Анализи

Македонија во 2014: Етнонационализмот не трпи демократија

Горан Ризаов, Синиша Јаков-Марушиќ

Ретроспектива на настаните кои се случуваа во 2014 година во Македонија од меѓуетничка призма. Убиствата, протестите, инцидендите, смртните пресуди, нападите, прогласувањата на „големи држави“, лустраторското прогласување на кодоши, но и солидарноста против етнонационалистичкиот брак на власта.

Апсење за време на етнички мотивираните протести по убиството на млад Македонец во мај | Фото: Роберт Атанасовски

Апсење за време на етнички мотивираните протести по убиството на млад Македонец во мај | Фото: Роберт Атанасовски

Зачудувачки, кон крајот на годината, студентите ставија бела точка во сивите нијанси на етнички тензии и протести кои ја беа обвиле земјава во текот на целата 2014 година. Убиството на тинејџер и пресудата за тероризам оваа година предизвикаа насилни етнички протести тринаесет години по конфликтот во 2001 година и познатиот Охридски договор, кој беше замислен како договор што ќе значи дефинитивен крај на етничката нетрпеливост.

Сред сето тоа, студентите како да се разбудија од долгогодишниот „зимски сон“ и во зима ја вратија надежта дека е можен заеднички живот и заедничка праведна борба за демократија. Масовните студентски протести на крајот од годинава против воведувањето државен испит на факултетите и измените во Законот за високо образование, покажаа дека на едно место за вистинка причина, рамо до рамо, можат да застанат и Македонци и Албанци и Турци и Роми и Срби и сите националности. Дека е можно да се крене гласот на сите јазици кои се зборуваат против наметнати промени на едно министерство на чие чело е албански министер, кој имплементира реформа на македонски премиер.

Убиства и протести

Во јули етнички Албанци се судрија со полицијата за време на протестите за пресудите за доживотен затвор во случајот „Монструм“ | Фото: С. Ј. Марушиќ

Во јули етнички Албанци се судрија со полицијата за време на протестите за пресудите за доживотен затвор во случајот „Монструм“ | Фото: С. Ј. Марушиќ

Земјата ја започна 2014 година веќе оптоварена со етнички обоениот инцидент од декември 2013 година, кога видни членови на помалиот партнер во владејачката коалиција, Демократската унија за интеграција, ДУИ, беа видени во ноќните часови во центарот на Скопје како ја демолираат тукушто поставената статуа на српскиот средновековен цар Душан.

Некои сметаа дека се работи за обид за зголемување на публицитетот на ДУИ, заради зајакнување на нивната позиција меѓу Албанците во земјата, во пресрет на предвремените парламентарни и претседателски избори кои се одржаа во април. ДУИ, како партнер во власта, тогаш соопшти дека новата подигната статуа, финансирана од Владата, ја претставува српската репресија и длабоко ги навредува Албанците во земјава.

Ситуацијата се заостри во мај, кога невладини организации ја обвинија полицијата дека користела прекумерна сила за да го врати редот во населбата Ѓорче Петров во Скопје, по дводневните етничките немири, предизвикани од убиство на момче, припадник на мнозинството.

По веста дека наводно убиецот е припадник на албанското малцинство, дојде до немири во режија на „другата страна“, во кои десетици лица беа уапсени, а неколку полицајци повредени. Демонстрантите фрлаа камења на полицијата, кршеа излози на продавници во сопственост на оние од другата нација или религија и палеа контејнери кои потоа ги користеа како барикади.

Недолго по стивнувањето на превирањата во Ѓорче Петров, друга етнички обоена бура се надви над Македонија.

Според МВР, при судирите на демонстрантите и полицијата во јули поради доживотните пресуди за случајот „Монструм“, беа повредени 20 полицајци и неколку демонстранти и имаше десетици уапсени.

Нови насилства еруптираа на почетокот од јули, кога неколку илјади демонстранти од албанската етничка заедница се судрија со полицијата на протестите во Скопје против затворањето на обвинетите за убиствата на петмина Македонци на Велигден 2012 година кај Смилковско езеро.

На улиците на градот изби вистинска мала битка во моментот кога демонстрантите се обидоа да упаднат во Кривичниот суд, на што полицијата реагираше со водени топови, солзавец и шок-бомби, принудувајќи ги да се повлечат.

Потоа Министерството за внатрешни работи соопшти дека во немирите биле повредени 20 полицајци и неколку демонстранти и дека имало десетици уапсени. Демонстрантите го изразуваа незадоволството на улица поради доживотните казни за обвинетите за убиство.

Секој понеделник точно напладне гардистите и воениот оркестар вршат почесна смена на државното знаме пред Собранието на Република Македонија | Фото: Г.Ризаов

Секој понеделник точно напладне гардистите и воениот оркестар вршат почесна смена на државното знаме пред Собранието на Република Македонија | Фото: Г.Ризаов

Во октомври, ДУИ побара од американското Федерално биро за истраги да ја надгледува можната нова истрага во овој процес за да ја внесе потребната доверба на јавноста во етнички запаливиот случај. Но, партнерот на Али Ахмети во власта, премиерот Никола Груевски, изјави дека тоа е одлука што треба да ја донесе судот, а не политичарите.

Мистериозни нерешени напади

Малкумина ја сфатија сериозно малата група Албанци, што во септември се собраа во Скопје, за да слушнат како екс-политичарот, Невзат Халили, го прогласува основањето на „Република Илирида“, која, како што рече, се простира на речиси половина од територијата на Република Македонија.

Но, неколку недели подоцна, рано наутро пред 6 часот, додека главниот град сѐ уште беше во сон, некој кон новата барокна фасада на Владата истрела неколку големокалибарски куршуми. Подоцна, одговорноста за овој чин ја презеде движењето кое се нарекува „Ослободителна национална армија“. Во инцидентот немаше повредени, но беше оштетена барокната фасада, која тогаш уште не беше завршена. Некои го поврзаа овој мистериозен напад со прогласувањето на „Република Илирида“.

Стравувањата од повеќе насилства се зголемија во почетокот на декември, кога две експлозии ги потресоа полициските станици во Тетово и Куманово. Двата града беа во центарот на вооружениот конфликт во 2001 година меѓу етничките албански бунтовници и македонските безбедносни сили.

Полицијата досега не даде други детали за можните сторители, ниту пак, за нивните мотиви.

„Лустрација“ на неподобните

Новата барокна фасада на Владата, во која во октомври беше пукано од огнено оружје. Настанот не е разјаснет | Фото: С.Ј.Марушиќ

Новата барокна фасада на Владата, во која во октомври беше пукано од огнено оружје. Настанот не е разјаснет | Фото: С.Ј.Марушиќ

Паралелно со етнички мотивираните протести, прогласувањата нови „големи“ држави и истрелите, се случуваше и друга битка против т.н. „кодоши“. Во јануари годинава, опозициските социјалдемократи, соопштија дека ќе го бојкотираат изборот на нови членови на Комисијата за лустрација, државна институција која се занимава со искоренување на поранешните соработници на тајната полиција, обвинувајќи ја за пристрасност.

Но, сепак, при гласањето во парламентот, Комисијата доби втор петгодишен мандат и продолжи да ги чешла државните архиви.

Македонија ги следи стапките на многу поранешни комунистички држави кои донесоа закони за лустрација, како начин за решавање на неправдите од минатото, што произлегоа од политички мотивираните судски процеси.

Комисија за верификација на фактите, попозната како лустрациска комисија, која е обвинета дека е средство за пресметка со неистомислениците на власта, меѓу другите, ги прогласи за соработници на тајните служби академик Иван Катарџиев и поранешниот министер и амбасадор Ѓорѓи Спасов, кој е сопственик на агенцијата за испитување на јавното мислење „Рејтинг“.

Но, уште од самото формирање на Комисијата, во 2009 година, нејзината работа ја следат контроверзии. Опозицијата тврди дека процесот на лустрација се злоупотребува против критичарите на Владата.

Во октомври, Комисијата се најде под уште поголеми критики, кога најистакнатиот македонски историчар од времето на Југославија и почетоците на независна Македонија, академик Иван Катарџиев, го прогласи за соработник.

Катарџиев беше обвинет за шпионирање студенти во корист на комунистичкиот режим во 50-тите години. Тој ги негираше овие наводи и истакна оти тој, всушност, бил оној кој, во тоа време, бил под полициски надзор.

Со „лустрација“ и обвиненија од Комисијата за верификација на фактите, во декември се соочи и поранешниот министер за правда и амбасадор на Македонија во Бугарија и Молдавија, Ѓорѓи Спасов. Тој беше генерален секретар на опозициската СДСМ, а потоа и колумнист – критичар на власта, како и сопственик на агенцијата за мерење на јавното мислење „Рејтинг“.

Комисијата објави документи на интернет на кои наводно се гледа дека Спасов „кодошел“ лица кои пишувале за весникот „Студентски збор“ биле анархолиберални и сакале да воведат полиберални ставови во весникот, а иницирале и собирање потписи во градот во знак на поддршка на синдикалната организација „Солидарност“.

Етнонационалистички брак за опстојување на власта

Здравко Савески од левичарското движење „Солидарност“ на протестите против воведувањето на наплата на придонеси за хонорарците | Фото: М.Јордановска

Здравко Савески од левичарското движење „Солидарност“ на протестите против воведувањето на наплата на придонеси за хонорарците | Фото: М.Јордановска

Една друга организација со исто име „Солидарност“ е дел од двигателите на слободната мисла во земјава и кон крајот на 2014 година се вклучи во повеќе јавни битки. Покрај поддршката на протестите на студентите, левичарското движење „Солидарност“ беше еден од организаторите на протестот против воведувањето наплата на придонеси од хонорарните договори без претходна јавна расправа, која стапува на сила од почетокот на 2015 година. Според нив, тоа ќе биде уште еден удар кој ќе ги одземе правата на работникот во Македонија.

Во нивната анализа на 2014 година, членовите на „Солидарност“, Анастас Вангели и Здравко Савески, пишуваат дека владејачките партии се пред сѐ кланско-клиентелистички. Според нив, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се партии во позиција на племенски старешини и се единствени претставници на етничките интереси, и токму етничката припадност е основниот критериум на политичка идентификација и делување.

„Реториката на власта е дополнително засилена со етнонационализам и верски клерикализам, кои под превезот на традиционалните вредности шират нетрпеливост“, пишуваат Вангели и Савески во својата анализа.

Етнонационалистичка логика на функционирање на коалицијата на власт, според „Солидарност“, е погубна за политичката стабилност на Македонија, бидејќи етнонационализмот се наметнува како главна идеологија на незадоволните граѓани, како и главна форма на поврзување и мобилизација.

Според нив, новиот етнички македонски национализам е пасивно-агресивен и антизападен, но и антибугарски, антисрпски и антиалбански. Во свет во кој Македонците се оставени сами на себе, наративот на „Голема Албанија“ има улога да заплаши и да обедини. Истовремено, потсетуваат Вангели и Савески, ВМРО-ДПМНЕ веќе шест години е во брак со ДУИ, „партијата носител на албанскиот етнонационализам во Македонија“.

Ваквата етнонационалистичка логика на функционирање на двете партии, според „Солидарност“, е погубна за политичката стабилност на Македонија, бидејќи етнонационализмот се наметнува како главна идеологија на незадоволните граѓани, како и главна форма на поврзување и мобилизација.

Во повеќе наврати се покажа дека секогаш кога им гори под нозете на лидерите на коалицијата на власт, тие посегнуваат кон потпалување на меѓуетничките односи. Затоа не е исклучено во годината пред нас сериозно да се користи етноцентристичката карта со цел зачувување на моќта.

Ризикот кој притоа би го преземале партиските лидери е преголем. Во судирот на националистичките доктрини жртвите се неминовни, особено ако тој излезе од контрола. Но, прашање е дали народот и овој пат ќе падне на блефот или ќе возврати со контранапад. И во двата случаја нѐ очекува бурна година со многу превирања и разврски.