Регион

СОК бара одбивање на предлогот на Тачи, за отфрлање на обвинението

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Хашим Тачи (горе), Реџеп Селими, Кадри Весели и Јакуп Красниќи (долу) пред судот во март годинава. Фото: Специјализирани совети на Косово/Скриншот

СОК побара од судијата за претходна постапка да го одбие предлогот на одбраната, со кој се оспорува обвинението против поранешниот косовски претседател, Хашим Тачи, и другите тројца поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и високи политичари – Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи.

„Обвинението нуди концизна изјава за материјалните факти за случајот (на обвинителството) и за кривичните дела и модалитетот на одговорност за која се товарат“, потенцира обвинителството, во писмениот одговор на предлогот на одбраната.

Одбраната го критикуваше неуспехот на обвинителството да обезбеди информации за идентитетот на наводните сторители, нарекувајќи ги „припадници на ОВК“, како и за идентитетот на наводните жртви.

„Тој, исто така, не нуди јасни информации во врска со локацијата на некои злосторства и не зборува доволно детално за поврзаноста на г. Тачи со злосторствата, како и за улогата за која тој е обвинет“, истакна одбраната.

Сепак, во одговорот на обвинителството, кој датира од 23 април, но беше објавен дури денеска, се вели дека обвинението „опишува доволно детали за тоа ‘кој што сторил, кога, каде и против кого’“.

Тачи и тројцата кообвинети се товарат за воени злосторства и злосторства против човештвото, кои, наводно, ги извршиле како припадници на ОВК, кон крајот на 90-тите.

Во обвинението се тврди дека сите четворица биле дел од „заеднички злосторнички потфат“, со цел преземање на контролата над цело Косово, со користење на средства како „незаконско заплашување, малтретирање, насилство и отстранување на оние што се сметале за противници“. Сите четворица се изјаснија за невини.

Заедничката цел на тој потфат „вклучуваше широко распространети, континуирани и повторливи злосторства, против стотици противници“, се вели во одговорот на одбраната.

Во него се додава дека злосторствата „биле дел од кампања за прогон низ целото Косово и северна Албанија“.

„Обвинението детално ги опишува случаите на прогон, затворање/произволен притвор, други нехумани дела/суров третман, тортура, убиства и присилно исчезнување на или во врска со повеќе од 40 локации, во најмалку 16 општини низ Косово и два округа во северна Албанија“, се вели во одговорот.

Специјалниот суд е формиран со цел да ги гони злосторствата, наводно, извршени за време и веднаш по војната во Косово од 1998-2000 година.

Тој е дел од косовскиот правосуден систем, но се наоѓа во Холандија и е екипиран со меѓународен кадар.