Вести

Македонскиот „Предатор“ шпионирал и во Грција

Моќниот софтверот за хакирање пронајден во мобилниот на грчки новинар

Меѓународниот прес-институт (IPI) со загриженост денеска реагираше на објавата дека грчкиот новинар Танасис Кукакис бил следен со помош на софтверот „Предатор“, развиен од македонската фирма „Сајтрокс“.

Веста вчера ја објави грчкиот портал „Инсајд стори“. Меѓународната организација „Ситизен лаб“, која лани го разоткри контроверзниот софтвер, утврдила оти мобилниот на Кукакис бил следен најмалку десет недели од 12 јули до 24 септември минатата година.

Истрагата идентификувала дека изворот на хакирањето бил грчки телефонски број од кој на Кукакис му била испратена порака што содржела заразен линк до непостоечка веб-страница.

Портпаролот на грчката влада вчера ја отфрли можноста надзорот да е дело на некое од државни тела, насочувајќи го вниманието кон некој приватен ентитет.

Танасис Кукакис е искусен истражувачки новинар, кој покрива финансиски и банкарски прашања во Грција.

„Ситизен лаб“ лани откри дека софтверот на „Сајтрокс“ наречен Предатор бил пронајден во мобилните на Ајман Нур, опозициски лидер од Египет – кој живее како азилант во Турција, и на еден египетски новинар. Двајцата забележале дека телефоните необично многу им се загреваат и ги известиле „Ситизен лаб“.

Тогаш Фејсбук, синхронизирано со извештајот на „Ситизен лаб“, ја издвои „Сајтрокс“ како една од седумте компании чии услуги биле најмувани за сајбер-шпионирање. Најпопуларната социјалната мрежа блокираше околу 300 акаунти на Фејсбук и на Инстаграм што се поврзуваат со македонската компанија.

Се претпоставува дека жртви на следењето биле околу 50.000 луѓе во повеќе стотици земји. Ситизен лаб лани откри дека клиенти на Предатор имало во Грција, како и во Србија Ерменија, Египет, Индонезија, Мадагаскар, Оман и Саудиска Арабија.

БИРН минатата година истражуваше дека скопската фирма „Сајтрокс“ е дел од групација вредна милиони, која нуди софтвер и технологија за разузнавачки операции.

Групацијата ја водат бизнисмени со сериозен воен бекграунд во Израел и главно соработуваат со влади на различни држави. Македонскиот „линк“ со скандалот е 30-годишниот Иво Малинковски, како управител на фирмата „Сајтрокс“ од Скопје.

Нашите сознанија укажуваа на тоа дека врската меѓу младиот Малинковски и сериозните разузнавачки играчи е неговиот семеен бекграунд.

Најтесното семејство на Малинковски, покрај познатите ресторан и винарија „Камник“, ја поседува и ја води фирмата за трговија со воена опрема и со оружје „Микеи-интернационал“.