Емина Диздаревиќ, Сараево
Во првите пет месеци од оваа година, Обвинителството на Босна и Херцеговина, подигна само четири обвиненија за воени злосторства, поради што се поставува прашањето, како оваа институција ќе го реши големиот број на заостанати предмети.
Обвинителството на БиХ, од јануари до мај оваа година, поднесе само четири обвиненија за воени злосторства, односно две помалку во однос на истиот период 2018 година.
Ова предизвика загриженост дека намалувањето на бројот на обвиненија, може да предизвика понатамошни одложувања, кога станува збор за голем број заостанати случаи на воени злосторства во БиХ.
Во измените на националната стратегија за воени злосторства, предложени минатата година, се вели дека државното обвинителство има повеќе од 550 нерешени случаи на воени злосторства, во кои се именувани над 4.500 познати сторители и ист број на случаи во кои сторителот не е познат.
Државната стратегија првично беше усвоена во 2008 година и предвидуваше, најсложените случаи на воени злосторства, да бидат завршени во рок од седум години.
Од обвинителството не сакаа да ни одговорат на прашањето, зошто во 2019 е покренат толку мал број на обвиненија.
Потпретседателката на Високиот судски и обвинителски совет (ВСОС), Ружица Јукиќ, не сакаше да го коментира бројот на поднесени обвиненија.
„Обвинителите се одговорни. За сите обвинителства и работата во советите. Тие не гледаат никаков проблем, според тоа, јас не сакам воопшто да коментирам. Јас ова и не го следев многу“, рече Јукиќ.
Во јануари оваа година, Обвинителството на БиХ, обвини осум поранешни припадницина Армијата на Босна и Херцеговина, за убиство на најмалку 12 членови на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), како и на две жени од хрватска националност во село Крижанчево.
Во февруари оваа година, Милојко Ковачевиќ, член на резервните полициски сили во Вишеград, беше обвинет за киднапирање и мачење на бошњачки жртви во регионот на Вишеград.
Во март, обвинителството ги обвини поранешниот припадник на Дринскиот корпус на Војската на Република Српска (ВРС), Миленко Гојголовиќ, за силување во Власеница и припадникот на територијалната одбрана на српско Горажде, Лазар Мутлак, за силување на жена од бошњачка националност.
Поранешниот судија, денес адвокат, Владо Адамовиќ, вели дека ако имало повеќе обвиненија во истиот период минатата година, логично е да се праша, зошто сега работата тече побавно.
Сепак, тој посочува дека посложените предмети, бараат повеќе работа и време.
„Тоа ви е исто, како вие, како новинар, на пример, од првиот до шестиот месец од минатата година, да сте напишале десет текстови, кои имале, да речеме, по десет страници, а оваа година само два, но и двата по 150 страници. Ако го гледате бројот на страници, вие сте добри, но ако го гледате бројот на текстови, тогаш сте лоши. А всушност, и во двата случаи сте добри, зависи од тоа како гледате на тоа“, тврди Адамовиќ.
Тој смета дека, за да се разговара за бројот на поднесени обвиненија, мора да се обрне внимание и на сериозноста на случаите, на нивната комплексност и на бројот на учесници.
Сараевскиот адвокат, Васвија Видовиќ, вели дека комплексните обвиненија, кои вклучуваат голем број активности и учесници, тешко се поднесуваат, бидејќи бараат многу повеќе капацитет, време и обвинители.
„Во зависност од бројот на извршни дејствија, некои обвиненија имаат многу сторители, а еден настан. Но, ако тие третираат подолг временски период, повеќе настани, тогаш тие се сложени обвиненија, за кои е потребно повеќе време и поголема група обвинители“, вели таа.
„Верувајте дека тоа не е лесно. Треба да се оценува од случај до случај“, нагласи Видовиќ.
Таа додаде дека, имајќи ја предвид стратегијата за воени злосторства, Обвинителството на БиХ треба да направи обид, да ги заврши што е можно поскоро повеќето обвиненија, за најсложените предмети.
Во 2008 година, властите во Босна и Херцеговина усвоија стратегија за работа на предметите на воени злосторства, која предвидува, на државно ниво, најсложените предмети да се процесираат во рок од 7 години, а сите други да се пренесат на ентитетско ниво и да бидат завршени за 15 години.
Со оглед дека кон крајот на 2015 година истече рокот од 7 години, а предметите на државно ниво не беа завршени, подготвена беше ревидирана стратегија, која предвидува, на ентитетско ниво, да бидат префрлени повеќе предмети и сите случаи да бидат завршени до 2023 година.
Во февруари минатата година, ВСОС даде согласност за ревидираната стратегија, но таа никогаш не се најде на агендата на Советот на министри.