Пипшува: Линдита Цела – Тирана, Елбасан, Пука, Валона и Брисел
Областа околу местото Place de I’Yser е територија на албанските сексуални работнички. Таа е на само неколку километри од централниот плоштад во градот, наречен Grand Place, каде што секојдневно се собираат илјадници туристи.
По испиеното кафе, околу пладне, во едно кафуле на аголот, жените чекаат клиенти на улиците. Десет минути секс не чинат повеќе од 50 евра.
Сензуална, со долга кадрава коса и големи црни очи, 31-годишната Ева зборува без срам за клиентите со кои таа работи, колку наплатува, сексуалните пози, па дури и за караниците меѓу жените кои заедно ја делат улицата.
„Прв пат дојдов тука со мојот вереник, пред 14 години“, се сеќава Ева (псевдоним, како имињата на сите жртви на трговија со луѓе во оваа приказна). Човекот во кој таа се заљубила ѝ рекол дека таа треба „да направи жртва во името на нашата љубов“ – да има секс со други мажи за да заработи пари за нив двајцата.
Без воопшто да сфати што се случува на почетокот Ева станала жртва на трговијата со луѓе – или, како што е официјално позната, трговија со жени заради сексуална експлоатација.
Можно е бројката на жртви на трговија со луѓе во Европа да достигнува дури 140.000, а околу една третина од нив доаѓаат од Балканот, се вели во извештајот на ОН. Таму е исто така наведено дека, во моментот кога извештајот беше објавен во јули, „моментален пратеник имал претходни обвиненија за кривични дела поврзани со трговија со луѓе“.
Во меѓувреме, многу жртви кои избегале од бандите завршуваат назад во трговијата со луѓе, отфрлени од нивните семејства и заедници, и добивајќи само скромна помош од страна на државата за градење на нов живот.
Отрезнувачки статистики
Претходно необјавен извештај на албанската полиција од 2007 година, добиен од страна на Балканската Истражувачка Мрежа, БИРН, вели дека најмалку 5.162 жени и девојки биле тргувани за експлоатација како сексуални работнички во периодот помеѓу 1992 и 2005 година.
„Никој не ме научи што е љубов, што е правилно а што погрешно. Бев стигматизирана уште како дете“ – Елса, жртва на трговија со луѓе
Околу 22 отсто од нив биле малолетници кога станале жртви. Седум проценти од жртвите биле киднапирани, силувани или пак на нивните семејства им се заканувале.Четири проценти биле продадени и присилени на проституција од страна на нивните семејства.
Од временскиот период опфатен во извештајот, идентификувани се околу 1.000 дополнителни жртви, според годишниот извештај за криминал на државниот обвинител.
Колку и да е отрезнувачка, статистиката раскажува само мал дел од целокупната приказна. Вистинскиот број на жртви е најверојатно многу поголем, со оглед на тоа дека службените податоци се однесуваат само на жените кои им се познати на органите. Исто така, бројките не можат да го доловат начинот на кој страдала секоја поединечна жртва.
Интервјуата со тргуваните жени откриваат дека, во некои случаи, тие биле изложени на насилство и сексуална злоупотреба од страна на нивните сопствени семејства.
„Една вечер татко ми испи многу алкохол и, некаде по два часот, се најдов себеси гола додека тој беше над мене”, се сеќава Вера, 27-годишна жена во добротворниот центар Различни и еднакви, во Тирана, кој нуди помош на жртви од трговија со луѓе.
„Се чувствував целосно умртвена…и си заминав од дома со првиот маж кој ми вети дека ќе ме ожени и кој, во моментот кога стигнавме до периферијата на Тирана, ме присили на секс со други мажи“, вели таа липајќи и додавајќи дека нејзиниот татко ја силувал толку често што не може ни да се сети колку пати го сторил тоа.
Мајката на Вера си го одзела животот во 2009 година. Полицијата верува дека таа извршила самоубиство откако дознала дека нејзиниот сопруг сексуално ја злоупотребувал нивната ќерка.
Марија, од регионот Голема Малесија во северна Албанија, имала само 16 години кога нејзиниот татко ја омажил за постар маж. Нејзиниот нов сопруг ја присилил на проституција во Грција.
„Секоја ноќ беше како да бев силувана“, се сеќава таа, во друг центар за жртви од трговија со луѓе во градот Елбасан. „Кога ѝ кажав на мојата мајка, таа почна да вреска дека не можам да се вратам дома, велејќи дека сум си заминала од таму еднаш засекогаш.“
Елса, од северниот град Кукеш, станала мета на бесот на нејзиниот татко, откако нејзината мајка починала кога таа имала само шест години.
„Кога ќе се вратеше дома, ќе ме истепаше со црево за вода само поради тоа што постоев“, тивко вели таа, небаре сеуште одзедена од стравот.
Откако на 13 годишна возраст била силувана од нејзиниот брат, таа била присилена да работи како проститутка, најпрво во Тирана, а потоа во Косово.
„Никој не ја разбира болката од тоа да поминеш низ рацете на толку многу луѓе, од тоа да преживееш вакви работи во твоето семејство, од тоа да ја изгубиш твојата невиност без да знаеш зошто“, вели таа во центарот за жртви од трговија со луѓе во градот Валона.
„Никој не ме научи што е љубов, што е правилно а што погрешно. Бев стигматизирана уште како дете и, што се однесува до сите други, јас секогаш ќе бидам курва.“
Недостаток на позитивни судски пресуди
Во нивниот извештај од 2007 година, албанската полиција идентификуваше повеќе од 2.000 лица кои се осомничени за трговија со луѓе во текот на изминатата деценија и пол. Но, само 23 отсто од нив биле во затвор, во Албанија или во странство, за трговија со луѓе или други кривични дела.
Построги казни за трговија со луѓе, од 10 до 15 години затвор, беа воведени во Албанија во 2013 година, но бројот на ваквите пресуди е мал.
Според американскиот Стејт департмент, Албанија осуди девет лица за трговија со луѓе во 2014 година, и три лица во претходната година.
Покрај тоа, некои осудени трговци со луѓе успеваат да избегнат затворска казна преку поднесување на жалби.
Хисни Соколај, 43-годишен маж од градот Тропоје, беше прогласен за виновен, во отсуство, за трговија со луѓе и проституција во 2011 година. Тој беше осуден на 20 години затвор. Неговата пресуда беше потврдена и од повисок суд, но подоцна поништена од страна на Врховниот суд.
Соколај беше обвинет за измама на 18-годишна жена, со лажни ветувања за љубов и брак, а потоа вршење трговија со неа и принудување на проституција во Белгија и во Англија, според документацијата од неговиот предмет, обезбеден од страна на БИРН.
Во 2006, откако Соколај беше депортиран од Велика Британија како нелегален странски државјанин, жената се вратила во Албанија, нашла засолниште во центар за жртви од трговија со луѓе во Валона и поднела обвинение против него.
„Кога пристигна таа беше потресена и преплашена од нејзиниот макро, кој постојано ѝ се заканувал дека ќе ги убие нејзините браќа“, се сеќава Енкелејда Абдулај, координатор во центарот.
„ Ѝ беше срам да каже што ѝ се случило и се чувствуваше виновна што избегала од дома со него“, додава Абдулај.
Случајот против Соколај бил за прв пат регистриран во канцеларијата на јавниот обвинител во Фиер, која одби да започне кривичната постапка против него, велејќи дека не може да пронајде никакви докази. По протестите од страна на групите за поддршка на жртвите, случајот беше препратен до канцеларијата на Обвинителството за сериозни кривични дела во Тирана.
Канцеларијата поднесе обвинение против Соколај, за кој се верувало дека се вратил во Велика Британија, и бил издаден меѓународен налог за негово апсење. Во 2012 година, британската полиција го прогласи Соколај за еден од најбараните странски државјани во државата.
Но, во декември истата година, Врховниот Суд ја поништи пресудата, велејќи дека пониските судови намерно погрешно го толкувале законот.
Адвокатот на Соколај, Ферит Муца, вели дека неговиот клиент, кој не живее повеќе во Албанија, секогаш тврдел дека не е виновен.
„Врховниот суд донесе правда, бидејќи мојот клиент беше невин“, вели тој.
„Тој живеел со тужителот и не тргувал со неа. Обвиненијата против него се поднесени врз основа на манипулации од страна на обвинителите. Девојката беше нестабилна“.
Семеен бизнис
Еден неодамнешен случај, истражуван од обвинители за сериозни кривични дела од Тирана, вклучува двајца браќа, Бледар Стафуга, 33 години, и Шуќери Стафуга, 24 години.
Два суда ги осудија браќата за земање учество во криминална група која тргувала со најмалку шест млади жени, жртви на сексуално ропство. Врховниот суд ја разгледува жалбата против нивната пресуда.
Една жена сведочеше дека таа имала само 16 години кога Шуќери Стафуга ја пренел во Швајцарија и Германија и секојдневно ја присилувал на секс со десетици мажи.
„Тој ми стави нож под грлото, гасеше цигари од моето тело… Се закануваше дека ќе го убие моето семејството ако не заработам 1.000 франци секоја вечер“, рече таа.
Во ноември 2014, Бледар и Шуќери Стафуга беа осудени за трговија со луѓе и трговија со малолетни лица од страна на Судот за сериозни дела во Тирана, и беа осудени на 12 и пол години затвор за едниот и 12 години за другиот.
Анила Трими, експерт за борба против трговијата со луѓе од албанската полиција, изјави за БИРН дека браќата биле дел од еден поголема, добро структурирана криминална организација и истражувањата продолжуваат за другите можни членови на истата група.
Долорес Мусабелиу, обвинител во Обвинителството за сериозни кривични дела, вели дека случаите на трговија со луѓе и проституција е тешко да се докажат на суд.
„Причината за неуспехот на многу случаи е тоа што обвинителите ги базираат своите обвиненија само на сведочењето на жртвата“, вели таа.
Како и да е, жртвите често одлучуваат да не сведочат или го повлекуваат сведоштвото, бидејќи не можат да ги издржат развлечените судски постапки и стравуваат од одмазда од обвинетите.
„Ете, го тужев, и што добив?“ прашува Лола, 21-годишна жена од едно мало село северно од Тирана, која поднесе кривична пријава против нејзиниот макро кон крајот на 2014 година, и која живее во единственото државно засолниште за жртви на трговија со луѓе во Албанија.
„Тој знае каде живеам, знае сè за мене, и сеуште е на слобода“, вели таа.
Фрустрации со замрзнување на средства
Националната стратегија за борба против трговијата со луѓе на албанската влада, одобрена во ноември 2014 година, ја идентификува Белгија како една од главните дестинации во Западна Европа за жените Албанки кои се жртви на присилна проституција.
Во Брисел, Дидиер Дошен, заменик-шеф на одделот за борба против трговија со луѓе на белгиската полиција, изјави за БИРН дека белгиските власти сè повеќе се фокусираат на одземање на имотите и средствата на странските трговци со луѓе.
„Ова, се разбира, е мотивацијата позади сите овие криминални активности- здобивање со илегален профит и доколку успееме да го намалиме, заплениме, конфискуваме…тој профит, тогаш тоа е добра работа“, вели Дошан.
Но, додава тој, трговците со луѓе вообичаено го испраќаат профитот назад во своите земји и затоа на белгиската полиција ѝ е неопходна соработка со тамошните власти.
„Тие инвестираат во земјишта, куќи, скапи автомобили и слични работи, и живеат добар живот во сопствената земја“, вели тој. „Можат да живеат како грофови и принцови, бидејќи прават голем профит и заработуваат многу пари, но проблемот е, пред сè, да се влезе во трага на овој нелегален прилив на пари.“
За жал, вели Дошан, одговорот од странските органи, во многу случаи, е дека не можат да ги лоцираат парите. Ова често е поради тоа што финансиските трансакции не се темелно евидентирани, како што е случајот во Белгија, објаснува тој, но не може да се отфрли опцијата дека и корупцијата игра своја улога тука.
„Девојките не се враќаат бидејќи се плашат дека сите ќе посочуваат со прст кон нив“ – Зајмира Лаци, активист за женски права од Пука
Во Тирана, Долорес Мусабелиу, од канцеларијата на обвинителот, вели дека албанските власти се соочуваат со свои проблеми во добивањето информации од другите држави во врска со комплексните истраги.
„Истрагата на овие случаи зависи од барањата за правна помош, но одговорите на овие барања често доцнат и ова е често причина за отфрлање на случаите“, вели таа.
Додека некои државни претставници и политичари работат на спречување на трговијата луѓе, двајца албански парламентарци се обвинети за активно учество во неа.
Белгиски обвинители го обвинија Марк Фроку, пратеник од Демохристијанската партија, за убиство на Албанец во Брисел во 1999 година. Жртвата наводно уценувала жена која била експлоатирана во синџир на проституција воден од братот на Фроку.
Албански суд размислува за барањето од страна на Белгија за екстрадиција на Фроку. Фроку негираше какви било злоупотреби и ги опиша обвиненијата против него како политички мотивирани.
Арбен Ндока, кој беше пратеник на владејачката Социјалистичка партија, призна дека бил осуден од страна на еден италијански суд во 1990 година за работа со проститутки и киднапирање.
Исповедот на Ндока се случи минатата година, откако неговото криминално досие беше изложено за јавноста од страна на опозицијата. Но, тој остана на ставот дека не е виновен по обвиненијата и остана во парламентот, сè до неговата оставка во септември 2015.
Отфрлени од општеството
Иако се жртви, многу жени кои биле тргувани и присилени на проституција се отфрлени од своите семејства и стигматизирани од општеството.
Мајката на жената која наводно била уценувана во случајот на Фроку живее во малиот град Пука во планинскиот предел на северна Албанија.
Нејзиниот дом е стан на приземјето на една стара зграда. Таа има 63 години, но проблемите во животот направиле да изгледа многу постара, со темни кругови околу очите.
За неа, каква било поврзаност со сексуалната трговија е извор на срам. Што се однесува до неа, таа веќе нема ќерка.
„Не знам што се случи со неа“, вели таа, стоејќи на нејзиниот праг.
„Го знам само она што го слушнав во вестите.“
Во текот на изминатите 25 години, 83 млади жени и девојки од Пука биле жртви на трговијата со луѓе, според локалната полиција. Нивните приказни сè уште се главна тема на градот кој брои само 3.600 жители.
Зајмира Лаци, локална докторка и активистка за човекови права, вели дека, исто како и жената во случајот со Фроку, многу жртви на оваа трговија никогаш не се враќаат во Пука.
„Нивните семејства не ги прифаќаат поради срамот“, вели Лаци. „Девојките исто така не се враќаат бидејќи се плашат дека сите ќе посочуваат со прст кон нив.“
Тежок пат кон рехабилитација
Многу западни земји денес имаат програми со многу ресурси кои им помагаат на жртвите на трговија со луѓе да започнат нов почеток.
Во белгискиот град Антверп, Петси Соренсен, директорот на Payoke, добротворна организација која им помага на жртвите на сексуалната трговија, може да посочи на десетици примери на жени кои се реинтегрираат во белгиското општество.
Жените може да побараат работна дозвола и бесплатно да посетуваат едукативни курсеви и обуки, објаснува Соренсен. Тие исто така добиваат основен месечен приход од околу 800 евра, дури и кога не работат.
„Тие имаат многу можности за повторно да ги изградат своите животи и повеќето од нив сакаат да започнат со работа што е можно побрзо“, вели Соренсен.
Жените кои таа ги познава нашле работа како чистачки и продавачки, додека други отвориле свои салони за маникир, вели Соренсен. Некои, вклучувајќи некои албанки, се запишале на факултет.
Сепак, Соренсен признава дека има и случаи каде жените повторно завршуваат како жртви на трговија со луѓе.
Во Албанија, откако жените се идентификувани како жртви на сексуална трговија, најчесто се насочуваат кон државното засолниште или еден од трите центри за рехабилитација.
Во засолништето во селото Линзе, близу Тирана, се сместени жртви кои ги чекаат резултатите од прелиминарните истраги. Центрите во Тирана, Елбасан и Валона се водени од страна на непрофитни организации и нудат курсеви за различни вештини како, на пример, готвење и фризирање, со цел да им се помогне на жените да се вработат.
Во Албанија, откако жените се идентификувани како жртви на сексуална трговија, најчесто се насочуваат кон државното засолниште или еден од трите центри за рехабилитација.
Во засолништето во селото Линзе, близу Тирана, се сместени жртви кои ги чекаат резултатите од прелиминарните истраги. Центрите во Тирана, Елбасан и Валона се водени од страна на непрофитни организации и нудат курсеви за различни вештини како, на пример, готвење и фризирање, со цел да им се помогне на жените да се вработат.
Извештајот за трговија со луѓе на американскиот Стејт департмент од 2015 вели дека психолошките, медицинските и реинтегрирачките услуги на засолништето за жртвите се несоодветни и дека владата нема доделено доволно средства на добротворните центри – иако можела да го искористи посебниот фонд за спречување на криминал кој содржи 25 милиони леки (околу 180.000 евра).
Дури и откако ќе ги поминат програмите за рехабилитација, жртвите тешко наоѓаат работа.
„Имавме само еден случај на вработување во државна институција, и тоа се должи на нашето посредување“, вели Енкелејда Авдулај, координатор на центарот Ватра во Валона.
„Разговараме со компаниите, но кога ќе им го кажеме профилот на работникот тие одбиваат да ги вработат.“
Доколку жртвите успеат да најдат работа, макар и ниско платена, тие сè уште страдаат поради дамката која ја носат од нивните претходни животи.
Дијана Касо,извршен директор на центарот Друга Визија во Елбасан, вели дека 80 отсто од жените кои ги поминуваат програмите за рехабилитација сакаат да ги обноват своите животи далеку од своите родни градови.
Марија, жената која била присилена на проституција во Грција, го прави токму тоа. Таа живее во град кој е далеку од нејзиното родно место, заедно со нејзиниот 12-годишен син, за кој вели дека е единствениот извор на радост во нејзиниот живот.
По програмата за рехабилитација, таа со години работела како чистачка во барови, а сега е пекарка со месечна плата од околу 110 евра, од кои половината ја троши на кирија.
„Многумина се обидоа да ја искористат мојата несреќа наместо да помогнат“, вели таа. Кога оди во некоја владина канцеларија за да ја земе малата финансиска помош за жртвите на сексуална трговија, државните службеници бараат секс, вели Марија, „Страшно е да се влезе во некоја од канцелариите.“
Касо вели дека мал број на жени ја имаат силата која Марија ја покажа во градењето на нов живот. Од сите случаи со кои таа работела, околу 100 жени повторно завршиле како проститутки.
„Понекогаш ја немаат неопходната поддршка или мислат дека, поради стигмата, немаат други опции“, објаснува Касо.
На Place de l’Yser во Брисел, Ева е една од оние жени кои стигнале до тој заклучок. Таа пет години живеела во Белгија заедно со нејзиниот свршеник-макро, сè додека тој не исчезнал заедно со сите нивни пари.
Ева се вратила во Албанија на некое време, но одлучила да се врати во Белгија и повторно да работи во сексуалната трговија. Тоа ѝ овозможува да испраќа пари на нејзиното семејство, кои мислат дека таа работи како негувателка на постар брачен пар.
„Немаше работа за мене во Албанија“, вели Ева. „Единствената работа која знам да ја работам е оваа. И тука можам да заработам многу повеќе.“
Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од ЕРСТЕ Фондацијата и Фондациите Отворено Општество, во соработка со Балканската Истражувачка Мрежа.