Интервјуа

Уредникот на „Спотлајт“: Публиката го цени истражувачкото новинарство

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Робинсон навистина наликува на Китон – гримасите, начинот на движење, смислата за хумор, точно онака како што е доловено на филмската сцена

„Не ми давај пример дека еден свештеник сексуално искористувал дете. Ќе се крене врева која подоцна ќе стивне. Дај ми докази дека има грешка во системот и дека црквата дозволила да се случува тоа.“

Најверојатно не постои новинар кој не ја памети оваа легендарна изјава на Мајкл Китон во филмот кој заслужено го доби Оскарот за најдобар филм минатата година, „Спотлајт“, вистинска приказна која говори за најголемиот скандал поврзан со откривањето педофилија меѓу католичките свештеници во Бостон.

Мајкл Китон го глумеше главниот уредник на „Спотлајт“, истражувачка едиција на весникот „Бостон Глоуб“ во кој работеа четворица новинари.

Она што на филмското платно го глумеше Мајкл Китон, во реалноста е всушност Волтер Робинсон, добитник на Пулицерова награда и за многу новинари, мотивација да бидат што подобри, да откријат што е можно повеќе, да ги најдат и да ги исправат фалинките во системот.

Кога го сретнавме во живо, Робинсон навистина наликува на Китон – гримасите, начинот на движење, смислата за хумор, точно онака како што е доловено на филмската сцена. Вистински предизвик е да се зборува со новинар и уредник кој по 34-годишна кариера, не го заборава новинарството туку своето знаење сѐ уште им го пренесува на студентите по новинарство на универзитетите во Феникс, Аризона и во Бостон, Масачусетс.

Мајкл Китон во улогата на Робинсон

БИРН, како единствен претставник од Македонија, се сретна со него преку програмата на Стејт Департмeнтот за истражувачко новинарство, заедно со уште 20 новинари од целиот свет. Тој брзаше да оди на аеродром, од Феникс во Бостон за да ги продолжи предавањата, но сепак одвои 2 часа за да нè потсети зошто, всушност, сме новинари – да го истражуваме она што институциите се обидуваат да го скријат.

Сепак, кога го прашавме дали може разговорот да биде објавен во медиумите, тој прво што праша беше:

„Чекајте, чекајте, од кој Стејт Департмент е оваа програма? Од стариот или од новиот? Бидејќи во новиот немам баш доверба“.

Со тоа, уште на почетокот на разговорот Робинсон не криеше дека не е обожавател на претседателот Доналд Трамп. Напротив, смета дека со неговото доаѓање во Белата куќа, медиумите се поделиле, новинарите исто така, а кога тоа го претстави преку примери, невозможно беше да не се види паралелата меѓу она што САД го живее во моментов и она што Македонија го живее последнава декада.

„Америка сега има две страни. Професионалните медиуми се занимаваат со откривање нови афери и истражувања поврзани со Белата куќа, додека про-Трамп медиумите упорно се измачуваат со тоа кој им ги дал информациите на тие новинари, трагаат по предавникот! Како да не можат да сфатат дека токму од Белата куќа на Трамп протекуваат тие информации. Па само за овој период додека Трамп е претседател, протекоа повеќе информации од Белата куќа, отколку во целата кариера на Барак Обама, кој имаше лојални луѓе зад себе“, вели тој.

Ги чувам сите сведоштва на „Спотлајт“ за педофилијата на свештениците

Волтер Робинсон не го крие задоволството кога зборува за филмот „Спотлајт“. Остава впечаток дека ја знае секоја секунда од филмот и секоја реплика, што најверојатно е и точно ако се земе предвид дека досега го има гледано 10 пати.

„Само последниве 3 месеци сум изумил да го гледам“, додава тој.

„Кога првпат ни соопштија дека сакаат да прават филм за ‘Спотлајт’, првата реакција беше, па тоа ќе биде досадно! Никој не сака да гледа како се готви месото, секој сака да го види зготвеното месо на маса и да го дегустира. Така е и со новинарските приказни, кој би сакал да гледа како сме работеле?!“

Наградената сторија

Сепак, новинарскиот труд на четворицата новинари кои напишаа над 600 стории за жртвите на педофилија и успеаја да најдат дури 70 свештеници во Бостон кои сексуално малтретирале малолетници, е совршено преточен на филмското платно. Филмот ги потсети новинарите од целиот свет што значи крвнички да работиш за да дојдеш до вистината, а за сета останата јавност беше една сензитивна приказна која системски обработува еден проблем кој продира и до високите претставници на црквата.

„Додека се подготвуваше сценариото, тешко беше да се сетам на секој разговор. Се чувствував како да сум на суд – ме испрашуваа со часови, а не можев да се сетам на секој детаљ, зaшто имавме интервјуирано стотици лица. За среќа, никогаш не ги избришав меjловите од 2001 година. Замислете, ги чував сите. И тоа беше добар старт за да се направи еден тајмлајн, за да можеме да се сетиме како течеше приказната.“

Толку пати ја има повторено, што Робинсон и за време на разговорот не се двоумеше околу бројките. Само во првите неколку дена по објавувањето на сторијата, во редакцијата на „Бостон Глоуб“ се јавиле уште 300 лица кои биле жртви на педофилија од страна на католички свештеници.

„Повици добивавме и една година по објавувањето на сторијата, не само од Бостон туку од целиот свет, дури и од Австралија. Од првичната идеја, да се пишува за еден свештеник, се дојде до бројката од 11.000 свештеници во светот кои сексуално малтретирале малолетници. Некои од тие луѓе ни се отвораа првин нам, како на новинари, па често знаевме да им кажеме, првин соопштете ѝ на фамилијата за вашето искуство, па потоа нам. Замислете, тие луѓе им немаа кажано ниту на своите сопруги за своето искуство.“

Токму во тоа Робинсон го гледа најголемиот престиж во новинарството – луѓето да се отворат за своите проблеми и искуства, импактот за да биде поголем и институциите да ја преземат одговорноста.

Граѓаните знаат да го почитуваат истражувачкото новинарство

Робинсон со новинарите од програмата Стејт Департмeнтот за истражувачко новинарство

Мотивацијата да зборува за своите стории, за новинарството и за актуелната политичка состојба во Америка, не го напушта Робинсон дури и по неколку децении работа, и на 71-годишна возраст. На моменти пцуе, особено кога зборува за „лажните вести“ и „алтернативните факти“, на моменти нервозно го стега в рака шишето со вода, а за неколку секунди, почнува да се смее ако се отвори нова тема на разговор.

За време на својата кариера во „Бостон Глоуб“, Волтер Робинсон известувал од 48 држави во Америка и 30 држави ширум светот. Во 2003 година неговиот тим од „Спотлајт“ ја добива Пулецеровата награда за служба кон јавноста, а во 2007 година истиот тим е номиниран за Пулицер за сторија поврзана со извршителите во САД.

Кога слушна од кои држави доаѓаме, како Македонија, Црна Гора, Унгарија, Малдиви, Киргистан, Бугарија, низ смеа рече:

„Па не знам зошто воопшто јас говорам тука, вам ви треба многу повеќе храброст да се занимавате со истражувачко новинарство во вашите држави“.

Робинсон седум години го водел истражувачкиот тим на „Спотлајт“. Вели дека сè уште е во контакт со своите колеги кои на филмското платно можевме да ги видиме како упорни и истрајни новинари на кои работата секогаш им е неколку чекори пред приватниот живот. Сега, истражувачкиот тим на „Бостон Глоуб“ е зголемен и брои шестмина новинари и уредник, нешто што за Робинсон е особено важно – секој медиум да има посебен истражувачки тим.

„Истражувачкото новинарството е скапо, ретко кој ќе дозволи на сите случувања околу нас, да остави простор на еден тим да работи сторија 6 месеци. Но, анкетите покажуваат дека читателите најмногу ценат таков вид новинарство – она во кое новинарите копаат информации и наоѓаат дупки во работењето на на институциите. Граѓаните знаат да препознаат што е добар производ“.