Регион

Можно е повторно судење на осудените за убиство на Стамболиќ

Филип Рудиќ, Белград
 

Милорад Улемек Легија во судница. Фото: Бета

Барањето за повторување на судската постапка, поднесено од адвокатите на Милорад Улемек и Бранко Берчек, кои во 2007 и 2008 година, беа прогласени за виновни за убиство на Иван Стамболиќ и за обид за убиство на Вук Драшковиќ, ќе биде повторно разгледано, поради наводни нови докази, соопшти во четврток, Апелацискиот суд во Белград.

Улемек и Берчек, поранешни високи припадници на Единицата за специјални операции на Министерството за внатрешни работи на Србија, добија максимална казна од 40 години затвор.

Одбраната тврди дека Берчек, кој беше осуден како директен сторител на обидот за убиство на Драшковиќ, има различна крвна група од онаа најдена на местото на злосторството.

Специјалниот суд во Белград, претходно го одби барањето на одбраната за повторно отворање на постапката, со образложение дека е „нецелосно“.

Сепак, Апелацискиот суд во четврток соопшти дека ја укинал одлуката и дека на одбраната треба да ѝ биде одобрено да го дополни своето барање.

Легија беше осуден на 40 години затвор и за организирање на убиството на поранешниот српски премиер, Зоран Ѓинѓиќ, извршено во 2003 година.

Стамболиќ на почетокот беше близок соработник на Милошевиќ, но подоцна стана негов потенцијален политички ривал. Исчезна во август 2000 година. По падот на Милошевиќ, беше обелоденето оти тој е убиен.

Драшковиќ, поранешен лидер на Српското движење за обнова, беше еден од политичарите, кои во 90-тите години, учествуваше во протестите против Милошевиќ.

Новинарот, Вук Цвијиќ, чија специјалност е организираниот криминал, за БИРН вели оти се надева дека новата судска одлука е донесена од „процедурални причини“ и дека „никој нема да се ‘игра’ со пресудата“.

„Оваа пресуда најмногу им пречи на членовите на режимот на Милошевиќ, поради тоа што ја обелодени неговата целокупна криминална природа“, додава Цвијиќ.

Истакна дека одлуката покажала оти Милошевиќ, кој беше симнат од власт со масовни протести во 2000 година, давал наредби за политички убиства, кои ги извршувала тајната служба, со помош на организирани криминални банди.