Регион

МИЧП ја тужеше партијата на Вучиќ поради насилствата во Бешка

Филип Рудиќ, Белград

За време на трибината одржана во јануари 2017 година во Бешка, дојде до судир. Фото: МИЧП

Тројца активисти на МИЧП, кои, како што велат, биле повредени кога го прекинале говорот на осудениот за воени злосторства, Веселин Шљиванчанин, на трибината на СНП што се одржа во јануари 2017 година во Бешка, ја тужеа владејачката партија.

„И покрај насилството и кампањата на говор на омраза кон активистите на Иницијатива, оркестрирани од самиот врв на Српската напредна партија, за претепувањето никој не одговараше”, се вели во соопштението на оваа невладина организација.

Активистите велат дека биле тепани, а нивниот автомобил оштетен, затоа што тие го прекинале говорот на Шљиванчанин во Бешка, при што свиреа со свирчиња и развија транспарент на кој пишуваше „Воените злосторници да замолчат, за да се зборува за жртвите“.

Сепак, обвинителството ја отфрли кривичната пријава што активистите ја поднесоа против непознати сторители и наместо тоа поднесоа прекршочна пријава против нив.

Шљиванчанин, поранешен полковник на Југословенската народна армија (ЈНА), беше осуден на десет години затвор за помагање и поттикнување на тортура врз несрпски затвореници во Вуковар во 1991 година.

Прелиминарното рочиште што требаше да се одржи во среда, е одложено за мај, поради нови докази и несредени поднесоци на тужителите.

Имено, МИЧП поднесе нови докази – снимка на локален член на СНП, кој признава дека неговата партија ја организирала трибината.

МИЧП како доказ поднесе и пресуда на Европскиот суд за човекови права, донесена во сличен предмет, за да докаже дека нејзините активисти имале право да протестираат со носење на транспарентни и со прекинување на говорот на Шљиванчанин.

Сепак, со оглед дека пресудата е на англиски јазик, судот образложи дека таа мора да се преведе, за да биде прифатена како доказ.