Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и австралиската компанија „Пела глобал лимитед“, од Перт, почнаа бизнис-соработка преку фирма што заеднички ја основаа.
Како што е објавено на Централниот регистар, дејноста на фирмата „Константин енерџи“ е производство на енергија од обновливи извори.
Според податоците од регистарот, фирмата е основана со паричен влог од 5.000 евра.
Директор е Aвстралиецот со македонско потекло, Николче Јовановски. Тој е еден од директорите на „Пела глобал лимитед“, фирма која работи на проекти за рударство и обновлива енергија низ Југоисточна Европа.
Во кратката биографија за Јовановски пишува дека течно говори македонски, член е на дијаспората и клучен за успехот на „Пела глобал лимитед“ како нејзин основач и извршен директор уште од нејзиното основање.
На страницата на „Пела глобал лимитед“ стои дека стратегија на оваа компанија ѝ се: унапредувањето и развојот на проектот за рестартирање на рудникот за кристалот антимон, во Крстов Дол, кај Крива Паланка и проектот за пронаоѓање злато кај кривопаланечко Луке.
Ова не е прв влез на МПЦ-ОА во енергетскиот сектор.
Во 2020 година МПЦ-ОА заедно со три физички лица и друштвото „Мелничко-пекарска индустрија Жито Караорман“, ја основаа хидроцентралата „Драгов дол“ од Кичево.
Две години подоцна, во 2022, МПЦ-ОА влезе како содружник во фирмата „Тринити солар“, која исто така е регистрирана за производство на струја.
Покрај бизнисот со струја, најголемата верска заедница во Макеоднија, заедно со „Мега фешн“ ја основаа фирмата „Обновители“, со која ги градат новите згради спроти хотелот „Холидеј ин“ во Скопје.
Базата на БИРН „Верски имоти под лупа“, покрај регистрираниот верски имот, откри дека МПЦ-ОА, освен храмови и манастири, поседува и завидна бројка станови, деловни простории, обработливи површини и туристички капацитети. Некои од нив ѝ носат заработувачка од закуп.