Вести

Македонија прифатила предлог, се чека на Бугарија

Софија-Состанок на бугарската влада, 2022 година, фото: gov.bg

Лапидарната изјава на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој денеска рече дека има документ со Бугарија што земјава е подготвена да го прифати е комплементарна со превирањата што се случуваат во коалициските односи на владата во Софија. Оттаму не зачудува молчаливоста на владините кругови за содржината на договорот бидејќи и самиот Османи потврди дека „сѐ уште се чека одговор од Софија“.

Се чини дека клучот е кај партнерите на премиерот Кирил Петков, кои не кријат дека не се задоволни од перспективите за брзо решавање на спорот. Тие со денови тврдат дека „некој од власта ветувал дека ќе дозволи во јуни Македонија да ги почне преговорите за зачленување во Европската Унија“.

Тошко Јорданов, заменик претседател на партијата „Има таков народ“, која е дел од владината коалиција, посочи и конкретни имиња. Тој рече дека Петков и неговата советничка за надворешна политика Весела Чернева „ги увериле европските партнери дека во јуни Бугарија ќе го укине ветото“.

Чернева, во последнава недела, неколку бугарски медиуми ја споменуваа како можна нова министерка за надворешни работи, која би ја заменила актуелната Теодора Генчовска, од која наводно Петков не бил задоволен.

Бугарскиот претседател Румен Радев, кој тврди дека Софија мора да остане на претходно утврдените позиции од 2019 година, деновиве отворено ја критикуваше Чернева и нејзиното реферирање на Бугарите во Македонија.

„Ги повикувам советниците за надворешна политика на премиерот да не ги квалификуваат македонските Бугари како малцинство, ова може да го подрие целиот процес на евроинтеграции на Северна Македонија“, рече Радев.

Други владини коалициски партнери, пак, како лидерката на Бугарската социјалистичка партија Корнелија Нинова, инсистираат на тоа дека Софија може да ја деблокира македонската европска интеграција, само ако се исполни декларацијата донесена од бугарската влада и од Собранието во 2019 година.

Бугарија ја блокираше македонската европска интеграција во 2020 година, а една година претходно, во 2019 година, бугарската влада, па потоа и Собранието изгласаа декларација со условите за напредок на Скопје и Тирана кон ЕУ.

Списокот за тоа што треба да го направи Македонија е подолг од тој што како услови ѝ се наметнуваат на Албанија. Во декларацијата од која коалициските партнери на Петков и претседателот Радев бараат да не се отстапи, се наведени тезите кои македонската страна досега ги сметаше за навлегување во идентитетските прашања, а се поврзани со историјата.