Интервјуа

Теута Арифи: Граѓаните не сакаа влада на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Платформата би ја оставила иста, можеби би го поканила Еди Рама во Скопје и тука да ја потпишеме | Фото: БИРН

„Знам дека сте новинари.“ Нѐ пречека портирот на зградата каде што е сместена Општина Тетово и без да чека, веднаш побара мислење „од прва рака“, како што праша, „Ќе га биде ли работава?“, надевајќи се дека ние од Скопје, во торбите го носиме решението на тримесечната предизборна криза.

„Вие ако не знаете, мие овдека, па, ич“, смеејќи се нѐ упати по скалите, покрај големата слика со вангоговско поле од сончогледи. Горе на катот од скромната административна зграда има уште уметнички слики поставени на ѕидот, кој завршува со пулт за пресови окован со три знамиња – албанското, македонското и она на општината, тробојно со црвена, црна и со жолта.

Кај градоначалничката нѐ спроведе нејзината соработничка, извинувајќи се што чекавме да заврши претходниот состанок на Теута Арифи, што непланирано се оддолжил.

Нема План Б

„Планот Б на ДУИ е истиот со Планот А, а тоа е претседателот Ѓорге Иванов да го даде мандатот“, поентира Арифи, сакајќи да ги смири страстите и да потенцира дека најважно е процесот да тече мирно и во институциите.

„Нашата позиција е Иванов апсолутно рационално да одлучи. Треба да се доконституира Собранието, спикерот уште еднаш да побара мандат од претседателот и Иванов да го додели во рок од десет дена“, децидна е потпретседателката на ДУИ.

Блокадата на Иванов и, како што ги нарекува Арифи, опасните манипулации околу платформата, ДУИ не ги очекувала и не ги предвидела. И да може да се врати назад во времето, не би ја менувала содржината на потпишаното во Тирана.

„Платформата би ја оставила иста, можеби би го поканила Еди Рама во Скопје и тука да ја потпишеме изјавата.“

СЈО беше пречка за договор со ВМРО-ДПМНЕ

Ние немавме проблем да постигнеме договор ниту со ВМРО, ниту со СДСМ ниту за јазикот, ниту за платформата. Со ВМРО не се договоривме за реформите во правниот систем.

Инсистира дека точките на платформата се бенигни и се истите што партиите на Албанците ги повторувале последниве 25 години. „Ако ДУИ сакаше, вели таа, да провоцира криза за да соберат евтини политички поени, ќе бараше промена на Уставот и ќе поставеше прашања со далеку понационалистички призвук.“

„Покрај другите работи што не се спорни, во платформата имате дебата за симболите, што нема ни да биде прва дебата. Веќе еднаш се зборуваше за грбот, па, ете, сѐ уште нема негова промена.“

Смета дека сега не се проблематизира толку самата платформата, колку што се злоупотребува симболичкиот момент дека е потпишана во Албанија. И таа, како и нејзините сопартијци до сега, вели дека текстот е составен во Скопје, а премиерот на Албанија, Еди Рама, е олеснувачот што ги седнал БЕСА на иста маса со ДУИ и со другите албански партии.

„Таков авторитет не најдовме тука.“

Програмата на Заев не е проблематична

Нема сигнали за Пржино 3 | Фото: БИРН

Минатиот петок лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ја промовираше неговата предлог-програма за Влада и рече дека се неуставни барањата на ДУИ за двојазични униформи и банкноти.

Арифи смета дека презентираното е прилично коректно и широко.

„Не гледам ништо проблематично, програмата е реформска и европска, но мислам дека во неа можат да се видат нови елементи во текот на процесот што следи по добивањето на мандатот.“

За спроведување на локалните избори смета дека веројатно ќе треба меѓупартиски договор, бидејќи тоа прашање ги тангира сите политички страни и го комплицира животот на граѓаните.

„Фактички имаме пробиени рокови. Редовниот рок за распишување избори е пробиен, со фактот дека уште денеска (н.з. среда), кога зборуваме, немаме функционално Собрание, речиси е пробиена и можноста да менуваме во датумите“, вели Теута Арифи и додава дека со големо задоволство би прифатила повторно да биде кандидат за градоначалник, доколку партијата одлучи така.

Сепак, таа не гледа можност оваа институционална криза, која е надополнета со неизвесните локални избори, да доведе до ново, трето Пржино, кое повторно ќе ги седне сите лидери на маса и од каде ќе произлезе агенда за нови избори.

„Пржино беше процес не само зашто учествуваа партиите туку зашто САД и ЕУ одлучија да бидат олеснувачи. Сите пораки кои до сега се добиени, без исклучок се многу јасни и бараат што побрзо да се даде мандат и мнозинството да формира Влада. Нема други пораки. Стратегии може и да има, меѓутоа тие за да успеат треба да се вклучат и САД и ЕУ. Во моментов немаме такви сигнали.“

Лага е дека сме биле блиску до договор со Груевски

Арифи го отфрла нашиот впечаток дека со нејзините сопартијци и градоначалници Невзат Бејта и Изет Меџити е против коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ од строго калкулантски причини во пресрет на локалните избори.

„Ние сме потпретседатели на ДУИ. Ако ги изгубиме изборите, нема да изгубиме ние лично туку партијата. Не калкулираме! Нашата предност е што, освен високи партиски функционери, ние сме и градоначалници и имаме директна комуникација со луѓето, а граѓаните не сакаа коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.“

Не крие дека била оптимист оти нема да коалицираат со партијата на Никола Груевски и вели дека иако им биле понудени атрактивни министерски места, сепак ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ биле далеку до договор.

„Имавме подолго време дискусии и позициите и аргументите беа многу јасни, меѓутоа кој и да брифирал дека е готова работата, лошо и лажно брифирал.“

И таа како нејзините сопартијци повторува дека немале проблем да се договорат со ВМРО-ДПМНЕ за јазикот и за платформата, но сега за прв пат открива дека на одлуката на ДУИ влијаеле и случувањата по изборите.

„Не се договоривме по однос на прашањето за Специјалното јавно обвинителство и плус влијаеја новите моменти на анти-НАТО и на анти-ЕУ расположение коишто беа присутни на почетните собири.“

Анти-НАТО и на анти-ЕУ расположението причина плус да пропадне коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ | Фото: БИРН

Неколку пати повтори дека не сака да зборува за деталите за она што било договорено со партијата на Груевски, коректно било самите да кажат што прифатиле.

„Ако нешто ги зближува двете најголеми македонски партии и ги прави комплетно слични, е односот што го покажаа овие два месеца кон албанскиот јазик и кон платформата“, вели Арифи и додава дека во моментот кога ќе почне собраниската дебата, секој ќе дознае и ќе му биде јасно, кој што ветил и што кажал.

Инсистиравме потпретседателката на ДУИ да открие дали за дебатата околу државните симболи било нешто договорено со ВМРО-ДПМНЕ.

„Платформата е многу јасна кога зборува за отворање на дебата. Отворањето на дебата ниту еднаш не беше проблематизирано.“

На крајот од разговорот, Теута Арифи нѐ убедуваше и дека е принципиелен ставот на ДУИ за расчистување на сомнежите за криминал во нејзината партија.

„Партијата не може да направи истрага за себе, меѓутоа кога ќе профункционираат институциите, бараме да има истрага за нашето долгогодишно работење во власта и нема да го штитиме оној што се огрешил.“