Регион

Музеј на црвената историја: Потсетник на животот во социјалистичка Хрватска

Музејот на црвената историја во Дубровник, е нова интерактивна поставка, што покажува каков бил секојдневниот живот на граѓаните во Хрватска, во времето на социјализмот

Лоциран надвор од историскиот центар на оваа популарна туристичка дестинација, сместен во поранешната фабрика за графитни производи во Дубровник, неодамна отворениот Музеј на црвената историја е првиот интерактивен музеј во Хрватска, кој го документира секојдневниот живот во времето на социјализмот.

Музејот го формирала група на млади локални дизајнери, историчари, новинари, фотографи и археолози, а музејската збирка е составена од донации на граѓаните од цела Хрватска, кои дале разни лични предмети, сувенири, фотографии и приказни од својот живот.

Нино Главиниќ, еден од основачите на овој музеј, за БИРН вели дека изложените предмети се движат „од класични парчиња на мебел, преку производи кои се произведени во Југославија, до различни книжевни дела”.

„Ние се бавиме со архитектура, дизајн, ентериер и надворешна политика, со музика, филм и медиуми”, додава Главиниќ.

Тој истакнува дека основачите сакале да направат една културна институција надвор од центарот на Дубровник и стариот град, кој привлекува голема маса на туристи.

„Секој (од нас) имаше своја причина (да се вклучи). На пример, на нашиот историчар му се допадна оваа идеја, бидејќи за Југославија во Хрватска, главно се зборува со одредени конотации“, вели тој, објаснувајќи дека ретко се случува „историјата на Југославија да се прикажува објективно“.

Музејот во Дубровник е сличен со другите музеи во европските градови, како што се Музејот на ДДР во Берлин, музејот Czar PRL во Варшава и Музејот на комунизмот во Прага, вели Главиниќ.

Повеќето посетители на Музејот на црвената историја, се воодушевени од она што можат да го видат, иако неколку од нив изразиле идеолошки несогласувања, вели тој.

„Имаше еден господин, југоносталгичар, малку постар и малку повеќе ‘лево ориентиран’, кој рече дека мислел оти ова го организираат фашисти. Од друга страна, имаме луѓе кои не сакаат да влезат во музејот, бидејќи гледајќи ја црвената боја, мислат дека сме некаква комунистичка машина“, објаснува тој.

Главиниќ нагласува оти музејот не суди „дали нашето социјалистичко минато е добра или лоша работа”, туку самите посетители судат за тоа.

„Едноставно, нема глорификација или плукање (по Југославија), туку објективно прикажување, преку нашето истражување, на еден забавен начин, на повеќе од четири децении долгата хрватска историја”, истакна тој.

Фото: Музеј на црвената историја