Истражувањa

Милиони од далекуводот Албанија-Косово легнале на офшор-фирма

Босанскиот „Енергоинвест“ платил над 3,6 милиона евра за консултации на фирма на албански бизнисмен со политички конекции, откриваат документите на Пандора

Обилните снежни врнежи, силните ветрови и ледените наноси што ги зафатија северните планински предели на Албанија во јануари годинава ги уриваа електричните столбови и го прекинаа преносот на електрична енергија преку 400-киловолтниот вод што ги поврзува браните на реката Дрим со соседно Косово.

Овој далекувод почна со работа кратко време пред тоа, во минатиот декември. Поради екстремните временски услови и непристапниот терен, работите за поправка на мрежата почнаа дури во февруари, а линијата е воспоставена во мај.

Тој прекин, меѓутоа, беше само еден од низата проблеми што го погодија новиот далекувод долг 241 километар, инаку проект граден десет години. Тој е од големо стратегиско значење и за Албанија и за Косово, поставувајќи ги темелите  и за енергетска независност на Косово од поранешната матица Србија и за создавање нов енергетски блок во регионот.

Тендерската процедура за албанската делница од далекуводот, финансирана преку кредит од германската развојна банка во државна сопственост КФВ, почна во 2011 година.

Поради наводи за корупција, процесот е одложуван до април 2014 година. Тогаш Операторот на преносниот систем на Албанија (ОСТ) потпиша договор вреден 29 милиони евра со босанската инженерска компанија „Енергоинвест“ за изградба на албанската делница, што е завршено во средината на 2016 година.

Новиот далекувод и во Албанија и во Косово беше третиран како точка на прекршување во енергетскиот сектор.

Врз основа на големиот број документи што протекоа во јавноста, БИРН открива дека, почнувајќи од 2013 година, „Енергоинвест“ платил вкупно над 3,6 милиони евра на мала консултантска фирма регистрирана во Обединетите Арапски Емирати, во март таа година. Фирмата со назив „АЛ Енерџи Трансмишн“ ја води албанскиот бизнисмен Васил Калупи.

Иако тоа не мора нужно да биде противзаконско, експертите предупредуваат дека кога парите се пренасочуваат преку т.н. офшор-зони, се зголемува и ризикот од корупција.

„Во многу случаи, тендерите се фасада за прикривање на фактот дека спогодбата за освојување на тендерот е претходно преговарана со подизведувач“, вели Ѓерѓи Вурмо, експерт за областа „заробена држава“ при стратешкиот институт за демократија и посредување со седиште во Тирана.

Иако беа контактирани и по имејл, и по телефон, од „Енергоинвест“ не одговорија на прашањата за нивните деловни врски со „Ал Анерџи Трансмишн“, како на пример зошто платиле милиони евра на фирма што била тукушто основана и која, според тоа, зад себе имала малку искуство во енергетскиот сектор. Извршниот директор Калупи не одговори на барањето да даде свој коментар.

Политика во напојување со електрична енергија

Еди Рама на отворањето на енергетскиот блок Албанија-Косово во 2020 година | Фото: ОСТ

Од падот на комунизмот во раните 90-ти години од минатиот век, Албанија тргна во бурна транзиција кон пазарна економија, што доведе до поголема побарувачка за електрична енергија. Земјата стана нето-увозник. Но, поради малиот број високонапонски водови поврзани со поширокиот пазар на електрична енергија во Европа и поради недоволно вложување во домашната мрежа со децении, сигурноста во снабдувањето беше предизвик. Повеќе од една деценија, недостигот од струја беше нормална појава.

Со желба да ги исправи постојните недостатоци во текот на последните две децении, Операторот на системот на електрична енергија во Албанија инвестираше во три високонапонски далекуводи.

Далекуводот меѓу Албанија и Косово беше од посебна важност, не само поради неговиот потенцијал за значително да го зголеми преносот на електрична енергија меѓу тие две земји, туку и затоа што беше гледан како темел за воспоставување заеднички електроенергетски блок интегриран во регионалниот пазар.

Првиот тендер за изградба е распишан во март 2011 од ОСТ. Хрватската фирма „Далековод“ понудила да го изгради далекуводот за 36 милиони евра, а „Енергоинвест“ за 29 милиони. Иако била поскапа, избрана е компанијата „Далековод“ врз основа на квалитетот на нејзината техничка понуда. КфВ дале зелено светло, но од ОСТ одбиле да го потпишат договорот.

По промената на власта и доаѓањето на Социјалистичката партија на сегашниот премиер Еди Рама, распишан е втор тендер, па во декември 2013 година е избрана понудата на „Енергоинвест“ од 29 милиони. ОСТ го потпиша договорот во април 2014 година, а „Енергоинвест“ ги заврши работите на делницата долга 151 километар меѓу Тирана и косовската граница во јуни 2016 година. Фирмата „Далековод“ ја изгради делницата на Косово.

Пуштен во употреба со голема помпа во декември 2016 година, далекуводот не можеше да почне да пренесува струја поради тековните политички спорови меѓу Србија и нејзината бивша покраина Косово.

Косово се одвои со помош на воздушните напади на НАТО во текот на 1999 година и прогласи независност во 2008 година, но неговата електроенергетска мрежа остана споена со Србија. На почетокот од 2018 година, политичкиот спор доведе до фреквенциски девијации во синхронизираната високонапонска европска мрежа, што предизвика доцнење на милиони електрични часови од Шпанија до Турција.

Решението се појави во април 2020 година, кога Европската мрежа на оператори на преносни системи (ЕНТСО-Е) му дозволи на Операторот на преносниот систем на Косово (КОСТТ) да го напушти контролниот блок на Србија и да се придружи на струјниот блок со Албанија, односно на албанската берза на електрична енергија (АЛПЕКС).

Вносна консултантска работа и политички врски

Банкарски извештај на АЛ Енерџи Трансмишн кој ја прикажува уплатата од Енергоинвест

Основана во 1953 година, во социјалистичка Југославија, фирмата „Енергоинвест“ со седиште во Сараево е добро познат играч на пазарот на пренос на електрична енергија на Балканот, а и пред да победи на тендерот во 2013 година поставила стотици километри далекуводи во Албанија.

Во текот на 2011 година, таа фирма работела со „Далековод“ на изградбата на 400-киловолтната линија меѓу Албанија и Црна Гора; меѓу 2013 и 2016, фирмата потпиша договор со ОСТ за изградба на 110-киловолтен далекувод во јужна Албанија; а во текот на 2020 година, заедно со фирмата „Кончар“ од Хрватска, „Енергоинвест“ добил договор вреден 35 милиони евра за изградба на уште една високонапонска линија меѓу Албанија и Северна Македонија.

„АЛ Енерџи Трансмишн“ е основана во март 2013 година, во Рас ал-Каимаху, еден од седумте емирати што ги сочинуваат УАЕ, и тоа преку компанија што нуди офшор-услуги, „СФМ Корпорејт Сервисис“.

„БИРН дојде до регистрациските документи за таа компанија во состав на колекцијата документи познати како „Пандора Пејперс“, кои протекоа до Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари, и им се понудени на стотина новинари во 117 земји.

Принтскрин од профилот на Васил Калупи на Линкдин

Според тие документи, „вистински сопственик“ на компанијата, значи личноста што на крајот ја поседува или ја контролира компанијата, без оглед на тоа кој има законска сопственост, е жена по име Јола Дуро, 40-годишна жителка на албанскиот главен град Тирана.

Според деловниот план на таа компанија издаден во февруари 2013 година, во очи на нејзината регистрација, Дуро е наведена како раководителка на канцеларијата на компанија, а Калупи како раководител на проектот. На интернет-страницата на компанијата, Калупи е наведен како извршен директор.

„Компанијата има еден партнер, господинот Васил Калупи“, се наведува во деловниот план. Сопругата на Калупи, Дешира, е тетка на Јола Дуро. Дуро не одговори на барањето за коментар.

Според деловниот план, компанијата е отворена со почетен капитал од 8.600 евра, со цел да нуди консултантски услуги во енергетскиот сектор.

Како што се наведува во краткиот преглед на управувањето, нејзиниот персонал има искуство во енергетскиот сектор во Албанија, Македонија, Црна Гора и во Косово, вклучувајќи го и проектирањето и изградбата на 400-киловолтниот далекувод од Тирана до Подгорица и 110-киловолтниот далекувод во јужна Албанија. Договорот за изградба на двата далекувода е склучен со „Енергоинвест“.

Документите во кои БИРН имаше увид вклучуваат и извештај од банкарската сметка на „АЛ Енерџи Трансмишн“ во „Бендура банка“ со седиште во Лихтенштајн за периодот од 2013 до 2019 година, од кој може да се види дека „Енергоинвест“ извршил 39 уплати на таа компанија во текот на споменатиот период, со вкупна вредност поголема од 3,6 милиони евра.

Албанскиот премиер Еди Рама и поранешниот премиер на Косово Иса Мустафа на отворањето на далекуводот во 2016 година | Фото: ОСТ

Најголемото поединечно плаќање во износ од 1,5 милион евра е извршено на 26 април 2013 година, односно месец дена откако е регистрирана фирмата „АЛ Енерџи Трансмишн“.

Повеќето пари од таа сметка се повлечени на патна готовинска картичка, но, исто така, имало и префрлување од неа на Васил Калупи, неговата сопруга Дешира и на нивниот внук Сокол Сфердели.

Некои Албанци го знаат Калупи како „Васил од Виена“ поради неговиот престој во главниот град на Австрија, во текот на 90-тите години од минатиот век.

Новинарот и поранешен издавач Или Ракипи рекол дека Калупи се смета за близок со Фатос Нано, поранешниот водач на социјалистите на Рама, кој беше премиер на Албанија меѓу 1997 и 2005 година. Нано по пензионирањето се повлече во Виена.

„Калупи е еден од првите Албанци што се населија во Виена“, рече Ракипи во телефонско интервју за БИРН. „Беше поврзан со енергетските претпријатија од Југославија и имаше некаква работа со Нано“.

Поранешен функционер, кој зборуваше под услов да остане анонимен, исто така потврди дека овој бизнисмен е близок до поранешниот премиер.

Бесар Ликмета