Истражувањa

Торпедо: Двојниот живот на обвинетиот американско-албански шверцер на дрога

Илустрација: Јургена Тахири/БИРН

Во 2018 година, албанските обвинители ја отфрлиле истрагата за перење пари против Или Дидани. Неполни две години подоцна, тој бил уапсен во САД под обвинение за недозволена трговија со значителни количества кокаин наменет за Европа и перење пари од приходите стекнати на тој начин.

На прв поглед, Дидани, со адреса на живеење во Мичиген, е успешен бизнисмен со акции во неколку компании од САД, Албанија и во Косово, каде што бил во деловни односи со соработникот за безбедност на поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај.

Меѓутоа, американските власти велат дека ова е само фасада.

Според американската Управа за сузбивање дрога (ДЕА), 43-годишниот Дидани водел двоен живот. Наводно се занимавал со ископување минерали, а, всушност, шверцувал кокаин од Јужна Америка во Европа и ги перел приходите.

Според властите, недозволената трговија со дрога е главниот извор на „валкани пари“ што продираат во сиромашната албанска економија, на тој начин помагајќи да се финансира политичката корупција, да се влијае врз резултатите од изборите и да се стекне заштита од кривично гонење.

Но, додека шестгодишната истрага во САД резултирала со апсење на Дидани на 1 април во Северна Каролина, обвинителите во неговата родна Албанија, во 2018 година ја отфрлиле истрагата за сомнителни банкарски трансфери во износ од стотици илјади долари.

Случајот го водел Алкет Мерсини од обвинителството во Тирана, кој бил разрешен во декември минатата година од страна на независно тело, основано со цел судството да се ослободи од корумпирани судии и обвинители. Причина за разрешувањето било тоа што Мерсини не успеал да даде објаснување за потеклото на своето богатство.

Во телефонскиот разговор со Мерсини, тој за БИРН изјави: „Не се сеќавам на случајот. Зедов малку одмор“.

Адвокатот што го застапува Дидани не можевме да го добиеме за коментар.

„Тоа е твојата куќа“

Запленетите 753 килограми кокаин на 11 август 2019 година, на пристаништето во Ротердам, на бродот МСЦ Аниша Р. Фотографијата е од американски судски документи

Од ДЕА велат дека Дидани бил на чело на организацијата што се занимавала со „трговија со кокаин на големо и перење пари“, која дизајнирала амфибиско беспилотно пловило за шверц на кокаин од Јужна Америка во Европа и била финансирана од главниот извршен директор на една телекомуникациска компанија од Мичиген, Марти Тибитс, сè додека Тибитс не загинал кога се урнал неговиот борбен авион РАФ од времето на Студената војна, во Висконсин, во 2018 година.

Само во последните две години, властите во САД и во Европа заплениле речиси 3,5 тони кокаин, наводно шверцуван од групата на Дидани од Јужна Америка до Билбао, Шпанија, холандското пристаниште Ротердам и Антверпен, Белгија.

Сега тој се соочува со обвиненија за заговор за дистрибуција на контролирани супстанции, заговор за дистрибуција на контролирани супстанции на брод под јурисдикција на САД, и за перење пари.

Според ДЕА, организацијата на Дидани имала врски во Северна Америка, Јужна Америка, Албанија, Турција, Германија, Белгија, Шпанија, Холандија и во Обединетите Арапски Емирати.

Уште во 2015 и во 2016 година, американските власти знаеле дека имаат нешто, кога при две одделни пребарувања на ајфонот на Дидани за време на граничните проверки на аеродромот О’Хара во Чикаго, дошле до фотографии на кои биле прикажани дебели врзопчиња со американски долари и Дидани со огнено оружје.

Фотографија од ајфонот на Дидани, на која позира со пиштоли и пари. Фотографијата е од американски судски документи

На две од фотографиите бил забележан и датумот, 9 јули 2016 година, а локацијата е еден апартман во округот Мекомб, Мичиген. Станот во тоа време бил изнајмен од лице идентификувано во судските документи како CC-1. Истражителите во неколку наврати го виделе Дидани во станот, во текот на летото 2016 година.

Според ДЕА, Дидани и контактот наведен во неговиот ајфон како „Дан Дан“, за кого агентите велат дека е CC-1, разменувале пораки преку Вибер во јули и во август 2016 година, дискутирајќи за нелегален трансфер на пари, прием на пакети на Федекс, фалсификување пасоши и продажба на големи количества кокаин.

Дидани, исто така, испратил фотографија од црвена патна торба што содржела повеќе правоаголни пакувања завиткани во црвена и жолта хартија, за кои агентот на ДЕА, Брендон Лич, вели дека наликуваат на килограмски пакувања со кокаин. Фотографијата била придружена со пораката „Тоа е твојата куќа“, за која Лич смета дека укажува оти профитот од продажбата на толкаво количество кокаин е доволен за купување куќа.

„100 милиони евра“

Фотографија на која наводно се прикажани пакети со кокаин пронајдена во ајфонот на Дидани. Фотографијата е од американските судски документи

На 19 јули 2016 година, Дидани му пишал на CC-1, барајќи да се состане со „Марти што е можно поскоро“.

Потоа тој испратил слика од неговиот екран на блекбери, прикажувајќи разговор, чија цел била да се најде некој што ќе помогне да се префрлат „100 милиони евра“ од Дојче банка во Франкфурт, Германија, во банка во Дубаи, без банката да даде известување до властите за трансакциите.

ДЕА го идентификувала „Марти“ како заговорник CC-2. Меѓутоа, документите во албанскиот суд одат понатаму, идентификувајќи го како Марти Тибитс од округот Макомб.

Тибитс бил главен извршен директор на телекомуникациската компанија наречена „Климентин лајв ансеринг сервис“ и основач на Музејот за светско наследство на авијацијата во Мичиген.

Марти Тибитс позира со својот авион од времето на Студената војна. Фотографија е добиена од Музејот за светско наследство на авијацијата

Како дел од истрагата за перење пари, ДЕА открила дека во 2016 и во 2017 година, CC-1 добил голем број чекови од Тибитс, во вкупна вредност од 860.000 американски долари, кои ги искеширал во златарница и во заложувалница.

„Од досегашните обуки и искуство, свесен сум дека шверцерите со дрога често ги користат овие типови бизниси за перење приходи од дрога, наместо официјалните банки, во обид да останат неоткриени од органите на прогонот“, напишал агентот на ДЕА, Лич во својата изјава.

Првите два чека, во вкупна вредност од 100.000 долари, му биле искеширани на CC-1 на 9 јуни 2016 година, истиот ден од кога се фотографиите со врзопот пари, пронајдени во телефонот на Дидани, а направени во станот на CC-1.

Потоа, на 21 декември 2017 година, откако ги искеширал парите од Тибитс, CC-1 летал со него во Вашингтон, да се сретне со Дидани, давајќи му ја готовината истата вечер.

Од ДЕА велат дека, покрај примопредавањето на готовина во Вашингтон, Тибитс бил вклучен во низа трансфери во вредност од 1,8 милиони долари од банка во Тирана до член на организацијата на Дидани со цел финансирање на трговијата со кокаин.

Отфрлена албанската истрага

Фотографија од официјалните полициски документи на Или Дидани по апсењето во Северна Каролина на 31 март 2021 година

Во Албанија, Тибитс ја посетил филијалата на Рајфајзен банка во Тирана на 5 септември 2017 година, велејќи дека сака да префрли 500.000 долари од неговата сметка во САД за да инвестира во Албанија, можеби во телекомуникации, производство, риболов…

Трансферот се реализирал веќе следниот ден. Потоа парите му биле префрлени на Дидани во форма на 12-месечен бескаматен заем според заверен договор меѓу двајцата.

Неколку дена подоцна, Дидани во два наврати повлекол пари во вкупна вредност од 65.000 американски долари од Рајфајзен банка, потпишувајќи изјава дека ќе купи рибарски брод вреден 500.000 американски долари од албански државјанин по име Ахмет Маша, кој, според албанските обвинители, во 2015 година бил осуден за шверц на нафта.

Две недели подоцна, на 21 септември 2017 година, обвинителството во Тирана издало наредба да се блокираат банкарските сметки на Дидани и безбедносниот депозит во Рајфајзен банка во Тирана, по налог на албанската Генерална дирекција за перење пари.

Контактиран од страна на БИРН, Маша негирал дека бил вклучен во каква било трансакција со Дидани, велејќи дека само накратко се сретнал со него во 2017 година.

„Го запознав и поминав само два часа на плажата „Ил Гамберо“, изјавил тој, мислејќи на ресторан со чадори и лежалки за изнајмување во заливот Лалци на албанскиот брег на Јадранот.

Зборувајќи под услов на анонимност, еден албански обвинител, запознаен со случајот, вели дека Маша, всушност, трипати патувал во странство со Дидани. Според обвинителот, бродот за кој Дидани рекол дека ќе го купи за половина милион долари вредел еден милион албански леки или околу 8.000 американски долари.

Официјална полициска фотографија од Дидани од апсењето во 2009 година, во Мичиген, САД

БИРН, исто така, дозна дека постоел налог за блокирање на сметката на Дидани и од обвинителството на Валона во јужна Албанија за 513.000 американски долари.

Неколку месеци претходно, во јуни 2017 година, Тибитс потпишал договор за купување имот од Албанец по име Амарилдо Адеми за 1,3 милиони долари, што требало да се плати на рати.

На 19 јуни, Тибитс ја префрлил првата рата во вредност од 329.907 американски долари на сметката на Адеми во Крединс банката. Албанските обвинители велат дека следниот месец, 250.000 долари од овие пари биле пренесени од Адеми на Дидани. Во август, Тибитс префрлил уште 499.915 долари на сметката на Адеми.

На 22 ноември 2017 година, тиранскиот обвинител Или Пјетерникај дал налог за конфискување на сметката, регистриран како кривичен предмет бр. 9539 за перење приходи од кривично дело.

Контактиран од страна на БИРН, Адеми рекол дека повеќе не е во контакт со Дидани. „Јас сум бизнисмен и учествував во трансакции што вклучуваа имот“, рекол тој по телефон. „Јас го затворив ова прашање“.

Кога Пјетерникај бил префрлен од обвинителството во Тирана во обвинителството на Албанија, во јуни 2018 година, случајот преминал во рацете на неговиот колега Мерсини, кој официјално го отфрлил на 31 јули 2018 година.

Според деловните регистри, Дидани имал две компании регистрирани во САД, од кои едната е затворена, и има врски со две фирми во Албанија, обете регистрирани во јужниот град Селеница.

Тој, исто така, бил акционер во две компании регистрирани на Косово, на почетокот на 2018 година, „Урбан-Ф груп Ш.п.к“ и „Урбан-ФА груп Ш.п.к“. Неговите колеги-акционери во компаниите биле Ариф Ахметџекај, шеф за безбедност на Харадинај, додека бил премиер.

„Урбан-Ф груп Ш.п.к“ имал акционерски капитал од 1,5 милион евра, а Дидани инвестирал 450.000 евра во компанијата. Контактиран од БИРН, Ахметџекај рекол дека немал контакт со Дидани откако ја затворил компанијата во 2018 година, кога биле објавени имињата на акционерите во медиумите.

Нарко-дрон „Торпедо“

Прототип на дронот, дизајниран од организацијата за трговија со дрога на Дидани. Фотографија од американските судски документи

Се чини, Тибитс не се ограничил само на финансирање на работењето на Дидани.

Тој, исто така, помогнал во изготвувањето планови за дизајнирање амфибиски дрон, кој може да носи дрога и да се прицврсти на трупот на товарен брод што патува од Јужна Америка кон Европа. Планот бил дронот да се оддели на 100 милји од брегот на Европа и да пренесе сигнал до шверцерите за да може да го лоцираат.

Меѓу мај 2016 година и јуни 2018 година, истражителите пресретнале повеќе разговори меѓу Дидани и Тибитс, во кои разговарале за исплата на компанија за развој на беспилотното пловило, кое го нарекувале „торпедо“. Според нивната комуникација, компанијата изградила прототип, за кој е платено 12.000 американски долари, но истражувачите велат дека фирмата не знаела за која намена служи дронот.

Проектот запрел откако Тибитс, кој комуницирал со компанијата под името Дејл Џонсон, починал во јули 2018 година, кога британскиот повоен авион од марката „де хавиленд ДХ 112 веном“ што тој го управувал, се урнал во штала кратко по полетувањето во Висконсин.

Лишен од неговиот главен финансиер, Дидани почнал меѓународна потрага да најде замена, од Шпанија преку Дубаи и Еквадор до Доминиканската Република.

На 8 февруари 2019 година, кога сакал да се качи на летот кон Еквадор, Дидани бил уапсен на аеродромот Шипхол во Амстердам под сомнение за перење пари. Тој бил ослободен една недела подоцна откако платил парична казна и го продолжил своето патување.

Во Еквадор, тој имал состаноци на кои се разговарало за трговија со големи количества кокаин во Европа преку увозно-извозни компании и контејнери за испорака, велат од ДЕА.

Оттаму, тој летал за Дубаи на 22 јули 2019 година. Истражителите потврдиле дека организацијата на Дидани почнала да добива големи суми пари од нов финансиер за да организира увоз на кокаин од Јужна Америка во Шпанија, Холандија и Белгија.

На 11 август 2019 година, холандските власти во пристаништето Ротердам заплениле 753 килограми кокаин во контејнер со банани испорачани од Еквадор; на 22 февруари 2020 година, повторно во Ротердам, пристанишните власти на товарен брод откриле 16 големи патни торби, кои содржеле 644 килограми кокаин.

Властите ги поврзале двете пратки со Дидани. ДЕА, исто така, била во можност да ја поврзе неговата организација со 1.000 килограми кокаин запленети на 7 април 2020 година во Холандија, испорачани од пристаништето Паита во Перу и втората пратка од 1.000 килограми запленети во шпанското пристаниште Билбао две недели подоцна.

Целиот кокаин имал големопродажна вредност од повеќе од 80 милиони евра.

Од Бесар Ликмета, Едмонд Хоџај и Перпарим Исуфи во Тирана и Приштина

Оваа сторија е поддржана од Глобалната програма за борба со нелегални финансиски текови имплементирана од ГИЗ и финансиски поддржана од Сојузното Министерство за економска соработка и развој на СР Германија и Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Содржината на сторијата е во целосна одговорност на БИРН и не ги рефлектира ставовите на ГИЗ, Сојузното Министерство за економска соработка и развој на СР Германија или Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.