Анализи

Животот во „дива“ населба: приватни улици и незнаен број соседи

Како легализацијата на дивоградбите создаде хаотични градежни зони

Ќе дојдат нови луѓе и ќе градат куќи, а ќе треба да поминуваат меѓу нашите домови, по уличка што има одвај три метри. Таа ќе биде влез за една цела нова мини-населба.

Ова ни го раскажа жител на населбата Пинтија, кој нѐ покани во неговото маало за да ни покаже како тоа се развива на штета на постојните жители.

Патот кон неговиот дом води низ мрежа од тесни и слепи улички што почнува од главната улица. Тие улички поврзуваат педесетина куќи. Уличките се во приватна сопственост на неколкумина, а сопствениците на куќите потпишуваат договори со нив за да можат да ги користат. Дали некоја од овие сообраќајници ќе остане само за куќите што сега се приклучени на неа или ќе се продолжи за да опслужува уште неколку нови маала, зависи исклучиво од нејзиниот сопственик и од неговите бизнис-врски со сопствениците на околното неизградено земјиште.

„Парцелите зад нашите куќи се веќе поделени и подготвени за продажба. Некои можеби се веќе продадени“, рече нашиот домаќин.

Состојбата што ја затекнавме во Пинтија е вообичаена во сите приградски населби околу Скопје, кои се залепени до самите граници на градот. Тие ја користат неговата инфраструктура и неплански ја прошируваат кон надвор. Пинтија има најмалку двојно поголема територија од плански проектираната населба, со што се оптоваруваат уличната и водоводната мрежа, но и јавните услуги, како образованието, осмислени за многу помал број куќи и жители.

Но, тука само почнуваат проблемите на луѓето што одлучиле да создадат дом на мирна локација на периферијата од градот.

„Ни рекоа дека улицата ќе ја користиме само ние, а сега сакаат да приклучат уште дваесетина куќи на неа“, додаваат жителите од Пинтија.

„Парцелите за вас, патот за мене“

Сопствениците на парцели ги „кројат“ плановите по своја мерка | Фото: БИРН

Како воопшто има приватни сопственици на улиците? Целото земјиште над Пинтија во минатото било земјоделско. Кога се дозволило да се гради, но не се донела урбанистичка документација, сопствениците сами ги делеле своите големи земјишта на помали парцели што им ги продавале на тие што сакале да изградат куќа. Патиштата, како заеднички простор меѓу куќите, најчесто останувале во сопственост на старите газди.

Бидејќи сега се гради со градежни дозволи, се плаќаат и комуналии, но по двојно пониски цени од местата каде што има детален урбанистички план, односно по околу 40 евра за квадратен метар. Но, за разлика од плански уредените локации каде што парите од комуналиите служат за локалната самоуправа да обезбеди улица, вода, канализација и друга инфраструктура на новиот дом, овие луѓе не добиваат ништо за своите пари.

„Само ги уплативме комуналиите, а потоа сами го финансиравме продолжувањето на водоводните линии до нашите домови, асфалтирањето на улицата итн.“, ни рече еден жител на Пинтија.

Во такви услови, тие граделе и финансирале само колку што им е неопходно – улици широки од три до четири метри и подземна инфраструктура со профили соодветни за неколку куќи.

Но, сега на повеќе локации се случува дополнителна експанзија. Жители што се обратија до нашата редакција велат дека старите сопственици на земјиштата, кои останале како газди на патната инфраструктура, им дозволуваат пристап и на луѓе што сакаат да градат во продолжение на населбата, а немаат директен излез до некој од главните патишта.

Нови 20 соседи на уличката од три метри

Поранешното земјоделско земјитште забрзано се претвора во градежно | Фото: БИРН

Во еден таков случај, слепата уличка што сега ја користат петнаесетина куќи може да се претвори во пристапен пат за уште најмалку 20 објекти, прво за влез на градежната машинерија што ќе ги гради, а потоа и за новите жители.

„Како ќе се движат сите тие луѓе заедно со нас? Од каде ќе земат вода? Дали ќе треба да им ги дадеме и нашите цевки“, ни рече еден од засегнатите жители.

Тие сега се во судир со сопственикот на патот, кој претходно им ги продал парцелите за куќите и им ветил дека пристапот ќе биде само за нив. Се обратиле до општината за помош, но оттаму им одговориле дека бидејќи и патот и новите градежни парцели се приватна сопственост, немале можност да интервенираат.

„И нашето маало е изградено во подрачје што е надвор од урбанистичкиот опфат, но плативме комуналии и добивме градежни дозволи, надевајќи се дека тука ќе го најдеме својот мир. Не добивме никаква заштита со тоа“, додаваат локалните жители.

Од Општина Кисела Вода, за БИРН, потврдија дека во Пинтија градењето се одвива според општ акт што ја опфаќа таа зона и неколку други приградски зони до планските населби, кои, исто така, стихијно се шират. Не одговорија на прашањето дали, со оглед на интересот за градење во овие зони, се планира да се донесе детален урбанистички план со кој ќе се предвиди соодветна улична мрежа и подземна инфраструктура што ќе одговара и на сегашните, и на новите жители.

Со тоа, населбата Пинтија стана типичен, но не и единствен пример во кој по легализацијата на бесправно изградените објекти, дивото хаотично градење се претвори во легално хаотично градење. Оваа пракса продолжува и во други делови од Општина Кисела Вода, но и во Аеродром, Гази Баба, Бутел и Ѓорче Петров, секаде каде што градот Скопје требало да завршува според урбанистичките планови што не се испочитувале.

Стихијна градба и по легализацијата

Градењето без ДУП-ови продолжи и по 2011 година | Фото: БИРН

Добар дел од куќите во повисоките делови од населбата биле изградени како дивоградби во минатото и легализирани со законот од 2011 година. Иако со него требаше да се стави крај на бесправното градење и да се овозможи тоа да продолжи исклучиво плански, како што најавуваа тогашните власти, сепак тоа не се случи.

Првата цел на законот се исполни – луѓето што живееја во дивоградби платија по едно евро за квадрат и добија документи за своите имоти. Втората цел – правењето урбанистички планови за поголем ред во развојот на населбите, изостана.

Градењето, сепак, продолжи. Сателитските снимки од Пинтија, од 2011 и 2023 година, покажуваат дека населбата растела подеднакво стихијно како и претходно – нова уличка ќе се надоврзе на некоја постојна, околу неа ќе се изградат куќи, па подоцна се прави уште едно продолжување на сообраќајницата или се пушта нов крак околу кој, исто така, се прават објекти итн.

Главната разлика е што сега градењето е легално, односно сопствениците на куќи обезбедуваат одобренија за градба од Општина Кисела Вода. Бидејќи просторот е надвор од опфатот на деталните урбанистички планови, се гради според т.н. општ акт што општината го донела.

А тоа значи дека, наместо општината однапред да го осмисли просторот и да предвиди каде ќе има улици, куќи, јавни површини и други содржини, им се остава на граѓаните сами да го уредуваат според условите и можностите.