Истражувањa

Многу погрешни бројки: Демографската мистерија на Северна Македонија

Официјалните статистики за населението во Северна Македонија не се само малку промашени, туку драматично неточни. А тоа има последици

  • 9
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Според Државниот завод за статистика, на 31 декември 2018 година, населението во Северна Македонија брои речиси 2,08 милиони жители, или да бидеме попрецизни – 2.077.132 .

Проблемот со оваа бројка е што е многу погрешна.

Барем така смета Апостол Симовски, директорот на Државниот завод за статистика: „Се плашам дека нема повеќе од 1,5 милион луѓе во земјата, но не можам да го докажам тоа“.

Некои сметаат дека проценките на Симовски се премногу песимистички, но, ако тој е во право, тоа би значело дека населението во Северна Македонија се намалило за 24,6 проценти од независноста на земјата во 1991 година, кога во државава живееја 1,99 милион луѓе.

Овој процент би бил многу поголем од која било друга земја во поранешна Југославија, дури и од Босна и Херцеговина, која страдаше од четиригодишна тотална војна. Овој пад би бил подраматичен и од тој во соседна Бугарија, која загуби речиси 21 процент од своето население во последните 30 години.

Некои економисти шпекулираат дека бројот на населението во Северна Македонија е меѓу 1,6 и 1,8 милион, што сѐ уште би значело дека од 1991 година земјата загубила од 9,5 до 19,6 отсто од своите жители.

Ако ја земеме поголемата бројка, тогаш падот на бројот на населението во земјата би бил сличен со тој во Србија и во Хрватска, кои загубија меѓу осум и девет проценти од своите жители.

Проблемот е што никој не го знае точниот број, и навистина е реткост еден директор на државен завод за статистика да признае дека најосновната бројка за земјата, не само што е погрешна, туку е многу погрешна.

„Верувајте, и јас сум фрустриран“, ни кажа тој.

Без консензус

Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика | Фото: БИРН

Постои добра причина зошто Симовски не знае со сигурност колку луѓе живеат во Северна Македонија. Во 2011 година, македонските и албанските политичари толку многу се мешаа во спроведувањето на пописот, што тој целосно пропадна.

Македонските националисти посакуваа резултат со кој ќе се покажеше дека албанското малцинство во земјата брои помалку од 20 проценти од населението. Ова е прагот што им гарантира одредени права на етничките Албанци според Охридскиот мировен договор од 2001 година, со кој земјата се извлече од работ на граѓанска војна.

Спротивно на македонските националисти, етничките Албанци, очекувано, сакаа да го зголемат својот удел во населението најмногу што можат.

Двете страни ги охрабруваа своите поддржувачи да додаваат колку што можат членови на семејството што живеат во странство, кои по правило не треба да се бројат, па пред крајот на пописот сфатиле дека толку ги напумпале бројките, што „никој немало да поверува во нив“, па затоа го запреле процесот, објаснува Симовски.

Новиот попис, што требаше да се одржи во април годинава, е одложен за 2021 година поради предвремените парламентарни избори што беа закажани во истиот месец. Изборите пак се одложија поради пандемијата на корона вирусот.

Поради таа причина, Северна Македонија, како основа за сите други податоци, сѐ уште ги користи бројките за населението од пописот во 2002 година. Без оглед на политичките притисоци што се случувале во тоа време, Симовски вели дека пописот бил спроведен добро и можел да се смета за веродостоен.

Така, за да се дојде до денешната официјална бројка од речиси 2,08 милиони, на бројката од 2002 од 2,02 милиони жители ѝ се додаваат пресметките од родените и починатите, како и од многу малиот број доселеници и официјално пријавени иселеници.

Основниот проблем е што стотици илјади луѓе се иселиле, но не се регистрирале дека веќе не живеат тука. Никој не знае колкава бројка е тоа.

Верица Јанеска од Економскиот институт при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје предупредува дека не треба да се користат странските податоци за бројот на Македонците надвор од земјата за да се проценува вкупниот број на населението во неа.

Причината, како што вели, е што во овие бројки често се вклучуваат и „оние што ја напуштиле земјата во последните четири или пет децении, како и втора и трета генерација иселеници“.

Исто така, иако би било можно да се направат груби пресметки за бројот на населението според разни државни бази на податоци, ниедна од нив сама по себе не е целосно веродостојна.

На пример, податоците за даночните обврзници не ги опфаќаат луѓето што работат во сферата на сивата економија. Сепак, шест државни бази на податоци, за првпат ќе се користат за вкрстени анализи во пописот во 2021 година.

Дотогаш „никој не може да даде реална проценка на вкупниот број на населението“, вели Јанеска.

Така што, додека не заврши пописот од 2021 година, во Северна Македонија нема да биде погрешен само бројот на населението, туку и многу бројки што се пресметуваат врз неговата основа, како на пример колкав е бруто-домашниот производ по жител.

Стапката на наталитет е друг пример. Официјално, таа изнесува 1,42 деца по жена, но ако има помалку од 2,08 луѓе во земјата, а според тоа и помалку жени на возраст на која може да раѓаат, стапката на наталитет би била поголема.

Следете ги податоците

Македонците се иселувале од земјата уште од доцниот 19 век, но никој не знае колку точно живеат во дијаспората, ниту колку жители има во странство.

Според југословенскиот попис од 1921 година, имало околу 809.000 луѓе на територијата каде што сега е Северна Македонија. До 1971, според Јанеска, која ги одзела бројките на тие што живееле во странство, а биле вклучени во пописот, бројот на населението во земјата се удвоил на 1,64 милиони.

Во 2002, од 2,02 милиони луѓе во земјата, 64 проценти биле Македонци, 25 проценти Албанци, а другите биле Роми, Турци, Македонци муслимани и други малцинства.

Како и насекаде во поранешна Југославија, повоениот период по Втората светска војна беше обележан со индустријализација, урбанизација, образование и социјална еманципација, особено за жените. Насекаде низ светот овие фактори воделе кон драматично намалување на стапките на наталитетот, а Македонија во југословенско време не била исклучок од тоа.

Но, истовремено тоа придонело повеќе бебиња да преживуваат, а подобрената здравствена заштита придонела луѓето да живеат подолго. Сето тоа може да се види и во податоците.

Во 1952 година, бројот на живородени бебиња бил повеќе од 51.000, а во 1954 година, природниот прираст во републиката, односно бројот на родени минус бројот на починати, бил речиси 34.300.

Од тој момент, двете бројки се намалуваат. Минатата година, според првичните податоци, имало 687 починати отколку родени. Ако ова се потврди, 2019 година ќе стане првата година, кога бројот на починати го надминал бројот на родени во земјата.

Иако нема посебни податоци за стапките на наталитет за Македонците, Албанците и за другите етнички групи, Симовски и други експерти веруваат дека додека во времето на Југославија меѓу нив имало драматични демографски разлики, во последните години тие се доближиле.

Но, тој додава дека етничката припадност не е клучниот фактор во Северна Македонија, туку верската и, според тоа, културната припадност.

Македонските христијани почнале да раѓаат помалку деца многу порано во однос на муслиманите, културен феномен кој можеше да се види и во други делови од поранешна Југославија, вклучително во Босна и Косово.

Секако, најголемиот дел од муслиманското население во Северна Македонија се етнички Албанци.

Изет Зеќири од Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово вели дека демографските трендови кај Албанците во Северна Македонија се слични со тие кај Албанците во Косово, што значи дека порано имале високи стапки на наталитет, но тие, во последните 30 години, опаднале.

Па така, додека официјалната (иако непрецизна) стапка на наталитет во Северна Македонија е 1,42, во полошкиот регион, доминантно населен со Албанци, таа во 2018 година била 1,17 , што е многу пониско и од некои региони доминантно населени со етнички македонско население.

Ова го покажува, не само остриот пад во стапката на наталитетот, туку и иселувањето на жените што се на возраст на која може да раѓаат.

Бидејќи многу луѓе ја напуштија земјата, Северна Македонија почна да ги додава и податоците за бебињата родени во странство што се регистрираат како државјани на земјата. Ова е непрецизна статистика бидејќи сите држави не споделуваат информации за бебињата што се, исто така, и нивни државјани, а од друга страна, сите што живеат во странство не ги пријавуваат своите новороденчиња кај македонските власти.

Сепак, оваа бројка расте секоја година. Во 2008 имало 3.700 бебиња родени во странство, а во 2018 година биле околу 5.000. Тоа значи дека на секое бебе родено во земјата се раѓа и едно во странство.

Како и насекаде во Европа, Македонците стареат. Денес очекуваниот животен век е 75,95 години, а во 1960 бил 60,6.

Намалениот број на раѓања значи и дека, секоја година, има сѐ помалку ученици во училиштата. Во 2018 година имало 188.500 ученици, а во 2009, кога средното образование станало задолжително, имало 209.000. Тоа е пад од речиси 10 проценти за помалку од една деценија.

Истовремено, речиси сите региони во земјата бележат намалување на бројот на населението, освен скопскиот.

Но, денес, според Никола Наумоски, шеф на кабинетот на скопскиот градоначалник, дури и во главниот град бројот на населението стагнира на околу 600.000 луѓе. Истовремено, додека луѓето од други делови на земјата сѐ уште се доселуваат во градот, многу од неговите жители се иселуваат, вели тој.

Кусок на работна сила

Намалените бројки почнаа да ја погодуваат и економијата.

Со години, Северна Македонија беше погодена од високи стапки на невработеност, но сега бројот на луѓето без работа се намалува затоа што има сѐ помалку млади луѓе што влегуваат на пазарот на трудот, како и поради емиграцијата.

Во последните три години, кусокот на работна сила почнал силно да погодува некои сектори, вели Силвана Мојсовска од Економскиот институт.

Услужните дејности, особено туризмот, се силно погодени. Другите сектори каде што нема доволно работна сила се ИТ и трговијата. Докторите, медицинските лица и градежните работници, исто така, си одат, или барем си одеа додека не избувна пандемијата со корона вирусот.

Во последните неколку години, бруто-домашниот производ на Северна Македонија ниту еднаш не порасна повеќе од 3,8 проценти годишно, а тоа едноставно не е доволно, вели Јанеска.

Би требало да биде константно двојно поголем за да придонесе економијата да расте доволно брзо за останувањето во земјата да биде попривлечно отколку заминувањето.

Среде глобална пандемија, тешко е да се очекува дека економската ситуација во Северна Македонија ќе се подобри, а последиците од неа врз остатокот на Европа и на светот, исто така, ќе влијаат и врз емиграцијата. Но, сѐ уште е премногу рано за да се предвиди како ќе се променат работите.

Како и насекаде во регионот, луѓето се иселуваа до избувнувањето на пандемијата и можеби ќе продолжат да се иселуваат кога таа ќе заврши, и не само поради парите, вели Јанеска, туку и поради подобрите можности за напредок во кариерата, образованието, здравствената заштита и за да живеат во помалку корумпирани и во политички постабилни средини.

Мојсовска додава дека влошувањето на загаденоста е уште еден фактор поради кој дури и добро платени професионалци се иселуваат од земјата. Тие го земаат предвид здравјето на своите деца, дури иако нивниот животен стандард би бил понизок во странство.

Одењето во странство за сезонска работа е вкоренета традиција во Северна Македонија. Иако нема прецизни податоци, јасно е дека овој феномен продолжува и денес.

Официјално, на пример, има речиси 1.600 Македонци со дозволи за престој во Малта. Но, Едмонд Адеми, министерот за дијаспора, вели дека кога ја посетил Малта, му било кажано дека во лето тој број пораснува на 7.000. Сепак, бидејќи многумина користат бугарски пасоши, тоа е невозможно да се докаже.

„Како може да креирате економски политики кога не знаете кој е тука, а кој не е“, вели Јанеска.

Луѓето се примамени од Германија и од други земји што ги отвораат своите врати за работници од Северна Македонија, земја-кандидат за Европската унија, а истовремено се истуркувани кон надвор поради ниските плати и лошите услови дома.

Една од последиците, вели таа, е што странските инвеститори се жалат.

„Тие велат – ни ветивте дека имате работна сила, но сега немаме доволно работници“. А тоа, како што вели, „е голем економски проблем“.

За разлика од побогатите балкански земји, како Хрватска, никој не сака да дојде од странство и да работи за македонска плата во македонски услови.

Демографската состојба во Северна Македонија е секако драматична, но додека не се одржи пописот, никој не може да знае колку е лоша. И дотогаш ќе биде тешко да се направат планови за земјата без соодветна статистика.

Во меѓувреме, демографите велат дека е важно да се потсетиме дека овој проблем засега вистински луѓе, не само бројки.

Јанеска често ги посетува своето семејство и пријателите во Гостивар, во северозападниот дел од земјата. Таа вели дека во зима „градот е речиси празен“. Се полни само кога дијаспората доаѓа дома во лето. Повеќето луѓе што живеат таму преку целата година се стари.

„Тие се многу вознемирени“, вели таа. „Велат – оставени сме сами, нашите деца и внуци се во странство. Ни праќаат пари, но не сакаме пари, си ги сакаме семејствата назад“.

Тим Џуда е дописник на британски „Економист“. Работел на демографски теми како соработник на програмата „Иднината на Европа“ на Институтот за хуманистички науки во Виена и Фондацијата ЕРСТЕ. Текстот е дел од серијата истражувања посветени на демографската криза во  Централна и Југоисточна Европа , првично е објавен на Балкан Инсајт