Владата планира да го смести новото Министерство за енергетика, кое го води министерката Сања Божиновска, во подзаборавената зграда од проектот „Скопје 2014“ што неофицијално се нарекува Палата на Зевс поради неговата статуа на кровот.
Барокниот објект во центарот на Скопје, подигнат спроти хотел „Бристол“, почна да се гради во 2013 и првичната идеја беше таму да се смести централата на државната фирма за производство на струја, Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), поранешно ЕЛЕМ.
Изведувачите неколку пати го пробиваа рокот за изградба, но иако завршена, зградата не се користи со години.
Минатиот месец на владина седница Службата за општи и заеднички работи, СОЗР добила задача да ја оспособи палатата за потребите на новото министерство. Според записникот од седницата одржана на 5 јули во рок од три месеци СОЗР треба да почне постапка за технички прием, да ја стави во употреба и да ја предаде на трајно користење на новоформираното министерство за енергетика.
Објектот до сега не се користеше, бидејќи важи за еден вид дивоградба зашто при конструкцијата се направиле бројни промени од одобрениот план. Пречката за вселување требаше да се надмине со несудениот закон за легализација на 50.000 дивоградби, што тогашниот претседател, Стево Пендаровски го стопираше во 2021.
Сериозен проблем за нормално користење на зградата беше и тоа што нема пристап до паркингот на палатата. Првичната идеја била крајно непопуларна, влез во паркингот да биде направен со тоа што би се продолжила уличката што завршува во плочникот зад оваа нова зграда на ЕСМ.
Со ваквото решение би се уништило уште едно катче во центарот на Скопје, каде што жители одмораат на клупите под дрвја и каде што нивните деца безбедно си играат.
Според базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“, која ја изработи БИРН, зградата чинела речиси 17,5 милиони евра.
БИРН пред неколку години пишуваше за внатрешното уредување во палатата, повикувајќи се на сведоштва на луѓе, кои поради поради природата на нивната работа имале детален увид во ентериерот.
Тие раскажуваа дека во зградата постоел посебен лифт што водел до директорскиот кабинет. На катот каде што бил овој кабинет имало и релакс-соба со посебно ергономско легло за одморање. Исто така, за потребите за директорот во тоалетот имало туш-кабина. Во објектот се наоѓала и таканаречена „глува соба“, во која ѕидовите биле покриени со плута.
На местото на оваа зграда до 2013 година имаше парк. Целиот реон стана градилиште откако тогашната власт со полициски специјалци ги исфрли паркобраните што се противеа на идејата за нов блок барокни згради во тој дел од центарот на градот.