Анализи

Бројчаникот „во минус“ за судските трошоци на обвинетите функционери

Скапо ќе нѐ чинат застарувањата на случаите за висока корупција

Поранешниот градоначалник на скопски Центар, Владимир Тодоровиќ е првиот што ги почувствува поволностите што ги донесоа новите промени на Кривичниот законик. Тој, во јуни беше осомничен во истрагата „Феникс“ дека како функционер ја злоупотребил службената положба и овластување за проектот „Скопје 2014“.

Оттогаш до минатиот петок беше во куќен притвор. По предлог на обвинителот, судот му го укина ова ограничување на слободата.

Причината за тоа е што делото за кое беше осомничен, според овие измени што стапија во сила на 15 септември, му застарува годинава. Истрагата за него сѐ уште не е запрена, но, според најновите законски измени, извесно е дека тоа ќе се случи, бидејќи дејствијата ги сторил до 2013, па наместо во 2043, делото целосно му застарува годинава.

A потоа, во моментот кога истрагата ќе биде запрена, Тодоровиќ, од судот може да бара да му биде исплатена отштета поради тоа што два и пол месеца неосновано бил во куќен притвор.

Надомест за притворот кој со запирањето на истрагата би бил неоснован, може да побараат и обвинетите функционери за кои настапува застареност на кривичното гонење.

И не само тоа. Ним треба да им бидат исплатени судските трошоци за водењето на постапките.

Од јавното обвинителство, за БИРН, велат дека на проширен колегиум, најверојатно следната недела ќе ги разгледуваат прашањата за промените на Кривичниот законик, но дека секој јавен обвинител ќе се води според индивидуалните предмети што ги застапува пред судот.

Тоа значи дека таму каде што ќе биде можно, би се одело со преквалификација на делото, а онаму каде што не може, судот ќе донесе одбивателни пресуди. Вчера на пример, беше одложено судењето за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, бидејќи oбвинителот побара време да проучи како ќе влијаат измените врз овој предмет.

40 илјади евра трошоци во „Тенковски делови“

Трошоците за судењата на обвинетите паѓаат на товар на Буџетот | Фото: БИРН

Кога ќе се донесе пресуда со која обвинет се ослободува од обвинението или пресуда со која се одбива обвинението, трошоците за кривичната постапка, трошоците што за постапката ги направил обвинетиот, како и наградата за неговиот адвокат, се на товар на државниот буџет.

Така беше во случајот „Тенковски делови“, кој се влечеше по судовите повеќе од 12 години.

Штом обвинителот Анел Фидоски го преквалификува делото, застаре случајот за поранешниот премиер Владо Бучковски и за другите обвинети. Тие веднаш го искористиле законското право и до судот поднеле барања да им бидат исплатени судски трошоци зашто неосновано со години доаѓале на судењата.

БИРН направи увид во трошковниците за овој случај. На лист хартија со пенкало, маркер и молив уредно беа заокружувани сите рочишта на кои присуствувале обвинетите и нивните бранители.

Поранешниот началник на Генералштабот, Методија Стамболиски, кој беше обвинет, побарал 66 илјади евра за судски трошоци. Судијката, сепак, делумно му го уважила барањето. Пресметала дека треба да добие околу осум илјади евра, бидејќи некои од судењата не се одржале, односно биле одложени, а важела и старата, поевтина адвокатска тарифа.

На поранешниот премиер Владо Бучковски, за тоа што доаѓал на судење, судот му досудил околу седум и пол илјади евра. Вкупно за овој предмет од државниот буџет, судот определил на петтемина обвинети да им се платат околу 40 илјади евра. Дел од трошоците се пресметани по старата адвокатска тарифа, која беше поевтина.

Овие трошоци се за секое доаѓање на рочиште, потоа за состав на разни приговори, жалби, молби и слично.

Во толкав износ беше помошта што Јапонија во 2021 година ја издвои за медицинска опрема во итната помош.

Иако во експресно усвоените измени во Кривичниот законик пишува дека донесувањето на Законот нема дополнителни фискални импликации врз Буџетот, застарувањето на случаите ќе се плаќа токму со државни пари.

Застарувањата ќе се плаќаат од буџетот

Никола Груевски на судење (2017) | Фото: БИРН 

Мини „армија“ од стотина обвинети за предметите на поранешното специјално јавно обвинителство и на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција би се офајдиле од новите законски измени.

Во некои од случаите, каде што обвинетите, покрај за злоупотреба на службената положба и овластување, се гонат и за други кривични дела, како на пример во „Титаник“, каде што криминалитетот е за повреда на избирачките права, тоа нема веднаш да се рефлектира со апсолутна застареност, туку со помали казни.

Но, во други случаи, каде што злоупотребата на службената положба и овластување е единственото дело за кое се гонат обвинетите, ќе треба што поскоро да се констатира застареност, за да не се „билдаат“ судски трошоци за водење на кривичната постапка.

Таков е случајот „Траекторија“ за градбата на автопатиштата со кредит од Кина, за кој, првото следно рочиште е закажано в петок. Со најновите законски измени, така како што е сега поставено обвинението, од кривичен прогон ќе се спасат поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот Миле Јанакиески и поранешниот директор на Државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Тие беа обвинети дека сториле криминал во 2013 година. Според сега веќе старите одредби од Кривичниот законик, за нив делата целосно застаруваа за триесет години, односно во 2043 година. Но, со измените застаруваат следниот месец, што со други зборови, значи дека законодавецот на правосудството му скратил дваесет години за да го заврши предметот.

Судењето за овој предмет почна на 6 декември 2017 година.

Ако сите обвинети, вклучително и Никола Груевски, за кого многу порано застаре делото примање награда за противзаконско влијание побараат судски трошоци, судот нема друга опција освен да им ги досуди.

Според Адвокатскиот тарифник на Адвокатската комора, основицата за едно судско рочиште за делото за злоупотреба на службената положба и овластување каде има штета на буџетот е 12 илјади денари. На тоа се додаваат 30 проценти паушал и 20 проценти часовнина за секој почнат час, плус награда зголемена за 25 проценти од обвинет и 18 проценти ДДВ.

Вака пресметано, едно рочиште за обвинет за ваков профил на предмети чини околу 600 евра.
Во просек за случаи од ваков профил се одржуваат по околу две рочишта месечно. Колку од трошоците ќе прифати судот, зависи од предмет до предмет и од обвинет до обвинет.

На пример во предметот „Трезор“ на СЈО, за набавката на опремата за МВР. Делото со новите законски измени предвреме застаре за цели 32 години, па до 2025 година треба да има и првостепена и правосилна пресуда.

Застаруваат не само судските предмети, туку и истрагите како „Пропаганда“, „Подарок“, „Хармонија“… Само во нив осомничени се дваесетина луѓе.

Со новите измени на Кривичниот законик целосно паѓа предметот „ТНТ“, во кој, Никола Груевски беше неправосилно осуден за уривањето на „Космос“ на затвор од 9 години и „Топлик“ за Сончев град, во кој неправосилно осудени беа Миле Јанакиески и уште петмина.

И овде обвинетите ќе може да побараат судски трошоци за постапката.

Законските измени им одат во прилог и на другите судски случаи како „Продуцент“. Таму новинарката Ивона Талевска и поранешниот пратеник и министер Љупчо Димовски се обвинети за противзаконска исплата на пари за емитување програма на Сител. Делото, според изгласаните измени, целосно застарело во 2020 година. При донесување одбивателна пресуда, и тие ќе може да побараат државата да им ги исплати направените судски трошоци.

На листата целосно застарени се и предметот „Пациент“ за тендерот за набавка на градежно-занаетчиски работи во болниците низ државата во кој има 14 обвинети, потоа делумно предметот „Поштенска банка“, каде што неколкумина од 9 обвинети се товарат дека ја злоупотребиле службената положба и овластување, предметот против судијата Зоран Теофиловски и уште петмина други обвинети…

Поранешниот премиер Зоран Заев, во 2020 година говореше дека вртењето на бројчаникот на Триумфалната порта, чие поставување го плати самиот, зависи од судските пресуди, а не од извршната власт.

По најновите измени, се чини дека, сепак, извршната власт му ја одзеде можноста на судството да го сврти бројчаникот со незаконски стекнатите пари. Дисплејот што никогаш не беше ставен во функција, сега може да служи само како трофеј за неуспехот во испорачувањето на правдата.