Анализи

Прва пресуда за „Топлик“ по четири години судење

Eдвај седум конечнo-завршени пресуди од 29 предмети на СЈО

Уште еден предмет на „т“ на СЈО доби првостепена пресуда. Топлик.

Две затворски казни од три и пол и три години за екс министерот Миле Јанакиески и за Томе Ѓурчилов, поранешен претседател на Комисијата за јавни наддавања и четири условни казни. Неправосилно се осудени затоа што ја злоупотребиле службената положба и овластување.

Пред преполната судница број 1, од која, медиумите во живо ја пренесуваа објавата, судијата Осман Шабани ја читаше пресудата за случајот.

Јанакиески фаќаше прибелешки и се консултираше со адвокатот Еленко Миланов.

Обвинетите треба солидарно во буџетот да уплатат нешто над милион евра, пари што ги исплатила државата на фирмата „Сан Сити“, како камата за раскинатиот договор за комплексот „Сончев град“.

Според она што го соопшти судијата, Комисијата за јавни наддавања, во 2007 година го информирала тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, дека не се исполнети условите за објава на јавното наддавање за отуѓување на градежното земјиште за изградба на резиденцијална населба.

Образложението е дека не биле целосно обезбедени податоците за градежното земјиште. Сепак, Јанакиески составил нова комисија за јавни наддавањa и од нив побарал да ја спроведат објавата, и покрај недостатоците.

Сообвинетите со Јанакиески, во тоа време, биле членови на новоформирана комисија за јавни наддавањa, па, иако знаеле дека немало целосни податоци за градежното земјиште, доставиле објава за јавно наддавање за оттуѓување на градежното земјиште сопственост на државата

Кога веќе бил склучен договорот, се испоставило дека не може да се впише во Катастар поради тоа што 13 градежни парцели не одговараат со површините дадени во урбанистичкиот план.

Фирмата тужела, а државниот правобранител со судска спогодба го раскинал договорот со фирмата, поради што Министерството платило затезна камата, која, ако пресудата стане правосилна, обвинетите ќе мора да ја вратат во буџетот.

Пресудата за Топлик по 4,8 години од обвинението

Најголемиот дел од предметите на СЈО не стигнале ни до првостепена пресуда | Фото: БИРН

Силниот експлозивен консонант „т“, на кој почнуваа најголемиот дел од предметите на СЈО, во последниве години сѐ потивко се слуша. И кога се изговара, тоа е повеќе како тажна статистика, отколку како ставање цртка за добиена правда.

Причината за тоа е што овие високопрофилни случаи за криминал, со години се влечат по судовите.

Таква е најновата пресуда за предметот „Топлик“, која дојде по долги четири години и осум месеци откако во огромни кутии доказен материјал обвинението стигна до судот, заедно со другите предмети.

Случајот го следеа безброј одлагања, смена на поротници, почнување од почеток… Јавноста понекогаш до детаљ беше запознаена со тоа што се случува на судењата преку дневните новинарски извештаи.

Впрочем, ваквата кривулеста траекторија е исцртана и кај другите предмети на сега веќе „опокоеното“ СЈО.

Пет години по основањето и речиси две години по „погребот“ на институцијата, предметите што ги почна тимот на Катица Јанева, со многу бавен чекор се движат кон завршница. Почнувале во различно време. Некои во 2017, некои во 2018, а има и такви што почнале лани.

Апел за брза завршница во повеќе наврати стигнуваше и од меѓународната заедница.

Некои предмети, како „Поштенска банка“, долго беа заглавени во фаза на оценка на обвинение, кај други како „Титаник“ и „ТНТ“ се менуваа поротници, трети, пак, како „Тотал“, по шестпати почнуваа одново.

Анализата на БИРН покажа дека од 29 предмети, колку што вкупно стигнале од СЈО до судот, досега само една четвртина, односно седум, завршиле со правосилна пресуда, и тоа за предметите: „Тифани“, „Тенк“, „Труст“, „Триста“, „Тврдина 2“, „Насилство“ и „Табла“.

Moментно четири предмети се наоѓаат на преиспитување пред Апелациониот суд, меѓу кои предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“ и за набавката на софтверот во МВР, „Трезор“, каде што неправосилно осуден е екс шефот на УБК, Сашо Мијалков, потоа „Тортура“ и „Транспортер“.

Последниот, за злоупотреби со превозот за ученици во Битола, две години чека епилог од скопска Апелација.

Досега од поднесувањето на обвинението во двата предмети каде што Мијалков е неправосилно осуден, поминаа 4 години и осум месеци, а за тоа дали пресудите ќе бидат потврдени или не, се чека да пресече второстепениот суд.

Најголемиот дел, пак, од другите предмети се во фаза на судење.

Иако предистрагата за предметот „Скопје 2014“ е закочена поради обвинителско разидување за квалификацијата на делото, единствениот тековен судски предмет за таа градежна „тетоважа“ на Скопје е предметот „Тендери“. Таму, исто како и во предметите „Траекторија“ и „Тотал“, четири години и осум месеци нема ниту првостепена пресуда.

„Траекторија“ две години чека „да пресече“ Апелација.

Досега стигна само најава за истрага за делче од проектот, фасадата на Владата.

За сите овие години влечкање низ судските процедури, имаше и неколку брзи пресуди кај признанијата на вина. Такви беа случајот „Тифани“ за даночно затајување, во предметот „Насилство во Центар“, во случајот „Таргет-Тврдина“ и „Табла“.

Признанијата зедоа замав во изминатиот период, кога осуммина признаа вина во „Титаник“ и тројца во предметот „Дизјан“.

Во меѓувреме за обвинетите што не признале вина „работи“ времето. Им застаре по едно дело на 14-мина обвинети во „Титаник“, на Груевски му застаре делото во „Траекторија“, на Мијалков едно дело во „Таргет-Тврдина“…

И ова не завршува тука. Ако до следната година нема правосилна пресуда за предметот „Титаник 2“, на Мијалков целосно ќе му застари и тој предмет, а ако Апелација го врати предметот за прислушувањето, додека повторно до стигне до нив, и тој би имал шанса за застари.