Ултранационалистичкиот политичар и воен злосторник, Воислав Шешељ, и членовите на неговата СРП, вчера истераа мировни активисти од зградата на општината Стари град во Белград, каде Шешељ ја промовираше својата нова книга, во која негира дека масакрите во Сребреница се геноцид.
„Тие нè истуркаа и нè исфрлија надвор“, напиша Ивана Жаниќ, директорка на Фондот за хуманитарно право (ФХП), по инцидентот.
Жаниќ објави видео-снимка на која се гледа како не им дозволуваат на активистите на ФХП да влезат во салата, а може да се види и како Шешељ ја навредува Наташа Кандиќ, основач на ФХП, при што им кажува на своите приврзаници да ги „исфрлат“.
Кандиќ, за српската редакција на Радио Слободна Европа (РСЕ), изјави дека припадниците на СРП, неа и другите активисти, физички ги нападнале и ги бутнале на под.
„Не бев само јас на подот, беа уште две други девојчиња од Фондот, а едно момче беше исфрлено како да сакаат да го газат со нозе. Помина Шешељ кој им рече – исфрлете ја! Веднаш дојде до буткање и од тие силни удари се најдовме на под. Потоа нè исфрлија“, рече Кандиќ.
Шешељ е пратеник во српскиот парламент, иако Меѓународниот механизам за кривични трибунали (ММКТ) во 2018 година го осуди за воени злосторства, прогласувајќи го за виновен за поттикнување на депортација, прогон и други нехумани дела над Хрватите, како што се злосторства против човештвото, со говорот што го одржа во селото Хртковци, северна Србија, во мај 1992 година.
Тој беше прогласен за виновен за прогонство на Хрватите кои живеат во Хртковци „со кршење на нивното право на безбедност“. Шешељ беше осуден на десет години затвор, но во затвор не отиде, поради времето што веќе го имаше поминато во притвор.
Жаниќ истакна дека активистите се надевале оти на присутните ќе им поделат примероци од досието на ФХП, за злосторствата извршени над Хрватите во Србија за време на војната 1991-1995 година, прашање што беше во средиштето на судењето на Шешељ во Хаг.
Презентацијата на новата книга на Шешељ се одржа во белградската општина Стари град.
ФХП, заедно со невладините организации, Жени во црно и Младинска иницијатива за човекови права, ги критикуваа општинските власти, бидејќи дозволиле СРП да организира ваков настан во просториите на општината.
Градоначалникот, Марко Бастаќ, изјави дека партиите што имаат советници во општината, имаат право да ја користат салата на таа општина.
„Ние навистина не можеме да контролираме што ќе работат тие во рамките на нивниот партиски собир. Едноставно, законски им е дозволено да ја користат салата“, рече Бастаќ.