапник, кого Механизмот го признава, освен ако однапред не добијам конкретно одобрение за тоа од претседателот“.

Јована Колариќ од Фондот за хуманитарно право (ФХП) со седиште во Белград, вели дека одлуката доаѓа откако во неколку наврати беше изразена загриженост во врска со медиумските настапи на ослободените воени злосторници, од страна на претседателот на МКТ и на неговиот главен обвинител, во нивните извештаи до Советот за безбедност на ООН.

Во претходните договори за предвремено ослободување, како што беше тоа случајот со поранешниот функционер на босанските Хрвати, Валентин Ќориќ, беше наведено дека осудените лица пуштени на слобода, не треба да разговараат со медиумите, но одлуката за ослободување на Лукиќ наметна построги услови и „очигледно е обид“ да се реши овој проблем.

„Механизмот е запознаен со јавното, политичко и медиумско, делување на оние што беа ослободени по издржувањето на две третини од казната, и во извештаите тој често укажува дека величењето на лицата осудени за воени злосторства е недозволиво“, вели Колариќ за БИРН.

Лукиќ, кој за време на војната во 1999 година беше началник на штабот на Министерството за внатрешни работи на Србија во Косово, во 2009 година беше прогласен за виновен за убиства, прогон, депортации и други нехумани дела. Пресудата беше потврдена во 2014 година, кога казната од 22, му беше намалена на 20 години затвор.

Одлучувајќи за неговото предвремено ослободување, судијата, Кармел Агиус, истакна оти „посебно ги зел предвид личните изјави на Лукиќ, во кои тој отфрла секаков интерес за политиката“.

Агиус нагласи дека Лукиќ изјавил оти не сака да има врски со политичарите, кои сакале да добијат политичка предност со тоа што „јавно ќе ги величаат другите поранешни осуденици од Хашкиот трибунал“ и дека „ќе одбие да му даде на кој било политичар или политичка партија дозвола да го користи неговото име, слика или околности, на чисто политички начин“.

Лукиќ беше осуден како член на група високи српски полициски, воени и државни функционери. Дел од нив, како поранешниот потпретседател на југословенската влада, Никола Шаиновиќ, и генералите на Војската на Југославија, Владимир Лазаревиќ и Драгоjуб Ојданиќ, веќе се пуштени од затвор, по што добија медиумско внимание и можност да ги негираат злосторствата или да ја минимизираат својата улога во нив.

Во октомври 2017 година, Лазаревиќ одржа предавање на Воената академија на Србија за „херојството и човечноста“ на српските војници во одбраната од НАТО бомбардирањето во 1999 и ефикасноста на „антитерористичките операции” во Косово од 1998 до 1999 година.

На 9 мај 2019 година, Лазаревиќ, на улиците во Ниш, ја предводеше парадата по повод Денот на победата над фашизмот. Настанот беше организиран од руски воени ветерани, со поддршка од српските власти.

Ојданиќ, кому му беше дадено предвремено ослободување во 2013 година, го повлече признанието за вината што го даде пред Хашкиот трибунал, по неговото ослободување. Шаиновиќ стана висок функционер на Социјалистичката партија на Србија, која денес е дел од српската влада.