Во земјава нема таков плац на кој во исто време има речиси 2.000 возила, каков што е оној во Идризово на Агенцијата за одземен имот. Од најевтини, до возила од висока класа, oд постари, до нови. Прошетката низ плацот наликува на изложба на возила, од кои, некои поради годините, имаат музеолошка вредност.
Ако се соберe сето време во кое возилата се „изложени“ заедно, тоа се стотици и илјадници години.
Магацинот на Агенцијата, пак, што е на истото место, е приказна за себе. Ќе најдете „од игла до камила“.
Иако има и продажби и донации, за тоа колку државата видела ќар од сите заплени е прашање на кое нема едноставен и единствен одговор.
Во моментов институциите се обидуваат да сфатат чиј е пропустот што не можат да се запленат ни „17 евра“ од 17-те милиони евра од фирмите на Сеад Кочан во предметот „Труст“ на СЈО, што го обелодени „КОД“.
Додека тоа се случува, БИРН беше во обиколка на плацот и магацинот на институцијата, што меѓу луѓето е позната како Агенција за конфискација. Прошетката е како туристичка тура низ судските случаи во изминатите 20 години: од непознати предмети до филмски убиства, грабежи и царински заплени.
Тематски возен парк
Огромна железна врата на лизгање. На неа ознаки „стоп“ и „забрането паркирање“. Од лево, табла со називот на институцијата. На 17-тина километри од центарот на Скопје се наоѓа огромно депо од запленети и конфискувани возила и предмети, кое го поседува Агенцијата за управување со одземен имот.
Тоа е едно од вкупно четирите. Другите се во Тетово, Гевгелија и во Миладиновци. Ни го отворија по неколкунеделно договарање.
Прво што ќе забележите при посетата во огромниот плац од 32 илјади квадратни метри и магацинот во Идризово е дека влегувате во „музеј“ на возила на отворено.
Четирите магацини не се доволни
Во извештајот за работа од 2020, навеле дека магацините не им се доволни за да го складираат целиот одземен имот во кривична или прекршочна постапка.
Паркирани се без посебен протокол. Во моментот ги има над 1.900, што веројатно ја прави државата поголем „сопственик“ на возила од сите увезувачи на возила заедно.
Голем број од нив навистина се како со долг стаж. Најстариот е од 2000 година.
Некои се со, а некои без регистарски таблички. Дебелиот слој прашина над некои од нив сведочи дека напластиле доста време од „чекање“. Еден дел, особено оние поскапите, се сместени под натстрешница, а други се паркирани под отворено небо. Има со оштетено ветробранско стакло, такви без стакла, со заштитни фолии…
Како во тематски парк, има сѐ. Од „југо“ до „бмв“ и „мерцедес“.
На влезот, „друштво“ на возилата им прави постар автобус, паркиран во агол што гледа кон затворот Идризово. Почнал да `рѓосува. Очигледно е дека има долг стаж во овој огромен плац на кој не му се догледува крајот.
„Ѕиркаат“ и по некој камион, такси-возила, квадрицикли, мотори, виљушкар, глисер, расфрлани гуми, па дури и стар гулабарник.
Со текот на времето, некои од запленетите и одземени возила „прераснале“ во уметнички инсталации. Така, има камион обраснат во исушено зеленило, приколка натрупана со ѓубре.
Чуварите се одлични познавачи на возилата. Минувајќи помеѓу говореа за секое поединечно. Велат, сите имаат по некаква приказна: „Ова е за убиство, ова е од кражба“…
Скоро 1.400 пресуди во една година
Во 2020 година добиле 279 пресуди за одземени возила, 33 пресуди за одземени цигари и тутун, 225 пресуди за дрога, 326 пресуди за одземено оружје, 533 за облека, лекови, друга стока…
За некои се чекаат правосилни судски пресуди, а некои се привремено одземени во постапките. Некои од овие возила завршуваат низ институциите.
„Доделивме на користење 700 возила за четири години“, вели првиот човек на Агенцијата, Фатон Асани, во разговор за БИРН.
Рскажа дека затекнал институција на хартија и со неговото менаџирање ја заживеал.
„Во 2017 наследив месна заедница, не наследив институција. Постоела само на хартија“, раскажува првиот човек на АУОИ.
Потсетува дека доказ за тоа е што премиерот и министерот за внатрешни работи се возат во одземени возила од Агенцијата што ја менаџира.
Но, голем дел од возилата завршуваат и како старо железо. Во 2020 година, такви биле 434 возила. Причината за тоа, според него, најчесто е должината на судските постапки, иако Агенцијата нема законски рок кога да ги продаде возилата и другите запленети предмети.
„Сѐ зависи од Управниот одбор, предлогот е мој“, вели Асани.
Откако ќе им стигне пресудата, Бирото за судски вештачења изготвува проценка, потоа одлуката поминува на Управен одбор, па се закажува аукција.
Гардеробата и накитот од „Рекет“ – „чекаат ред“
„Магацин за готови производи. Изградено и дадено во употреба 1978 година“. Метална плочка поставена пред влезот на магацинот во Идризово потсетува дека објектот е стар 44 години.
Заклучен со два катанци, магацинот од околу 1.700 квадратни метри, каде што се чуваат запленетите и одземени предмети, потсетува на сценографија од акциски филм.
Стариот кров бил дрвен, па го смениле во „нов“ пред 15 години.
Првин нѐ однесоа во делот што е потсреден. На огромни метални рафтови во кутии со фолија стојат називи на запленетите и одземени предмети.
„Текстил“, „фармерки (два пакета)“, „кошули бели“, „гаќи“, „патики“, „монитори“, „куќишта“, „боенки“, „синдизајер 14.09. 2017“; „разноврсна роба“, „масло за зајакнување“, предмети што ги одзела пазарната инспекција како режан тутун, филтри за цигари, електрични апарати како фрижидери, микробранови печки… Од 2004, 2006, 2007 година…
Рачни пумпи. Апарати за мерење притисок. Запленети лекови пред 15-тина години. Шишиња алкохол. Од сите ќошиња на магацинот наѕираат одземени предмети.
Со сите нив би можело да се отворат неколку бутици и продавници за електрични апарати.
Во ограден дел одлево, просторија со папки, во која се чуваат и евидентираат записниците и уште една просторија на која буквално се „набоцкани“ клучевите од возилата што се наоѓаат на самиот плац.
Не влезот ќе ве пречекаат несредени предмети, кои буквално се еден врз друг. Спакувани во ќеси, вреќи, па и на самиот под.
Од десната страна, стари велосипеди, куфери, моторни пили…
„Овде не можевме да влеземе“, ни рече еден од чуварите, сакајќи со тоа да каже дека предметите биле буквално само евидентирани и оставени без да бидат средувани со години.
„Палети немавме порано. Немавме никакви услови“.
Прашавме дали ако утре им побараат да се продава или донира конфискуваната гардероба на Бојан Јовановски од предметот „Рекет“, би знаеле веднаш каде да побараат, ни одговорија потврдно.
„Не е дојден редот“, вели Асани, иако правосилната и извршна пресуда до нив е доставена во септември лани.
Тоа значи дека ниту одземената софа и масичка од поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева не стигнале на ред.
Во магацинот беше подготвен дел со облека што ќе оди како донација.
„Последно што доделивме се 91 машина за перење. Дадовме предност на болниците, затворите и градинките“, вели директорот на Агенцијата за БИРН. Агенцијата претежно донира во болници, центри за социјална работа, затвори…
Ја тужат Агенцијата за штета
Пресудата со судски број ГЖ-3247/16 е само една од многуте што ги поднесуваат тужителите бидејќи возилата и предметите што им биле привремено одземени, но не се докажала вина, наместо во состојбата во која биле, им биле вратени со фалинки.
Во пресудата пишува дека „мерцедесот“ бил оставен во одлична состојба на самиот плац, што било констатирано и во записник, но состојбата кога требало да го земе возилото била поинаква.
Стока без проценета вредност
Во 2020 Агенцијата за управување со одземен имот наплатила и одзела имот (возила, недвижности, акции, и друго) кој вреди над 1,6 милиони евра. Поголемиот дел од одземената стока нема проценка и затоа не може да се искаже нејзината вредност.
„Било констатирано дека нема радиоапарат – изваден, нема звучници и врати – извадени, нема акумулатор – изваден, гепекот не се отворал, при што било констатирано дека возилото е амортизирано“. Биле извадени алуминиумските бандажи, огледалата од ретровизорот, касетофонот, регулаторот за клима, централната брава…
Чуварите ни рекоа дека над објектот во Идризово има 24-часовен надзор. Директорот Асани, пак, ни потврди дека порано имало кражби на возила, но првенствено на плацот на возила што го имаат во Миладиновци.
„Чуварот не може да постигне“, вели Асани.
Повеќе од половината вработени во Агенцијата се чувари. По систематизација треба да се над 70 вработени, а работат 48 луѓе.
Асани смета дека треба да се направат и законски измени, со кои, за штетата во судски пресуди против одземање предмети, би одговарала државата, а не Агенцијата за конфискација, која е последната алка во одземањето на предметите.
Од лани, институцијата се пресели во нови, поголеми простории, во зградата каде што се Управата за водење матични книги и повеќе други институции.
„Јас сум првиот што создаде продажно одделение во 2021 година. Има човек кој од утрото се занимава што ќе продаваме утре“, ни кажа Асани.
Директорот отворено говори дека имаат и мошне проблеми, како нудењето акции за продажба. Ако им се намали вредноста на акциите, а тие не ги понудат на продажба, би можело кривично да одговараат за загубена корист. Но, Асани вели, „ние не сме брокери“.
Имале две уништувања на дрога за изминатите четири години, а подготвувале и ново.
„Дрогата е физички во МВР, а папиролошки во Агенцијата“. Се чува во посебни магацини.
Запленетиот цвет од канабис може да го продаваат преку МАЛМЕД на фармацевтските компании и државата од тоа да види ќар, но тоа е, вели, потребно да се уреди во постапка.
Храната ја доделуваат. Немаат специјални магацини во кои би ја чувале, па оди по болници, во Зоолошка и во затворите.