Повеќе од две недели Собранието не реагира на фактот дека претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, е осомничена за оддавање службена тајна во врска со сериозен корупциски случај. Парламентот ги бира членовите на комисијата и може да ги повика на одговорност и да ги разреши, кога за тоа постојат услови.
За ваквата обврска на претставничкиот дом, зборувавме со членот на првиот состав на Антикорупциската комисија и долгогодишен адвокат, Драган Малиновски, кој меѓу другото учествуваше и во изработката на законското решение што предвиде јавност и инклузивност при изборот на членовите на ДКСК во 2019 година.
Со Малиновски разговаравме и за тоа дали имаше потреба од проширената делегација на јапонското ЕКСПО и за впечатокот што го остави државава со тоа што владини функционери учеството на светската изложба го претворија во полуприватна екскурзија.
БИРН: Претседателката на Антикорупциската комисија, која е осомничена за оддавање на службена тајна, одбива да поднесе оставка. Како ова ќе се одрази врз имиџот на комисијата и врз нејзината работа?
Малиновски: Имиџот на комисијата можеби е еден од најважните елемети во нејзината работа. Таа мора да има кредибилитет и интегритет и тие да бидат препознаени од јавноста и од институциите. А, за ликот и за карактеристиките на членовите на комисијата, воопшто не треба да разговараме. Тие треба да се беспрекорни.
Случајов со претседателкава е сличен како оној со специјалната обвинителка, Катица Јанева. Никој нема право да биде корумпиран, правник помалку, обвинител – уште помалку, а специјален обвинител – никако. Нас хаваријата со СЈО ни се случи од врвот на пирамидата. Оттаму, ако некој треба да биде беспрекорен, тоа се ДКСК и нејзиниот претседател.
Ова е катастрофа! Не само за комисијата, туку воопшто за борбата против корупцијата. Недозволиво е претседателката да не поднесе оставка. Но, ако таа има таков став по однос на својот мандат, тогаш Собранието е тоа што треба да отвори дебата. Тоа е вратата на која треба да се тропне и да се бара одговор на ова прашање.
Собранието има механизми да ја повика на одговорност и да ја разреши, станува збор за механизми, кои се поефикасни и поексплицитни, отколку оние што Парламентот ги имаше во врска со Судскиот совет, по кои, сепак, посегнаа пратениците. Недозволиво е ситуацијата да остане ваква.
Со тоа што Собранието сè уште не реагира, тоа го покажува односот на власта и на сите други кон еден од најчувствителните пунктови во борбата против корупцијата.
Дополнително, нејзината функција ја презеде заменичката, меѓутоа претседателката не е времено спречена да работи, таа не отишла на пат и не е болна – оваа ситуација ќе трае подолго. Ако тоа е така, кој ќе ја замени заменичката, ако таа биде спречена да работи од некои причини?
БИРН: Успешниот мандат на претходниот состав, покрај посветеноста и работата на членовите, во јавноста се препишува и на начинот на којшто беше избран составот на комисијата. Меѓутоа и овој состав беше избран на таков начин, што сугерира дека не е сè до процедурата за избор. Зошто не можеме да имаме две последователни комисии со интегритет и професионалност?
Малиновски: Kога работевме на новиот Закон за антикорупција, мислам дека беше во 2019, најмногу време потрошивме на форматот за избор на членовите. Зашто квалитетни членови на комисијата може да постигнат многу подобри резултати дури и во ситуација на несовршен закон.
Има извесна разлика меѓу првиот циклус на ваков избор, тој во 2019, и последниот од минатата година. Првиот пат политичките претставници беа усогласени со невладиниот сектор при оценувањето на кандидатите, секако со извесни нијанси.
Меѓутоа, вториот пат имавме драматична разлика – за некои кандидати (н.з. претседателката), за кои невладиниот сектор даде прилично ниски оцени, политиката, власта и опозицијата заедно дадоа максимални. Тука се поставува прашањето што се случувало?
Зашто ако се објективни може да имаат нијанси во ставовите, ама и не толкава драматична разлика. Не знам дали се договарале партиите, ама делува неприродно, политиката, значи заеднички власта и опозицијата, да имаат спротиставени мислења за кандидатите со невладиниот сектор.
А, што се однесува до механизмот за избор – потранспарентен начин од моделот кој се дизјанираше со законот, ние не можеме да направиме.
БИРН: Минатата недела голема владина делегација замина на Експо во Јапонија. Покрај официјално поканетите министер за надворешни работи и неговата сопруга, за кои организаторот од Јапонија го платил учеството, отпатуваа и повеќе владини функционери за кои и не е јасно во кое својство беа на тоа патување. Некои од нив дури ги поведоа и своите партнери. Што покажува оваа функционерска екскурзија за односoт кон парите на граѓаните?
Малиновски: Обично домаќинот ги кани тие што смета дека се соодветни за настанот. Тоа би требало да биде некој протоколарен однос кон нештата.
Сè останато е прашање на практикување на власта, па ако сакаме и прашање на вкус или невкус. Знаете, кога вие ќе отидете кај некого, тој нема да ги врати луѓето, меѓутоа тоа остава некој впечаток. Oд една мала Македонија, од каде биле поканети двајца, отишла цела делегација. Како да сме Кина?! Па, верувам дека и Кинезите не отишле во толкава бројка.
Лично сметам дека сето тоа е невкусно.
Не можам да ги знам ефектите на делегацијата и за тоа треба да бидат прашани сите што биле таму, тие што ги набројавте, да одговорат кој е учинокот од нивното одење таму. Со кого се сретнале? Што договориле?
И да го видиме бенефитот – од една страна да го ставиме трошокот на државата, а од друга страна ефектот што е постигнат.