Љупчо Коцевски реши да ги пресретне, она што извесно ќе беа непријатни дискусии за неговиот мандат, па во истото време кога беше закажана седницата на собранието за негово разрешување, на прес-конференција ја соопшти одлуката да поднесе оставка.
Во своето обраќање, освен квалификацијата дека неговото разрешување е политичко, тој говореше за случаите што ги отворило Обвинителството, вклучително и за Кочани, за предметите за Антикорупциска и злоупотребата на ИПА-фондовите, но и постапките против одредени обвинители.
Рече дека се гордее со постигнатото и дека си оди со крената глава и дека разрешувањето не е поради непрофесионално работење, туку затоа што, „отворено и јавно зборував за проблемите и за недостигот од ресурси, затоа што не се мешав во законското право на јавните обвинители на самостојно и независно одлучување“.
Очекува дека неговото разрешување ќе се најде во следниот извештај на ЕУ како пример за притисок од извршната власт. Но, и во своето последно обраќање не се одважи отворено да зборува за политичкиот напон под кој работеше Обвинителството во изминатиот период.
Коцевски го водеше обвинителството речиси две години без посериозни обвинителски реформи. МВР го претрупа обвинителството со кривични пријави. Најголемиот дел од истрагите што беа отворени се за функционери на претходната власт. Сето тоа се случуваше во атмосфера на силни прозивки и јавен притисок од актуелните властодршци.
Ќе остане запаметен по тоа што е првиот кому парламентот му изгласа недоверба. На тоа му претходеше долго политичко тактизирање и негативно мислење од Советот за обвинители за неговото разрешување.
Тој избра да не се конфронтира. Ниту со премиерот, ниту со функционерите од власта, дури и тогаш кога тие со своите изјави ја преминуваа црвената линија. Во повеќето наврати оставаше впечаток дека е обвинител што не ги води процесите, туку дејствува реактивно само за да не скара со власта.
Колегите го опишуваат како итар и пресметлив, особено кога станува збор за потезите што може да го задржат макар и ден подолго на функцијата.
На политички нишан

Последното обраќање кон јавноста на Коцевски | Фoто: БИРН
Во февруари 2024 година, Љупчо Коцевски беше виш обвинител во Гостивар, избран во подемот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Имаше уште шест месеци до пензија, со што ќе ја завршеше обвинителската кариера тивко, без медиумски бранувања.
Но, тогаш СДСМ и ДУИ го избраа за државен обвинител, како предлог на владата со потпис на тогашниот вицепремиер Артан Груби.
Претходно, 13 години бил адвокат. Во животот не напишал обвинение.
За неговиот избор за челната позиција на обвинителството, негови колеги ќе речат дека бил „нужен компромис“, во услови кога немало голем интерес за таа функција.
Коцевски стана државен обвинител без посериозен политички отпор од тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ.
Но, откако се промени власта во мај 2024 година, секојдневно се наоѓаше на политички нишан на владејачката партија. Па така, меѓу првите изјави по изборот за премиер, Христијан Мицкоски кажа дека не се задоволни од начинот на кој работи обвинителството и дека имаат „комотно мнозинство“ со кое лесно може да го разрешат Коцевски.
Премиерот во јавни настапи рече дека му дава „тест период.“
Пробниот период што премиерот му го даваше на Коцевски како забрзано да почна да се „троши“, кога тој влезе во судир со двајцата виши јавни обвинители, Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски. Тој им отвори дисциплински на шефот на Вишото јавно обвинителство и на обвинителот Цветановски. Суспензијата беше објавена на 30 јануари, а две недели подоцна, владата објави дека ќе го разрешува Коцевски.
Обвинители, за БИРН, велат дека чашата ја прелил токму потегот на обвинителот да му отвори постапка на Цветановски, со кого претходно влегоа во „војна“ за предметот со бонусите на вработените во специјалното јавно обвинителство.
Првата најава за негово разрешување беше со образложение дека не се справувал во борбата со криминалот и корупцијата, дека донел незаконски одлуки, бил корумпиран…
Но, за овие наводи не беа презентирани докази, и затоа Советот на јавните обвинители, со мнозинство гласови, даде негативно мислење за неговото разрешување.
Постапката закочи во март по трагедијата во Кочани. Тогаш Мицкоски ја смени реториката. Говореше дека ќе било „аматерски и неиздржано“ да ја продолжат постапката за неговото разрешување поради истрагата за пожарот, иако самиот Коцевски не води истраги, туку е менаџер на институцијата.
Впрочем, ВМРО-ДПМНЕ го запре разрешувањето поради истрагата во Кочани, за во јули да изгласаат интерпелација на предлог на Левица, во која на Коцевски му се припишува селективност на водењето на истрагата за пожарот во „Пулс.“
Мицкоски потоа изјави дека поради локалните избори, разрешувањето ќе почека, за минатата недела да го реактивираат разрешувањето. Тоа се случува во момент кога има две активни истраги за трагедијата во Кочани додека тој е државен обвинител.
Оттука, се чини дека власта постојано го држеше Коцевски на политички нишан, а трагедијата во Кочани беше само купување време.
Понизно кон власта

Коцевски на седница во Советот на јавни обвинители | Фото: БИРН
Наспроти континуираните и интензивни напади од страна на власта, Коцевски, не само што отворено не се спротивстави за ништо, туку со одредени потези се чини се обидуваше да ѝ се додвори на власта.
Па така, по изјавата на Мицкоски дека не е задоволен како се водат истрагите, многумина очекуваа дека Коцевски јасно ќе им укаже на функционерите од извршната власт дека не е нивна работа да ги водат процесите во обвинителството. Ама тоа не се случи.
Во друг случај кога сакаше да му покаже на премиерот колку е ефикасно Обвинителството, експресно отвори предмет по допрен глас откако Мицкоски во собранието изјави дека незаконски го следеле.
И додека од една страна, Коцевски се пресметуваше со Хајрулахи и со Цветановски, истовремено одлучи да го поддржи унапредувањето на обвинителот Владимир Милошевски, кој го затвори случајот со дипломата на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.
Кога премиерот обвинуваше обвинители дека пријавуваат здравствени проблеми само за да не соработуваат со полицијата и дека следува „робусна акција“ против нив, Коцевски не застана во одбрана на колегите, туку се правдаше.
Мицкоски говореше дека Коцевски е „бастион“ за одбрана на криминалите на СДСМ и ДУИ. На тоа Коцевски возврати дека тоа се политички изјави.
Неговите колеги со кои разговаравме го профилираат како човек што „нема да тропне на маса“ и да постави црвени линии. Не го доживуваат како обвинител, кој отворено ќе се спротивстави на политички притисок врз обвинителството.
„Пресметлив“, ќе рече негов колега, кој порано соработувал со него. Впечатокот му е дека Коцевски во фелата не ужива углед на врвен правен авторитет.
„Итар е, ама не е мудар“, го опишува Коцевски обвинителка, нагласувајќи дека тој од „политичката понуда“ си го зема само тоа што му се допаѓа.
Пресметливоста на Коцевски, впрочем, не е исклучок, туку правило што ја потврдува хроничната неспособност на обвинителството да функционира без калкулантски однос кон власта.
Собранието денес ја констатираше оставката на Коцевски, без дискусија.

