Анализи

Минско поле од аудио „бомби“

Никој не може да знае кога и каде ќе се објави негов приватен разговор

Јавниот простор во Македонија е претворен во минско поле. Никогаш не се знае кога, каде и за кого ќе пукне некоја нова аудио „бомба“.

Осум години откако СДСМ ги предаде снимените разговори од нелегалното прислушување меѓу 2008 и 2015 година на тогаш тазе основаното Специјално јавно обвинителство, очигледно е дека дел од познатите „бомби“ на Зоран Заев останале надвор од системот.

Тој своевремено тврдеше дека сѐ било предадено и ниедна копија не била задржана, а во јавноста останаа само снимките што тој претходно ги објавуваше во серијалот „Вистината за Македонија“.

Јавното обвинителство, пак, кое ги наследи предметите и материјалите на СЈО по неговото згаснување вели дека снимките се чуваат во сеф и во посебни услови, во поранешните простории на укинатото обвинителство, за да се спречи пристап на неовластени лица, нивно компромитирање или злоупотреба. Ќе се уништат кога ќе завршат случаите во кои се користат како доказни материјали.

Сефот можеби обезбедува заштита да не излезе тоа што е внатре, но е немоќен да го спречи ширењето на тоа што никогаш не влегло во него. Досега неколкупати се случи делови од разговорите да испливаат во јавноста.

Со оглед на тоа дека во масовното нелегално прислушување биле следени околу 20 илјади граѓани, постојат снимки меѓу нив и стотици илјади други соговорници со кои тие разговарале во периодот на следење. Ако се земе предвид и тоа дека минирањето на јавниот простор со аудиоснимки продолжи и по 2015 година, овојпат изработени со обични телефони наместо со специјална опрема за следење каква што имаат истражните институции и разузнавачките агенции, произлегува дека речиси никој во земјава не може да се надева на соодветна заштита на приватноста на комуникациите, загарантирана со Уставот, законите и со повеќе меѓународни повелби за човековите права.

Неодоливата можност за копи-пејст

Денес е лесно да се пренесуваат снимени материјали | Фото: Пекселс, Маркус Спајски

Во 2019 година се појавија снимки со приватна содржина, за кои и самиот Заев, како премиер, рече дека потекнуваат од материјалите што ги предал во СЈО, и побара МВР да го истражи случајот.

Во последните две недели, пак, снимки од телефонски разговори се објавуваат на канал на социјалната мрежа Фејсбук. Во нив се вклучени поранешни владини членови и починатиот сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.

Според содржината на разговорите, тие се направени за време на масовното прислушување, односно додека нивните учесници сѐ уште биле на функциите. Објавувачот, сопственикот на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски, не прецизира дали тие се копии од „бомбите“ на СДСМ, но во објава открива дека Заев му давал „бомби“, иако рекол дека сите материјали ги предал на СЈО. Најави и дека ќе објави 470 снимки каде што се слуша гласот на Младенов, а досега пушти една, која има околу 20 илјади прегледи.

Македонија има долго искуство со нелегално прислушување и следење комуникации. Многу години пред „Вистината за Македонија“, во 2000 година изби аферата „Големото уво“, која повторно ја откри СДСМ со тогашниот лидер Бранко Црвенковски, а за што беше обвинета тогашната министерка за надворешни работи, Доста Димовска, од ВМРО-ДПМНЕ.

За разлика од тој период, кога техничките услови за чување, слушање и пренесување такви материјали биле посложени и понедостапни за јавноста, „бомбите“ од 2015 година може да се пренесуваат со обичен копи-пејст на приватни компјутери, хард-дискови, УСБ и на какви било носачи на меморија. Досегашното искуство покажува дека некои не ѝ одолеале на можноста да се стекнат со тие материјали.

Секој стана потенцијален „шпион“

Осудените во „Рекет“, Катица Јанева и Бојан Јовановски, настрадаа од аудио снимки | Фото: БИРН

Минското поле што почна да се шири од „бомбите“ на Заев во изминативе години беше надополнето и со други снимени разговори што се појавуваа на јавни или на анонимни канали на Јутјуб или на социјалните мрежи.

БИРН веќе истражи дека од декември 2019 година, кога почнаа да се појавуваат снимки поврзани со предметот „Рекет“, до 2021 година биле отворени најмалку 16 канали со повеќе од 90 аудиоснимки. Каналите имаа разни имиња, како „Бошко Буха“, „Алибаба Тредичи“, „Донкорле Донев“, „Раце лепливи“ итн., и обично беа поврзани со конкретни случаи и личности.

Карактеристично за повеќето од овие снимки беше што не беа направени со специјална опрема за следење комуникации, каква што поседуваат истражните институции или разузнавачките агенции. Во некои случаи, снимач бил еден од учесниците во разговорот, во други трето лице што го вклучило микрофонот на мобилниот телефон додека други зборувале (примерот со „таксистот“ на пратеникот Павле Богоевски) итн.

Ризикот за приватноста

СЈО внимателно ги одвојуваше приватните разговори од релевантните за случаите | Фото: БИРН

Поседувањето снимени разговори од неовластени лица е незаконско, како и нивното објавување или покажување на трети лица. Ова важи дури и за материјали од легално прислушување со т.н. посебни истражни мерки (ПИМ), а камоли за аудиозаписи од нелегално следење на комуникациите. Сепак, одредбите во Кривичниот законик што ја покриваат оваа материја предвидуваат дека постапка се отвора само ако некој поднесе пријава како оштетен.

БИРН испрати прашања до обвинителството дали некој поднел пријава по последните објави на „бомбите“ и дали се води каква било истрага за тоа кој сѐ поседува делови од тие материјали. За првото прашање добивме одговор дека нема пријави, а второто остана неодговорено.

Еден од најголемите ризици од поседувањето и објавувањето на овие разговори е загрозувањето на приватноста на граѓаните, бидејќи во материјалите има многу приватни разговори. Во еден од извештаите што поранешното СЈО ги поднесуваше до Собранието за својата работа, се вели дека преслушале и анализирале над 500 илјади разговори, од кои за 190 илјади утврдиле дека се приватни и според тоа нерелевантни од правен аспект.

Имаше и случаи кога во исти снимки имало и приватни детали и содржини релевантни за  предметите што ги водеше СЈО, како на пример „Титаник“ и „Монструм“. Поради тие околности, јавноста беше исклучена кога снимките беа пуштани во судниците.

„Бомбите“ се намножија, но татнежот ослабе

Снимените разговори привлекуваат помалку медиумско внимани | Фото: БИРН

Приватноста во Македонија е заштитена со Уставот уште од 1991 година, каде што во членот 17 се гарантира слободата и тајноста на писмата и на другите облици на општење, а во членот 25 се гарантира приватноста на личниот и на семејниот живот.

Во 2015 година, пак, се донесе и Закон за заштита на приватноста, со кој се уредуваат правата токму на лицата што биле прислушувани меѓу 2008 и 2015 година. Во него се предвидува дека секој што има материјали од снимени разговори треба да ги предаде за најмногу 20 дена, како и дека оној што ќе објави содржина што ја нарушува приватноста на личниот и семеен живот ќе се казни со затвор до една година. Исклучок се разговорите што претставуваат јавен интерес.

Правото на приватност е заштитено и со Универзалната декларација за човекови права, Европската повелба за човекови права и со други меѓународни документи. Тоа се третира многу сериозно во светски рамки, особено откако развојот на технологијата го направи нарушувањето на приватноста достапно за речиси секој.

Во македонскиот јавен простор, пак, нарушувањето на приватноста со технички средства многу ретко станува тема. Снимањето туѓи разговори, не само што се нормализираше, туку и привлекува сѐ помало внимание. Тоа може да се види, на пример, со пребарување на агрегаторите на вести или на социјалните мрежи кога ќе се појави нова снимка.

Така, и сегашните „бомби“ со Младенов, Груевски, Јанкулоска и другите, останаа да се слушаат во кругот на следачи на објавувачот.