Ниту на плус 36 Ц степени, не можат да ги стоплат премрзнатите прсти со кои минатата зима ги обработуваа полжавите во фабриката за замрзната храна во Неготино. Жените работнички, кои беа вредни и работеа за надница, од 1 ноември до 13 декември минатата година, по седум месеци се собраа пред велешкиот суд, кажаа како работеа, а за тоа не добија плата од газдите на фабриката. Тие побараа помош од институциите во државата, но неа сè уште ја чекаат.
Најголем дел од работниците се жени над педесет години, речиси пред пензија и од семејства кои не остваруваат никакви месечни примања. Раскажуваат за БИРН дека сиромаштијата ги принудила да работат за надница, некои од нив и само за да можат да си купат лекови.
Работничката Александра Богданова jа раскажува трагичната приказна на нивната колешка која не доживеа да ја заврши борбата за плата.
„Само нè лажат на први ќе земеме, на петнаесетти, а еве уште не ни ги исплатиле платите. Жал ми е за една жена што работеше со нас, сирота доаѓаше тешко болна за да заработи за лекови, си почина и не ја дочека платата “, вели Александра.
А плата немаат земено осумдесет жени кои работеа во оваа фабрика. Сите имаат договори за работа на дело, кои според адвокатот што ги застапувал пред институциите, не биле исправни.
На самиот почеток во потрага по правда веднаш затропале на вратата на Трудовата инспекција во Велес, од каде што почнале да ги препраќаат како да се несакан пакет со непозната адреса.
– Од Трудовата инспекција во Велес ни рекоа обратете се во кавадаречката, таа е надлежна. Од Управата за јавни приходи инспекторот ни рече да испратиме препорачано до Скопје, но и од таму до денеска немаме одговор. Адвокатот ни кажа да поднесеме опомена пред тужба, ама и за тоа ни побараа по 4.000 денари, а ние пари немаме “, рече Богданова.
Каде е Трудовата инспекција
Работењето без плата во Македонија стана секојдневие за голем број работници, иако станува збор за кршење на законските одредби. Имено, поред Законот за работни односи (член 109) платата мора да биде исплаќана во интервали не подолги од еден месец, најдоцна до 15. следниот месец, а ако има некоја промена на денот на исплаќањето, работодавецот мора писмено да ги извести работниците за тоа. Ако вака не постапи, глобата што може да ја добие изнесува 2.000 до 3.000 евра плус 500 до 1.000 евра за директорот (член 265).
Трудовата инспекција, пак, според Закон е должна да изврши надзор по барање на работниците на кои им е прекршено работничко право и да ги санкционира газдите кои не ги испочитувале нивните права.
БИРН се обиде да стапи во контакт со Трудовата инспекција и да праша дали е реагирано и како во врска со овој случај. Оваа институција не се одважи да одговори на нашите прашања, согласно со Законот за слободен пристап до информации испратени на 7 јули годинава и последователни прашања испратени по електронска пошта.
До денеска нема одговор од инспекторатот што презел конкретно во врска со пријавата на работниците од фабриката за замрзната храна. Истекоа законските 30 дена, но од таму в.д. директорот на Државниот инспекторат за труд, Злате Стојановски, не одговори ниту на повторно пратените прашања преку е-пошта.
Образложението, ако така може да се нарече, го добивме преку телефонски разговор со, советникот за координација во Министерството за труд, Зорица Џингова, која соопшти дека информациите поврзани со конкретните случаи тешко можат да се добијат бидејќи во записниците се појавуваат матичните броеви на работниците, а нивното јавно обелоденување е законски недозволено.
Додека трудовата инспекција грижливо ги чува нивните матични броеви, на работничките кои со месеци работеа без надомест и натаму не им е неплатен нивниот труд. Сега тие работат во други фирми, а нивниот поранешен газда континуирано бара нови сезонски работници.
Газдите можат мирно да спијат
Работниците со кои контактираше БИРН раскажуваат како не се живее без пари еден месец, а камоли цела година. Околу педесетина продавачки на леб и бели печива, пекари, магационери и хигиеничарки останаа на улица со неисплатени плати од 12 до 14 месеци.
Со работен стаж од 28 години, 55-годишната Тодорка С., остана и без работа и без пари. Нејзе фирмата ѝ должи 13 плати. Таа сега го зема надоместокот за технолошки вишок, но вели дека само таа знае како успеала да преживее без пари една година.
– Се пожаливме кај градоначалникот, во синдикатот и кај трудовите инспектори. Последниве ми рекоа дека како единка не можеш ништо да направиш, ај соберете се повеќе за да постигнете некаков ефект – рече Тодорка.
Зошто сопствениците на „Жито Вардар“ биле толерирани од страна на државата и не им било исплаќано редовно плата побаравме информација од Државниот трудов инспекторат. Од таму повторно не добивме одговор.
Со оглед на неажурноста на трудовите инспектори во овие случаи, сосема е разбирливо што сопствениците и менаџерите на фабриките не го почитуваат законот и не се плашат од казните. Тие, едноставно, тоа можат да си го дозволат. Имено, не секој работник пријавува кршење на работното право. Потоа и да пријави постои можност инспекторот да биде „наклонет“ кон сопственикот и да не го казни, а дури и ако го казни, тоа се мали износи.
Максималната парична казна за работодавците е 4.000 евра, а ако притоа им должат со исплатата на повеќе вработени, износот е многу поголем. За 4.000 евра вреди да се ризикува, објаснува активистот за работнички права Здравко Савески.
– Ингеренциите на трудовите инспектори не се многу големи, паричните казни што тие ги изрекуваат не се така големи, а меѓу работниците е раширено мислењето дека тие се корумпирани, дека им се продаваат на работодавците за нешто кеш или за некој стоков подарок. И како да им се верува тогаш? – рече Савески.
Различни статистики и вистини
И додека трудовиот инспекторат молчи, регионалниот синдикат во Велес потврдува дека постои драстично прекршување на основните работнички права.
Барајќи помош од синдикалците, кај нив најчесто доаѓаат оштетени работници со неисплатени надоместоци за прекувремена работа, за работење за викенд и за празник, за работа во трета смена како и поради неправилно распоредени додатоци од плата, поточно за осигурување на најнизок износ на плата без разлика на квалификации и образование. Постојат и случаи на оштетени работници на кои фирмите не им платиле здравствено и пензиско осигурување за време на годишен одмор.
„Сè почнува со договорот за работа, кој најголем дел од работниците и не го добиваат. Потпишуваат празен лист хартија и нивниот потпис многу често се злоупотребува“, вели претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија за Велес, Себедин Шаќиров.
Статистиката на ССМ покажува дека во периодот од март до јуни годинава, 64 тужби поднеле работничките од фабриката за замрзната храна со кои бараат исплата на плати.
По ист основ тужат и тројца поранешни работници на „Дрекслмајер“, додека 10 приговараат на отказните решенија без отказен рок. Плати од фирмата „Жито Вардар“ преку суд бараат и 14 поранешни работници.
Поради притисокот од газдите да не штрајкуваат, десет работници од фабриката за крзнени производи „Димко Митрев“ и двајца од фабриката за шински возила „Колска“ во Велес поднеле тужбени барања и за нивните работнички права ќе одлучува судот.
Со помош на синдикатот 59-годишен работник во Јавната здравствена установа Општа болница во Велес докажал дека не може да работи во ноќна смена поради нарушено здравје. Во неговиот случај судот постапил според Законот за работни односи и пресудил дека работодавецот мора да му ја почитува возраста и да го праша дали се чувствува способен да работи ноќе.
Овие случаи не можат да се пронајдат во евиденцијата на Државниот инспекторат за труд, објавена на веб-страницата на институцијата. На „црната листа“ единствено се наоѓа фабриката за замрзната храна во Неготино. Во извештајот за февруари годинава стои дека фирмата постапила спротивно на Законот за работни односи според член 258 и дека е поднесено барање за прекршочна постапка.
Инспекторите упатуваат на статистики и бројки објавени на веб-страницата на Министерството за труд. Според податоците преполни со бројки лани во трите тримесечја извршиле вкупно 20.791 контроли, редовни и по барање на работниците, откриле 774 непријавени работници, а поднеле 470 барања за поведување на прекршочни постапки. Нема информации за резултатот од постапките, но според она што се случува во погоните и претпријатијата, не е тешко да се претпостави дека тие немаат никаков ефект и тогаш кога се изрекуваат.
Штрајкот е дозволен само на хартија
Секојдневието на македонскиот работник покажува дека кон него подеднакво се однесуваат и домашните и странските газди. Сите тие наоѓаат дупки во Законот за работни односи и не ги почитуваат колективните договори. Велешки „Жито Вардар“ е домашна компанија, со мешовит капитал е фабриката за замрзната храна во Неготино, додека кавадаречки „Дрекслмајер“, пак, е странска инвестиција.
– Морам да кажам дека најголемиот број сопственици на фирми не дозволуваат синдикално организирање на работниците. Тоа ни ја отежнува работата затоа што не можеме да им помогнеме кога доаѓаат и ни кажуваат за нивните проблеми. Во таков случај единствено што можеме да направиме за нив е да им дадеме бесплатна правна помош“, ни кажа Шаќиров.
А кога гневот од континуираното газење некогаш ќе ескалира и ќе избие стихиен штрајк, освен ако не се работниците правни експерти, ќе прекршат некоја одредба од законите со кои се регулира правото за штрајк и работодавачот ќе го искористи тоа за да ги казни за непослушноста!
Законот за работни односи изобилува со обврски кои работниците треба да ги исполнат пред и за време на штрајкот. И не е само Законот за работни односи. Има уште барем 13 закони, знајни и незнајни, кои го регулираат правото на штрајк во некоја сфера.
– И велат дека во Уставот било гарантирано правото на штрајк! Можеби така пишува во Уставот, ама во законите сето тоа така е регулирано како да имало свесна намера што е можно повеќе да се обезвредни уставно гарантираното право на штрајк, а работниците само наводно да имаат право да кренат глас – вели Савески.
Револтот на Деан С. од Велес и Стојна Т. од Кавадарци, бивши работници во „Дрекслмајер“, ескалираше со штрајк. Си ги бараа ветените, но неисплатени празнични дневници. Тие беа дел од работниците од ноќната смена што штрајкуваа и го извлекоа најдебелиот крај. Добија откази и се пожалија кај трудовата инспекција од каде ниту по шест месеци немаат добиено известување дали била извршена контрола по нивното барање. Отпуштените работници сега ја тужат фирмата.
– Ги тужам оти добив отказно решение без отказен рок за учество во штрајк, што е спротивно на Законот за работни односи. Претходно побарав помош од Народниот правобранител и од таму ми одговорија дека не може да интервенира бидејќи станува збор за странски инвеститор. Но вети дека ќе побара информација од Државната трудова инспекција и така ќе се информира за овој случај. Досега немам одговор што таа државна институција го информирала Народниот правобранител за мене и за колегите кои сме избркани – рече велешанецот Деан.
– Јас имам документ издаден од фабриката во кој пишува дека по истекот на тримесечниот ангажман, по автоматизам работниот однос ми е продолжен на една година. Тој ќе го приложам на суд и ќе водам постапка за да докажам дека не можат да ме отпуштат од работа – рече кавадарчанката Стојна.
Деан и Стојна се подготвени до крај да ја водат битката за правда со домашните институции и ако не ја добијат, ќе ја бараат пред Судот за човекови права во Стразбур.