Истрагата за аферата„Актор“ околу изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица во Грција започна под притисок на ОЕЦД. Македонија со години наназад одбива да ја потпише Конвенцијата против давање мито, со која ОЕЦД би можела да бара исход од корупциските случаи во меѓународните зделки во земјава.
Бизнис-империјата на еден од најбогатите луѓе во Грција, могулот Јоргос Боболас, ја потресе скандал со затајување данок и перење пари тежок речиси два милиона евра откако беше приведен неговиот син Леонидас Боболас.
Топ-сторијата што ја објавија грчките медиуми веројатно ќе беше од споредно значење од наша гледна точка, доколку не се работеше за сопственикот на најголемата грчка компанија „Актор“ која во Македонија го гради автопатот Демир Капија-Смоквица и доколку причината за истрагата не се сомневањата за перење пари и давање мито токму во Македонија.
Клопчето за аферата „Актор“ во Македонија започна да се отплеткува кога опозициската СДСМ објави дека во март 2013 година, грчки државјани започнале да подигнуваат од своите сметки средства во износ од 20, 40, 80 илјади евра во готовина во филијалата на Стопанска банка во Неготино.
Средствата на сметките на грчките државјани биле уплатени од страна на скопската подружница на „Актор“. Проценето е дека во тој период се направени вкупно 278 трансакции со вкупен износ од 3,5 милиони евра. Веднаш по трансакциите, грчките државјани денарите ги менувале во евра и ја минувале грчко-македонската граница, но без парите.
Истрагата за автопатот во Македонија под притисок на ОЕЦД
Откако македонските медиуми ги објавија информациите, Грчкото обвинителство под притисок на Работната група против мито на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) започна истрага.
Вилијам Лу, аналитичар од Одделот за борба против корупција на ОЕЦД, за БИРН потврди дека грчките обвинители ја започнале истрагата за работата на „Актор“ во Македонија на нивно инсистирање, иако, како што вели, „нема причина зошто грчките власти самите да не ги користат информациите од медиумите“.
Од ОЕЦД велат дека бараат од Грција да покаже оти се води сериозна истага за случаите со подмитување странци. За една година, Грција треба да ги извести ОЕЦД до каде е истрагата за случаите со давање мито на странци, не само за случајот „Актор“ туку и за наводите за поткуп во аферата „Телеком“.
„Работната група ѝ препорачува на Грција да преземе чекори за собирање информации од различни извори во предистражна постапка, да развие стратегија за детектирање на случаите со давање мито на странци кои вклучуваат лица и компании од Грција, како и да врши мониторинг на домашни и странски медиуми околу случаи на мито“ вели Лу.
Зошто Македонија не ја потпишува конвенцијата на ОЕЦД?
За разлика од Грција каде што најмалку за една година ќе мора да се излезе со конкретни информации за „Актор“ по барање на ОЕЦД, во Македонија Обвинителството не ги споделува информациите со јавноста „во интерес на истрагата и заради комплексноста на предметот“. Оттаму останува нејасно дали во истрагата има осомничени лица, што е преземено и дали наскоро може да се очекува разврска на случајот.
„Надлежното обвинителство во врска со случајот ‘Актор’ е во тесна соработка со институциите надлежни за откривање ваков вид криминал, презема дејства за прибирање докази неопходни за утврдување на околностите на извршувањето на конкретниот кривично-правен настан. Обвинителството досега има остварено контакти со надлежните органи на Грција по барање за меѓународна правна помош“, кажаа за БИРН од Обвинителството.
Аналитичарот Лу од ОЕЦД вели дека од Македонија не можат да побараат да се забрза истрагата. Тој вели дека рацете им се врзани поради тоа што Македонија не е членка на работната група на ОЕЦД против давање поткуп во меѓународни бизнис трансакции.
Оваа работна група на ОЕЦД врши мониторинг дали државите-потписнички ја почитуваат Конвенцијата на ОЕЦД против давање поткуп на странски државјани во меѓународни деловни трансакции.Од државите во регионот, конвенцијата ја потпишале Бугарија, Грција и Словенија.
Во Македонија, случаите „Актор“ и „Телеком“ не се единствените за кои постојат сомневања дека при влезот на меѓународните компании имало случаи на поткуп, провизии и местење тендери.
Опозициската СДСМ на една од прес конференциите објави разговор за кој тврди дека се води помеѓу премиерот Груевски и министерот Јанакиевски за, како што велат, „висината на провизијата при склучувањето на зделката со кинеската компанија Synohydro за изградбата на патот Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид изнесувала 25 милиони евра“.
Европската комисија неколку години по ред во извештајот за напредокот на Македонија забележува дека сѐ уште не е ратификувана Конвенцијата за спречување поткуп на странски службеници во меѓународните деловни трансакции.
Ниту една македонска власт досега не прифаќала да ја потпише оваа конвенција токму поради тоа што во таков случај ОЕЦД дава насоки за конкретни случаи за корупција, објаснува за БИРН Слаѓана Тасева, претседател на „Транспарентност Македонија“.
„Кога би била потпишана конвенцијата, ОЕЦД би ни дале детална и конкретна анализа не само за ‘Актор’ туку и за ‘Телеком’ и за други заостанати случаи. Една од причините е тоа што евалуациите на ОЕЦД се однесуваат на конкретни случаи, со јасни препораки и затоа се тешки за државите потписнички“, вели Тасева.
Во Бугарија, на пример, ОЕЦД го следеше случајот со нудење мито во висина од 270.000 долари на секретарот во министерството за здравство на Замбија, но и за подмитувањето царински службеници, додека во Словенија меѓу случаите што се наведени е подмитување странски лекари од страна на словенечка фармацевтска компанија.
Податоците на ОЕЦД од анализата на 427 случаи во изминатите 15 години покажуваат дека две третини од случаите со давање поткуп на странци се забележани во четири сектори: рударство, градежништво, транспорт и врски, како и информации и комуникации.
Поткупот бил ветен, понуден или даден, најчесто на вработени во јавните служби, митото било понудено за добивање тендер од државата, a најмногу поткуп нуделе големите компании . Во повеќето случаи, вредноста на митото што било понудено или дадено изнесувало 5% од вредноста на трансакцијата и „зделката“ најчесто одела преку посредник.
Од стапувањето на сила на конвенцијата чиишто потписнички не се само земји членки на ЕУ, САД санкционирале лица вклучени во давање мито на странци во 128 случаи, додека Германија тоа го стори во 26 случаи.