Регион

Москва ја доби дипломатската битка со мировните сили во БиХ

Русија ги победи западните влади во дипломатското натегање околу текстот на резолуцијата

Советот за безбедност на ООН, во средата гласаше за продолжување на мисијата на ЕУФОР во Босна и Херцеговина за уште една година, но Русија ја доби битката околу текстот на резолуцијата, што аналитичарите го опишуваат како загрижувачки развој на настаните.

Продолжувањето на мандатот на ЕУФОР се сметаше за клучно за стабилноста на Босна и Херцеговина, поради растечката политичка и безбедносна криза во земјата. Силите на ЕУФОР се распоредени за да обезбедат спроведување на Дејтонскиот мировен договор, со кој заврши војната во БиХ (1992-1995).  Во оваа земја моментално се присутни околу 600 војници.

Русија се воздржа од користење на вето, со кое можеше да го блокира продолжувањето на мандатот на мировните сили, како што се закани дека ќе стори доколку новиот висок претставник на БиХ, германскиот политичар, Кристијан Шмит, се обрати пред Советот за безбедност на ООН и го претстави својот полугодишен извештај за ситуацијата во БиХ.

Високиот претставник, во името на меѓународната заедница, го надгледува спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор. Сѐ досега, високите претставници поднесуваа извештаи за состојбата во земјата на седниците на Советот за безбедност на ООН, на кои секој ноември се продолжуваше мисијата на ЕУФОР.

Овој пат, САД и ЕУ се согласија да го задоволат Кремљ и да го тргнат обраќањето на Шмит од дневен ред и да ја минимизираат улогата на Канцеларијата на високиот претставник, во текстот на резолуцијата.

Овој очигледен пораз на западните сили предизвика големо незадоволство кај многу локални и меѓународни експерти. „Ова е јасен знак дека ние сме ирелевантни од западна перспектива“, изјави за БИРН, Аднан Хускиќ, политички аналитичар во Сараево.

Русија и Кина не го признаваат Шмит, кој летово беше именуван од САД и од членките на ЕУ, без гласање во Советот за безбедност на ООН, со што ги заобиколија Москва и Пекинг.

На почетокот, изгледаше како Москва да е само малку незадоволна од назначувањето на Шмит, но тоа незадоволство се зголеми откако претходниот висок претставник, Валентин Инцко, во последните денови од својот мандат кон крајот на јули, наметна закон со кој се забранува негирање на геноцидот и злосторствата против човештвото. Босанските Срби, сојузниците на Русија, одбиваат да прифатат дека масакрите во Сребреница претставуваат геноцид, и покрај одлуките на меѓународните судови.

Кремљ смета дека законот за забрана на негирањето на геноцидот е „директен напад“ врз Република Српска (РС), вели за БИРН, водечкиот руски експерт за надворешни работи, Максим Саморуков.

Москва е загрижена дека Бошњаците и Запад би можеле да се обидат да го искористат законот за да ја поткопаат, па дури и да ја укинат РС, или преку финансиски притисок, или со прогласување на овој ентитет за „геноцидна творевина“, објаснува Саморуков.

Исходот од седницата на Советот за безбедност на ООН во средата ги загрижи повеќето балкански експерти, кои она што се случи го гледаат како голем поттик за сепаратистичката агенда на водачот на босанските Срби, Милорад Додик, кој се закани дека ќе се повлече од сите институции на државно ниво, вклучително и од вооружените сили на БиХ, и оти повторно ќе формира вооружени сили на РС.

Седницата на Советот за безбедност беше пораз и за Шмит, кој неодамна започна со работа.

„Шмит го започна својот мандат без никаква поддршка. Со овие последни настани тој е целосно лишен од секаков авторитет и содржина“, вели Хускиќ.

Гардијан оваа недела објави дека во извештајот на Шмит до Советот за безбедност на ООН, се предупредува оти БиХ се соочува со „најголемата егзистенцијална закана во повоениот период“ и дека постои „многу реална“ перспектива за враќање на вооружениот конфликт, доколку РС повторно формира своја војска.