Петто лето по ред малиот грчки остров Скијатос е вториот дом на Александар. Тоа би била дестинација од соништата за многумина млади. Сонцето постојано сјае и забавата никогаш не завршува. Луѓето се секогаш насмеани и секој проблем изгледа минорен.
Но, Александар не дошол за да ужива во благодетите кои ги нуди островот, туку да заработи од нив. Неговата летна работа во рент а кар сервис е начинот на кој обезбедува егзистенција за цела година за неговата сопруга и дете, кое сѐ уште нема две години. Цената што ја плаќа тој е разделеност од семејството со месеци.
„Неиздржливо е да си разделен од семејството, особено од мојата ќерка која расте без својот татко“, вели тој со доза на тага во неговиот глас, стоејќи пред рент а кар сервисот во кој работи, на тесната уличка во главниот град на островот, што исто така се вика Скијатос.
Триесет годишниот Александар е еден од многуте Македонци кои ја напуштаат родната земја за да работат нелегално во Грција за време на туристичката сезона од мај до октомври. (Како и на сите други Македонци кои во оваа приказна се цитирани само со името, и нему му е даден псевдоним за да се заштити неговиот идентитет бидејќи работи нелегално.)
Грција во минатото беше местото каде студентите и младите одеа на сезонска работа со цел да заработат некој денар, а воедно и да се забавуваат и да го поминат летото покрај море. Но, во меѓувреме нештата се променија, и многумина одат на југ за да заработат пари преку летото.
Официјалните статистички податоци во Македонија го објаснуваат тоа. Стапката на невработеност изнесува околу 28 проценти и е една од највисоките во Европа.
Просечната нето месечна плата изнесува околу 340 евра. Но, околу 270.000 лица, односно скоро половина од работниците што добиваат плата, имаат пониски примања од 200 евра месечно.
Магнет за туристи и работници
Македонците сочинуваат само мал дел од странската работна сила која помага во туристичката индустрија во Грција, сектор кој остана здрав и покрај длабоката економска криза во земјата.Сместен во Егејското море, малиот остров Скијатос секое лето е полн со туристи, привлечени од десетиците плажи, шумскиот пејзаж и живописните улички со бело варосани куќи и сини капаци на прозорците. На островот се снимени неколку сцени од холивудскиот мјузикл „Мама миа“!
Повеќе од 119.000 странски посетители слетале на Скијатос со авион само во текот на летото минатата година, а безброј други пристигнале со ферибот. На островот чија популација е нешто повеќе од 6.000 жители, има голема побарувачка за дополнителни работници за време на туристичката сезона.
Александар откако за прв пат дошол на Скијатос работи за истата рент а кар компанија. Работи по 10 до 12 часа секој ден, без да има слободен ден, за време на високата сезона меѓу јуни и август. Заработува 800 евра и мора сам да си ги покрие животните трошоци, вклучувајќи го и сместувањето.
Тој заработува малку повеќе од минималната плата во Грција, која изнесува 683 евра, иако таа се однесува на 40 работни часа неделно. Александар за да ја заработи таа сума работи двојно повеќе часови.
Но, неговата заработувачка е сепак поголема од она што би можел да го заработи дома. „Би можел само да сонувам дека ќе ги заработам тие пари во Македонија“, вели Александар.
Во Скопје во изминатите години Александар работел само еднаш во една приватна фирма за 170 евра месечно.
Друг Македонец од Скопје, 32-годишниот Игор, исто така, работи во Скијатос, во рент а кар компанија. Ова е седма година по ред како тој незаконски работи на островот.
Како и многу други Македонци во грчката туристичка индустрија, Игор и Александар сметаат дека нивниот нелегален статус е резултат на лошите односи меѓу Атина и Скопје, кои се вкоренети во деценискиот спор околу употребата на името Македонија.
Тие сметаат дека нивните работодавачи не би можеле да им обезбедат дозвола за работа, бидејќи грчката држава ги дискриминира Македонците.
„Тоа не е фер”, вели Игор луто, додека седи со пријателите после работа.
Сепак, експертите за грчкиот закон за работни односи, велат дека не веруваат оти македонските работници се издвоени кога станува збор за нивниот работен статус.
Македонците работат незаконски во туристичката индустрија, велат тие, бидејќи добивањето на работна дозвола за секој работник надвор од Европската унија е толку долг, бирократски процес што работодавците главно не се ни обидуваат да го започнат.
Но, не е тешко да се види зошто македонските работници сметаат дека се изложени на дискриминација.
Долготрајни тензии
Грција, од стекнувањето на независноста на Македонија во 1991 година, не го прифаќа уставното име на земјата. Бидејќи еден регион во северна Грција се нарекува Македонија, Атина тврди дека употребата на тоа име од страна на Скопје подразбира територијални претензии.
Грците се исто така лути затоа што Скопје ги присвојува личностите, како што се Филип Македонски и Александар Велики, кои историски се сметаат за дел од грчката култура.
Спорот доживеа кулминација во 2008 година кога Македонија требаше да влезе во НАТО, а Грција реши да го искористи правото на вето. Грција исто така не го дозволува влезот на Македонија во ЕУ додека не се реши спорот.
Македонците кои патуваат во Грција се соочуваат со практични последици од ваквиот спор. Грчката гранична полиција ги прегледува пасошите, но воопшто не става печат, бидејќи документите не се официјално признаени од Атина. Наместо тоа полицијата става печат на бел лист хартија на кој се наведени личните податоци.
Обичните Македонци од прва рака имаат можност да искусат колку чувствителни можат да бидат Грците во врска со името Македонија и македонскиот јазик.
„Забрането ни е да зборуваме на нашиот јазик пред нашиот газда и треба да се претставуваме дека сме од Скопје, а не од Македонија“, вели 24-годишната Елена од малиот град Македонски Брод, која се сеќава на нејзиниот прв ден на работа како промотор на една дискотека на островот Миконос.
„Еднаш газдата не слушнал дека зборуваме на македонски јазик. Тој беше многу лут и почна да ни вика. Оттогаш сме внимателни”, вели таа, седејќи во едно кафуле на плажа на островот, еден ден во јуни.
Здружението на грчките туристички компании (СЕТЕ) вели дека Македонците се во иста правна положба како и сите други работници од земји кои не се членки на ЕУ. И експертите велат дека тие не гледаат докази дека пошироките тензии меѓу Атина и Скопје се причина што Македонците работат илегално во туристичкиот сектор.
„Повеќето странски работници работат илегално во Грција … затоа што е тешко да се добие дозвола за работа”, вели Костас Пападимитриу, вонреден професор по право на Универзитетот во Атина.
Според официјалниот систем, објаснува Пападимитриу, работодавачот мора формално да го покани работникот да се вработи и да поднесе барање за дозвола за работа во Министерството за внатрешни работи – процес што може да трае со месеци.
„Многу работодавци не … сакаат да го следат, бидејќи е бирократски. Затоа, сакаат незаконски да ги вработуваат (работниците кои не се од ЕУ земјите)”, вели тој.
Зоран Кочовски, сопственик на Кузон, македонска агенција за привремени вработувања во странство, вели дека во минатото било релативно лесно за Македонците да работат легално во Грција.
Но, по економската криза во Грција што започна во 2010 година, вели тој, властите го отежнале процесот за добивање на дозволи и ги охрабриле Грците да ги прифатат работните места кои порано биле резервирани за странците.
Според Кочовски, двете влади имаат можност да потпишат договор за легализирање на работата на Македонците во Грција и без да ги решат подлабоките разлики.
„Независно од спорот со името, македонските власти имаат можност да потпишат билатерален договор со Грција за миграција на работната сила“, вели тој.
Бугарскиот пасош е голем бонус
Во отсуство на таков договор, Македонците им завидуваат на своите сонародници кои имаат добиено пасоши од Европската унија.
Четириесет и едногодишниот Дарко од Скопје, кој работи на рецепција во еден хотел со пет ѕвездички, работел нелегално на Скијатос три години. Но, работите се промениле за него откако добил бугарски пасош.
Во последниве години, Македонците се во можност да добијат бугарски пасоши релативно лесно, со докажување на бугарско потекло. Но, многу Македонците ја сметаат оваа опција како непатриотска, и покрај тоа што ќе им обезбеди државјанство од ЕУ.
Сега на Дарко сѐ му е обезбедено, за време на петте месеци, па и повеќе колку што работи на Скијатос секоја година: стан, социјално и здравствено осигурување, а и платата му е поголема отколку на сезонските работници со македонски пасоши. Тој работи осум часа дневно и заработува 1.400 евра месечно.
„Жал ми е за сите Македонци кои работат во Грција, а не можат да имаат платени придонеси”, вели Дарко.
Како работник од земја во ЕУ, Дарко ужива и во други предности дури и по завршувањето на летото. Ако има работено повеќе од одреден број на денови, тој добива надоместок за невработеност до крајот на годината.
Агенциите наоѓаат работни места
Во последните години се појавија низа огласи на веб порталите или социјалните мрежи кои посредуваат за работа во Грција. Се нудат работни места за келнери, собарки, за работа во кујна итн. Платите се движат од 600 до 1.000 евра, со можност за обезбедено сместување и храна.
Огласите се објавени од страна на македонски и на грчки агенции. Балканската мрежа за истражувачко новинарство се јави во некои од овие агенции за да добие повеќе информации. Тие побараа работна биографија и рекоа дека работодавците ќе направат интервју преку Скајп ако се појави соодветна работа.
„Кога ќе ви биде обезбедена работата патувате до Атина, каде ве пречекува некој од вработените од грчката партнер агенција кои понатаму ви го организираат патот до крајната дестинација“, вели една Македонка која е посредничка за работа во Грција.Провизијата за услугата на агенциите кои посредуваат за работа изнесува до 250 евра.Тие посредуваат за работа од три месеци, колку што Македонците можат законски да престојуваат во Грција.
„Доколку некој од работниците сака да остане подолго, тоа е на нивна одговорност. Работодавците нормално сакаат тие да останат и кај нив нема да наидете на проблем“, вели жената.Марија, 32-годишна мајка на две деца од Скопје, работела две лета како собарка на островот Кос, оставајќи ги своите деца да живеат со таткото. Таа ја нашла работата преку македонска агенција, и платила 100 евра за услугата.
„Ви ги ветуваат најдобрите услови, а ќе завршите со чистење на 25 соби дневно, работејќи најмалку 12 часа”, вели таа.Оваа година се договорила да работи на островот Скопелос преку грчка агенција. Еден ден пред да замине од Скопје, работната понуда била повлечена.„Сакаа повеќе пари, бидејќи имаше многумина заинтересирани за работата”, вели таа.
Неколку работодавци на Скијатос одбија да зборуваат за вработувањето на македонски работници. Но Кусиос Христос, кој е сопственик на ресторан, хотел и супермаркет, вели дека странски работници не се вработуваат нелегално само за да се намалат трошоците. На одморалиштата едноставно им е потребна сета помош што можат да добијат во екот на сезоната, вели тој.
„Туристичките места секогаш имаат потреба од дополнителна работна сила“, вели тој, додека седи во ресторан, која има свој базен и тениско игралиште. Христос, кој во бизнисот е повеќе од 20 години, се шегува дека е одговорен што толку многу Македонци работат на островот бидејќи извесно време живеел во Скопје, и ги охрабрувал луѓето да дојдат на Скијатос.
Христос во минатото ангажирал Македонци кога казните за вработување на нелегални работници биле ниски, но сега за него цената е превисока. Во неговиот ресторан и денес има Македонци, но само оние кои поседуваат пасош од други земји кои се наоѓаат во ЕУ, обично Бугарија.
„Грчкиот закон за сезонски работници е многу строг за оние кои доаѓаат надвор од ЕУ да може да работат во Грција и не важи само за Македонците, туку за сите останати“, вели Христос, кој зборува течен македонски. Грчките работодавци се соочуваат со високи парични казни ако бидат фатени дека вработиле некого илегално. Самите работници ризикуваат можност за парична казна, притвор и депортација.
На пат за дома
За македонските сезонски работници, сепак, вреди да се преземе ризикот. Тие знаат дека заработуваат многу повеќе отколку што би можеле дома. Иако работат многу часови, без права и бенефиции во кои уживаат Грците и другите граѓани на ЕУ, нивните услови се сепак далеку подобри од оние со кои се соочуваат другите емигранти во Грција, како што се оние кои работат во областа на земјоделството.
Македонските работници влегуваат во Грција како туристи, но потоа остануваат подолго од законски дозволениот лимит од 90 дена според правилата на ЕУ. Ова значи дека тие се соочуваат со уште еден дополнителен ризик кога си одат дома – нелегално преминување на границата, кое чини до 300 евра.
Еден 34-годишен скопјанец, кој работел осум години како ди-џеј на Скијатос, вели дека една година имал договор со пензиониран полицаец да му помогне да ја премине границата. Но, пријателите на човекот од пограничната полиција не биле на должност тој ден, па морале да најдат друго решение.
„Се качивме на планината во близина на македонската граница … јас бев со една Македонка. Мислевме дека ќе ја преминеме границата во автомобил. Но, човекот кој ги организираше работите дојде со трактор. Тоа беше нашето возило”, вели тој. „Тргнавме по планината, а врнеше – бевме накиснати, но среќни што ќе се вратиме во нашата татковина”, вели тој.
Друг пат, вели тој, бил скриен во камион со тројца пријатели. Еднаш ја преминал границата пеш без да биде забележан од страна на граничната полиција. Еден друг човек од Скопје, Ристе, кој девет лета работел во диско на Миконос, вели дека еднаш ја преминал границата скриен во багажникот на автомобил со две други лица. Секој од нив платил по 250 евра.
„Една девојка која беше со мене во багажникот почна да паничи и сакаше да излезе од автомобилот, додека ја преминувавме границата. Морав да ја смирувам. Багажникот е толку мал за тројца, и немаше доволно воздух. За среќа немаше гужва на граница и брзо минавме”, вели тој.
Александар, работникот во рент а кар, претходно ја има поминато границата пеш и скриен во камион. Оваа година можеби ќе биде потребен поинаков метод. Но, ова нема да му пречи. Тој само ќе биде среќен конечно да му се врати на своето семејство.
„Ќе бидам дома за роденденот на мојата ќерка и барем некако ќе ѝ надоместам за загубеното време“, вели Александар. Но, следниот мај, тој повторно ќе ги спакува своите торби и ќе се врати назад на Скијатос.
Овој текст е дел од програмата Балкански стипендии за новинарска извонредност, со поддршка од фондацијата ЕРСТЕ и Фондациите Отворено општество, во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство.