Интервјуа

ММФ не крева раце од Македонија

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Шефицата на Мисијата на ММФ за Македонија, Џесмин Рахман, во интервју за БИРН вели дека реформите во управувањето треба да се меѓу врвните приоритети за новата влада

„Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одлучи да не назначи нов претставник во Македонија минатата година, но тоа не значи дека `креваме раце` од земјата. Напротив, ММФ е многу ангажиран во Македонија и одблиску ја набљудува ситуацијата во земјата“, вели во ова интервју за БИРН, шефицата на Мисијата на ММФ за Македонија, Џесмин Рахман.

Таа вели дека периодот на неизвесност што трае повеќе од две години веќе има влијание врз довербата и економскиот раст, но и врз политичките одлуки.

„Што е тоа што ние го гледаме како главни опасности? Би спомнала две работи“, вели Рахман.

„Македонија работеше многу напорно за да го изгради својот имиџ на земја со ниски трошоци и пријателски настроена кон инвеститори. Ова придонесе за значителни странски директни инвестиции со голем бенефит за извозот. Инвеститорите не сакаат непредвидливост и политичка нестабилност. Постои ризик дека интересот на инвеститорите, вклучувајќи го и оној на странските инвеститори би можел значително да се намали со продолжување на неизвесностите.“

Рахман во своето прво интервју пред македонската јавност, вели дека потенцијална опасност е и можното назадување во аспирациите на Македонија кон ЕУ.

„Станувањето дел од ЕУ е долгогодишна цел на земјата. Неуспехот да се одговори на главните реформи во институциите и управувањето можат значително да го одложат постигнувањето на таквата цел“, посочува Рахман од седиштето на ММФ во Вашингтон одговарајќи на нашите прашања.

Политичката криза може да влијае на трошоците за задолжување

Зборувајќи за евентуалната опасност Македонија да не може да обезбеди услови за финансирање на меѓународниот пазар поради одолжувањето на формирањето влада, Рахман потенцира дека „постојат неизвесности во поглед на трошоците за позајмувањето што зависи од тоа што ќе се случува на домашната сцена, како и од реакцијата на инвеститорите во поглед на зголемувањето на референтната каматна стапка во САД“.

Според проценките на ММФ, државата годинава ќе треба да обезбеди финансирање на вкупните фискални потреби од околу 14% од БДП (што е еднакво на приближно 1,4 милијарди евра).

„Затоа очекуваме дека владата и оваа година исто така ќе цели кон меѓународниот пазар. Во минатото, видовме дека каматната маргина  за Македонија одеше нагоре заедно со турбуленциите на останатите пазари на земјите во развој од регионот. Овие фактори најверојатно ќе имаат влијание врз владината одлука за позајмување на странските пазари“, вели Рахман.

Јавниот долг како удел во БДП се искачи од 23% пред глобалната финансиска криза на проценети 46% во 2016 година. Ова е двојно зголемување за период од 8 години. Најголемиот дел од ова зголемување се должи на зголемените тековни, наспроти капиталните трошења кои влијаат врз зголемувањето на потенцијалниот раст на една земја. Затоа нашата загриженост е во врска со неговиот брз раст и начинот на користење

Со тоа, се проценува дека јавниот долг ќе продолжи да расте над 50% од БДП, што е всушност црвената линија за Македонија што ММФ ја постави во еден од своите последни извештаи, а Рахман искажува загриженост токму за брзиот раст на јавниот долг.

„Јавниот долг како удел во БДП се искачи од 23% пред глобалната финансиска криза на проценети 46% во 2016 година. Ова е двојно зголемување за период од 8 години. Најголемиот дел од ова зголемување се должи на зголемените тековни, наспроти капиталните трошења кои влијаат врз зголемувањето на потенцијалниот раст на една земја. Затоа нашата загриженост е во врска со неговиот брз раст и начинот на користење“, истакна Рахман.

Понатаму таа вели дека не постои универзално договорен безбеден праг на задолжување за сите земји, па дури ниту за сите земји во развој. Според неа, мора да се користат голем број проценки  за да се одлучи кој е оној праг што е прифатлив за конкретна земја.

„Темпото на акумулирање на долговите и употребата на ресурсите се две компоненти. Во однос на вкупната граница, аналитичките  и споредбените студии меѓу земјите укажуваат дека прудентниот опсег на јавниот долг за економиите на земјите во развој е околу 50% – 60% од БДП. За Македонија, го препорачуваме  долниот праг на овој опсег, имајќи го предвид режимот на фиксен девизен курс и идните фискални обврски кои произлегуваат од стареењето на населението и потребите за инвестиции во инфраструктурата“, потенцира Рахман уште еднаш повторувајќи ја горната граница што ја сугерира ММФ за висината на јавниот долг на Македонија.

Таа вели дека властите размислувале да усвојат сет фискални правила од 1 јануари годинава со цел во уставен закон да ја заштитат фискалната одговорност. „Кризата ги стави на чекање сите подготовки поврзани со усвојувањето на фискалните правила“, вели Рахман.

Реформи во владеењето за подобрување на имиџот

Реформите на пазарот на трудот се од највисок приоритет. Со висина од 24%, Македонија има една од највисоките стапки на невработеност во Европа, вели Џесмин Рахман

Зборувајќи за најитните реформи во економијата коишто ќе мора да ги направи новата влада, шефицата на Мисијата на ММФ за Македонија, вели дека се потребни реформски приоритети во три области.

„Прво, реформите на пазарот на трудот се од највисок приоритет. Со висина од 24%, Македонија има една од највисоките стапки на невработеност во Европа. Голем дел од овие невработени се долгорочни и ниско квалификувани со што се истакнува потребата за инвестирање во обука и други активни политики на пазарот на труд, како и активни политики насочени кон вработувањето  и едукација за подобро усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на труд“, вели Рахман.

Според неа, реформите во управувањето се исто така од клучно значење за подобрување на имиџот на Македонија како инвестициска дестинација и задржување на квалификуваната работна сила дома.

„За тоа се потребни активности во сите области: владеење на правото, право на глас и одговорност, како и контрола на корупцијата. Третиот приоритет е создавањето политика на фискален простор преку зголемување на даночната ефикасност и ефикасност во трошењето со цел спротивставување на економските кризи, но, исто така, и креирање простор за инвестиции во инфраструктура и трошоци поврзани со стареењето на населението“, вели Рахман.

Имајќи ги предвид продолжената политичка криза и неизвесноста за формирање влада, Рахман вели дека „ММФ предвидува нагорен економски раст, но со претпоставка за враќање на политичката стабилност и формирање нова влада“.

„Во нашиот извештај за 2016 година, предвидовме реалниот раст на БДП во текот на 2017 година да достигне 3,2%. Со подобрувањето на пазарот на труд и на кредитниот раст, сметаме дека оваа стапка на раст е сѐ уште остварлива. Меѓутоа, со продолжување на политичката несигурност, постојат значајни ризици за надолна линија“, вели Рахман.

ММФ одблиску ја следи ситуацијата во Македонија

Мисијата на ММФ за Македонија последен пат ја посети земјата во септември лани за да ги направи редовните консултации поврзани со Членот 4 (Article IV Mission). Тимот планира кратка посета ова лето, најверојатно по формирање на новата влада.

Меѓутоа, Рахман вели дека последните шест месеци, експерти на ММФ од Вашингтон седум пати ја посетиле земјата, со цел да дискутираат и да пружат техничка помош во неколку области: даночна администрација, управување со долгот и финансиска статистика на владата.

„Би сакала да кажам дека ММФ е многу ангажиран во Македонија и далеку е од ‘кревање раце’ од неа. Ние ги следиме економските и политичките случувања на редовна основа и одржуваме блиски контакти со властите. Одлуката за неназначување нов резидентен претставник во август лани беше поради фактот што подолго време немаше аранжман со ММФ. Изминатите години ММФ има донесено слични одлуки и во други европски земји каде што поголемото присуство на терен стана помалку потребно“, вели Рахман и додава дека сепак ММФ одлучил да ја задржи целосно локалната Канцеларија со цел да обезбеди ефикасно и продолжено набљудување, како и олеснување при обезбедувањето техничка помош за земјата.