Регион

Хрватска обвини двајца воени команданти, за убиство на цивили

Фотографии на изложбата „Зад седум логори: Од злосторство на културата до култура на злосторството”. Фото: БИРН

Хрватската полиција денеска соопшти дека поднела кривични пријави против 78-годишен хрватски и 79-годишен српски државјанин, за воени злосторства над цивили, извршени во регинот на Лика, од 8 октомври до 10 ноември, 1991 година.

Во времето на злосторствата, 78-годишното лице било командант на општинскиот штаб на територијалната одбрана Кореница (на силите на побунетите хрватски Срби), а 79-годишното лице било командант на 13-тиот корпус на Југословенската народна армија (ЈНА), во село Мукиње.

Полицијата наведува дека осомничените, кршејќи ги правилата на меѓународното право за време на вооружен конфликт, „не спречиле убиства на цивили, иако биле должни да го сторат тоа“, во селата Ваганац, Смољанац, Сертиќ Полјана, Растовача, Корана, Дрежник Град, Липовача Дрежничка Грабовац, Дрежничко Селиште, Ириновац, Оштарски Станови, Чатрња, Брајдиќ Село, Липовац и Раковица.

„На тој начин им дозволиле на своите подредени да убијат 35 лица – цивили и потешко да ранат пет од нив. Тогаш била причинета и голема материјална штета, со уништување на имот од големи размери, и тоа семејни куќи, стопански објекти, деловни згради, установи и верски објекти“, се вели во соопштението на полицијата.

Граѓанинот на Србија (79), исто така, е осомничен дека не спречил гранатирање на одморалиштето „Грабовац“ во село Грабовац, каде биле сместени бегалци од областа Кореница.

Нападот врз одморалиштето се случил на 26 септември 1991 година, при што загинале тројца цивили, вклучувајќи го и тримесечното бебе Иван Шпољариќ, а биле ранети пет цивили. Шпољариќ е најмладата жртва на војната во Хрватска 1991-1995 година.

Според полицијата, осомничените во моментов не им се достапни на хрватските власти и затоа по нив се распишани потерници.