Регион

Мал напредок во заштитата на човековите права на Балканот

Маја Живановиќ, Белград

Фото: ХРВ

Во новиот извештај кој ХРВ го објави во четвртокот, се вели дека балканските земји и понатаму се соочуваат со старите проблеми во областа на заштитата на човековите права, како што се нападите врз новинарите, дискриминацијата на малцинствата, слабата заштита на бегалците и недостигот на политичка волја да се гонат воените злосторства.

„Минатата година ја покажа важноста од спротивставување на заканата, што ја претставуваат демагозите и нивната агресивна политика“, вели во воведот на извештајот, извршниот директор на ХРВ, Кенет Рот.

Како што се нагласува во извештајот, политичките лидери кои биле подготвени да се борат за принципите на човековите права, покажале дека можат да ја ограничат авторитарната популистичка агенда.

Во извештајот се сумираат клучните проблеми во заштитата на човековите права, во повеќе од 90 земји и територии во светот.

Босна и Херцеговина

ХРВ во извештајот нагласува дека напредокот во заштитата на човековите права во БиХ, во 2017 година, е слабо видлив.„Властите не ја прекинаа структурната и политичка дискриминација на Евреите, Ромите и другите малцинства“, се вели во извештајот.

Новинарите во регионот се изложени на ризици

Во извештајот се забележува дека еден од главните проблеми на Балканот и натаму се нападите и заканите кон новинарите.

Се укажува оти новинарите во БиХ биле подложени на заплашувања и закани и дека работеле во опкружување во кое заканите и заплашувањето биле честа појава.

Во Косово, се вели во извештајот, заканите и нападите врз новинарите продолжија и во 2017 година, а забележан е и бавен напредок во истрагите и обвиненијата.

Нападите и заканите продолжиле и против новинарите во Србија, а одговорот на властите бил несоодветен.

Според извештајот, провладините медиуми во Србија и во 2017 воделе кампања против независните медиуми и новинари.

 

Како што се додава, судовите во БиХ забележале само ограничен напредок во гонењето на воените злосторства.

Целта, најсложените случаи на воени злосторства што се водат пред Одделот за воени злосторства на Судот на БиХ, да се завршат до крајот на 2015 година, не е постигната.

Членовите на ЛГБТ заедницата, се вели во извештајот, се соочиле со говор на омраза и закани, а и натаму, повеќе од 98.000 лица се раселени, и покрај фактот што војната во БиХ заврши пред повеќе од 20 години.

Хрватска

ХРВ укажува дека во текот на минатата година, Хрватска ги враќала барателите на азил и мигрантите, кои влегле на нејзина територија преку Србија, без да ги провери нивните барања за азил.

Извештајот потсетува дека во јули, Судот на правдата на ЕУ донел одлука дека Хрватска го прекршила законот на ЕУ, бидејќи дозволила барателите на азил и мигрантите, да преминат во Словенија и во Австрија, без да ја проверат нивната апликација за азил.

„Барателите на азил и бегалците и понатаму се соочуваа со општествена изолација и потешкотии во пристапот до часови на кои се изучува јазикот, до образованието и вработувањето“, се вели во извештајот во кој се додава оти децата без придружба, биле сместувани во станбени установи за деца, без соодветен аранжман за нивна заштита и грижа.

„Од триесет регистрирани деца без придружба, само едно било запишано во училиште во учебната 2017/2018 година“, се вели во извештајот.

ХРВ евидентира и дискриминација кон лицата со посебни потреби, етничките малцинства, како и бавен напредок на хрватското правосудство во процесирањето на воените злосторства.

Косово

ХРВ во својот извештај вели дека е направен слаб напредок во однос на заштитата на човековите права во Косово, што е особено акцентирано од политичкиот ќор-сокак, до кој дојде по предвремените општи избори што се одржаа во јуни, и во услови кога владата беше формирана дури во септември.

Се забележува дека новиот специјален суд, пред кој треба да им се суди на сторителите на воени злосторства извршени за време на косовската војна во периодот 1998-1999 година, сѐ уште не профункционирал и оти и натаму се очекуваат првите обвиненија.

Тензиите меѓу Србите и Албанците во Косово сé уште се присутни, особено во северниот дел на земјата, се вели во извештајот.

Се истакнува дека заедниците на Ромите, Ашкалите и Египќаните и понатаму се соочуваат со дискриминација и дека е постигнат ограничен напредок во процесот на нормализирање на односите меѓу Косово и Белград.

Србија

ХРВ пишува дека има ограничен напредок во затворањето на јазот меѓу обврските на Србија во областа на заштитата на човековите права и нивната примена во практиката.

Се нагласува оти условите за прифаќање на барателите на азил биле лоши и оти системот за азил не бил совршен, и покрај фактот што бројот на лица кои барале заштита, опаднал.

Напредокот во процесирањето на воените злосторства и натаму беше бавен, се вели во извештајот.

„Гонењето на воените злосторства беше попречено поради недостиг на политичка поддршка, недоволен број вработени и недостиг на други ресурси во обвинителството за воени злосторства, како и поради сиромашните механизми за поддршка на сведоците“, се вели во извештајот.

Се истакнува дека пред судовите во Србија се нашле само неколку високи функционери кои биле вклучени во сериозни воени злодела.