Истражувањa

Нелегалното снимање како неефектна партиска пиротехника

Активни се најмалку 16 канали со незаконски снимени материјали

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Прислушувањето е мајка на владеењето“. Овој графит се ширеше низ социјалните мрежи по објавата на опозициските „бомби“ во 2015 година. Aлудираше на тоа дека власта со години се одржувала според максимата „Прислушувај, па владеј“.

Шест години по првите бомби што одекнаа од Бихаќка во февруари 2015 и што тектонски ја растресоа политичката сцена, неовластеното снимање не престана, но снимките, освен оние за аферата „Рекет“, речиси и да не предизвикаа „детонации“ во јавноста.

Вчера адвокатите на Бојан Јовановски и Катица Јанева се жалеа пред Апелациониот суд дека токму снимките кои се појавија по почетокот на „Рекет“, наречени „Фид аур демокраси“, судот не дозволил да бидат докази, оти ги поднеле по завршување на доказната постапка.

Истражувањето на БИРН покажа дека за една и пол година биле отворени најмалку 16 канали на Јутјуб, на кои има нелегално снимени материјали. Само еден досега е затворен, а другите сè уште се активни.

Виртуелното „депо“ засега брои над 90 снимки со стотици илјади преслушувања. Обвинителството ги кани оштетените да пријават, а прислушуваните очигледно не се чувствуваат дека се оштетени.

Порачки по нарачка

Најмалку 16 активни канали на „Јутјуб“ со нелегално снимени разговори | Фото: БИРН

Во последните денови од април, медиумите објавија снимен разговор на двајца за кои пишува дека се осудени лица за упадот од 27 април. Тие (наводно од затвор) разговараат за ликвидација на премиерот Зоран Заев и на неговото семејство. Премиерот изјави дека е згрозен од разговорот.

Каналот со снимките по „Рекет“ е уште активен | Фотоскрин: Јутјуб

Случајно или не, снимката беше објавена три дена по протестите на ВМРО-ДПМНЕ, со кои се побара ослободување на насилниците во Собранието.

Но, ако порано со ваква снимка се отвораа вести, медиумите речиси незабележано ја проследија (со делумно игнорирање или како техничка вест). Одекот во јавноста беше незабележителен.

БИРН преброја дека од декември 2019 година, кога при самиот почеток на судскиот процес за предметот „Рекет“, на Јутјуб каналот „Фид аур демокраси“ се појавија 16 прислушувани разговори, до денеска биле отворени најмалку 16 такви канали на кои се објавуваат вакви материјали, досега со над 90 аудиоснимки.

Само еден од нив, каналот на Зоран Божиновски е со целосно име и презиме, а другите 15 се анонимни. Затворен е само еден – кој своевремено беше насловен „Бране капитал“, кој целно беше отворен лани за време на предизборието. Причината е кршење на условите на Гугл.

Прислушуваните молчат – обвинителството следи

Никој не ги гони објавувачите на нелегално снимени разговори | Фото: БИРН

БИРН на почетокот на годинава му ги испрати на Обвинителството сите дотогашни линкови со незаконски снимени материјали. Прашавме дали постапуваат за неовластеното снимање и пуштање во јавност вакви разговори и дали воопшто добиле кривични пријави.

Одговор и по две дополнителни потсетувања до денеска не добивме.

Кривичниот законик пропишува дека за вакви дела, оштетените, односно тие што неовластено биле снимени, се гонат по приватна кривична тужба. Тоа значи дека всушност самите прислушувани треба да бидат „обвинители“ во случајот. Но, тоа очигледно не се случува.

Фаличната пресуда за Ел Чека

Гостиварска Апелација лани му ја укина пресудата за Шакерим Ахмети, познат како Ел Чека, со која беше осуден за неовластено објавување бомби. Една од причините е и тоа што судот не можел да утврди на кои оштетени им се повредени правата.

Пример за тоа се лидерите на најголемите партии, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, кои по ланските објави каде што се слушаат и нивните гласови најавуваа пријави, но најавите останаа само ехо.

Заев дури и јавно изјави дека синот на ексразузнавачот Зоран Верушевски го снимал тајно во хотел во Струмица. И на тоа остана.

Прашањето на кое засега нема одговор е каква порака се испраќа во јавноста ако првиот човек на Владата одлучува да не покрене постапка против тој што неовластено го снимал.

Обвинителството и самото беше вовлечено во дилеми околу прислушување, кога државниот обвинител објави oти имаат сомнежи дека некој им ги прислушувал фиксните телефони.

Во јавните објави на темата неовластено снимање, изјавите се секогаш дека ја следат состојбата. И тука завршува сè.

Само во случајот со бомбите на Ел Чека беше покренато обвинение за неовластено прислушување, но пресудата беше укината, меѓу другото, бидејќи нема оштетени.

„Бошко Буха“, „Донкорле Донев“, „Алибаба тредичи“

Разговори на Јутјуб најмногу се објавуваат пред избори | Фото: Pexels

Од мај до јули 2020 година, за време на предизборието биле креирани речиси 80 проценти од сите кориснички сметки на Јутјуб на кои има вакви материјали, поточно 12.

Објавувачите користеле имиња од приказни и актуелни настани, како „Алибаба тредичи“ (за случајот „Рекет“) „Донкорле Донев“ (за случајот со ексдиректорот на ФЗОМ), други се ликови како југословенскиот партизан „Бошко Буха“, а трети со квалификации „Раце лепливи“, „Вице мафиозо“ (алузија на братот на премиерот)…

Корисничките профили на Јутјуб се отвораа ден за ден и секој од нив генерира десетици и стотици илјади прегледи. Доказ дека ова е доминантна тема во изборната партиска пропаганда беше тоа што лани агрегаторот Time.mk беше преплавен од текстови кои во себе го содржат поимот „бомба“/„бомби“.

Анонимниот „таксист“

Поминаа две години откако во јавноста се појавија и снимки за пратеникот Павле Богоевски, поради кои тој поднесе оставка на функцијата пратеник. Но, иако Обвинителството му нареди на МВР да го открие идентитетот на наводниот таксист, од тоа уште нема епилог.

Дали анонимните автори на овие канали се од партиските кујни останува во сферата на претпоставките, но „бомбите“ сигурно ја трасираа реториката во изборната кампања, која се потпираше на масовно коментирање на нивната содржина.

Иако „духот од шишето“ излезе во 2015 година, кога тогашниот опозиционер Зоран Заев од Бихаќка почна да ги пушта снимките што биле правени во МВР, очигледно е дека шест години подоцна, нови „бомби“ има, ама се партиска „пиротехника“.

На партиите сè уште им се чини дека ваквите снимки се разорен политички динамит со кој ќе се обидат да го минираат ривалот. Но, политички земјотрес од тоа нема.

Таргетирани секунди

Најчесто се пуштааат исечоци од разговорите | Фото: БИРН

Заедничко за снимките е тоа што речиси сите се нецелосни, односно се внимателно избрани.

Се пуштаат оние минути и секунди што треба да предизвикаат политичко ритуално самоубиство на противникот пред изборите. Па така, од еден настан или средба, објавени се аудиоснимки само од по неколку секунди. Тоа може да се констатира од гласовите, квалитетот на снимките, но и од атмосферата.

Снимки за „Леонардо“

Снимките што беа објавени за екс-ген-секот на Владата, Драги Рашковски, за набавката на уред за потребите на македонската навигација завршија со отфрлена кривична пријава.

Но, за разлика од пред пет години, кога во „бомбите“ се слушаше за злоупотреби на власта, овие материјали се чини дека најмногу се насочени лично, на пример во обидот да ги прикажат карактерите на лидерите на двете најголеми партии: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Заев и Мицкоски.

Медиумите блиски до опозициската партија штанцаа вести со линкови од бомбите, со кои сакаат да го портретираат Заев како поткуплив со црногорскиот бизнисмен Дака и да прикажат инволвираност во случајот со Ден Дончев, како и со снимки, за кои самиот тој потврди дека ги направил синот на сопартиецот Зоран Верушевски пред неколку години.

Онаа на СДСМ е дека Мицкоски се среќавал со неправосилно осудениот во „Рекет“, Зоран Милевски Кичеец, дека се обидел да го спаси Камчев од случајот „Империја“ и дека со негова помош, партијата ги покривала финансиските дупки.

Објавувањето на овие материјали како да функционира според третиот Њутнов закон за „акција-реакција“, односно на секоја објава на бомби што имаат за цел да го оцрнат СДСМ, на друг јутјуб-канал се објавуваат бомби што ја имаат истата цел, но целта е ВМРО-ДПМНЕ.

Ако едната страна објави прислушуван разговор, прашање на часови или минути е кога тоа ќе се случи со материјали што му одат во прилог на спротивниот табор.

Пред локалните избори во октомври, повеќе не е дилема дали политичката муниција може да бидат нови снимки, кои завршуваат како испукани ќорци и не служат за ништо, освен за партиско храбрење на своите.