Регион

Жртвите на воена тортура во БиХ, напуштени од државата

Илјадници граѓани на Босна и Херцеговина, кои страдале во логорите формирани во војната во оваа држава, сè уште не добиваат никаква помош од властите

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Алиќ вели дека сè уште се сеќава на сето страдање што го преживеал и оти 27 години подоцна, сѐ уште се буди во кошмари. Но, она што го лути е тоа што државата не се грижи за него и за другите затвореници и жртви на тортура од војната 1992-1995 година.

„За 60-те дена што ги поминав во концентрационитe логори, од Кератерм до Трнопоље, не сум добил ниту една марка (босанска конвертибилна марка). Како поранешен затвореник, јас дури немам право ниту на соодветна (бесплатна) здравствена заштита“, вели Алиќ за БИРН.

Бидејќи Алиќ со години живеел и работел во Данска, оваа држава денес му исплаќа инвалидска пензија. „Да немав заработен приход од Данска, би бил како и секој друг поранешен затвореник во БиХ – човек без никакви права“, додава тој.

Законот за заштита на жртвите на тортура, кој има за цел на жртвите да им обезбеди финансиска помош, рехабилитација и други бенефиции, го имаше својот прв нацрт во 2006 година. Следеше втор во 2011 и трет во 2017 година.

Со овој нацрт-закон, воените затвореници и лица кои биле силувани или подложени на сексуално насилство, се дефинирани како жртви на тортура, како и оние што претрпеле физичко злоставување.

Но, законот допрва треба да биде усвоен, иако БиХ веќе се обврза дека ќе го спроведе, со потпишувањето на Конвенцијата на ООН против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување и на Европската конвенција за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување.

Во 2006 година, Комитетот на ООН против тортура, ги повика властите на БиХ, веднаш да го ратификуваат законот, а Европската комисија во своите годишни извештаи за напредокот на БиХ на патот кон ЕУ интеграциите, постојано нагласува дека законот треба да се ратификува што е можно поскоро. Но, Советот на министри на БиХ (Владата на БиХ) допрва треба да даде согласност за ова.

Спроведувањето на овој закон ќе чини многу – Министерството за човекови права и бегалци на БиХ, проценува дека за период од 15 години. ќе бидат потребни 288 милиони евра.

Но, Јасмин Мешковиќ, претседател на Сојузот на логорски затвореници на БиХ, кој во 1992 година поминал 50 дена во затворот во Сремска Митровица во Србија, вели дека жртвите на тортура само сакаат признание за нивните страдања и дека финансиските репарации може да бидат симболични.

„Никој не сака да се збогати поради тоа што бил жртва на тортура“, нагласува Мешковиќ.

Фактот дека не постои закон на државно ниво, воедно значи дека нема официјална проценка за бројот на логори во земјата, ниту за бројот на жртви на тортурата.

Сојузот на логорски затвореници, врз основа на проценките на трите здруженија на жртви на војната кои постојат во БиХ, смета дека имало 657 логори и околу 200.000 затвореници.

„Патетично е, срамно и неодговорно што сè уште нема официјална евиденција на лица кои поминале низ концентрационите логори во Босна и Херцеговина, или биле убиени во нив, кои биле раселени (од нивните домови) или починале откако го напуштиле логорот“, истакнува  Мешковиќ.

Само Сојузот на логорски затвореници со седиште во Сараево, има повеќе од 55.000 членови, кои се потврдени како жртви на тортура – статус што се добива со изјави од најмалку двајца сведоци.

„Основата на сите проблеми на поранешните затвореници е немањето државен закон за жртвите на тортура. Ние веруваме дека законот треба да се усвои на државно ниво, во согласност со меѓународните стандарди, и како таков, мора да биде применлив. Не ни е јасно зошто сè уште не е упатен до Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина на ратификација, без оглед на тоа каков ќе биде исходот“, вели Мешковиќ.

Политиката го блокира законот за тортура

 

Емир Хајдаревиќ. Фото: Мирсад Бајтаревиќ

Во градот Мостар, кој за време на војната беше поделен помеѓу Хрватите и Бошњаците, постоеле два вида на логори. Во логорите на „западната“ страна, која била под контрола на хрватските сили, биле затворани Бошњаци и Срби, додека на „источната“ страна, во логорите што ги држела Армијата на Босна и Херцеговина, биле затворани Хрвати.

Здружението на логорски затвореници на Мостар, делува во „источниот“ дел на денес веќе обединетиот град. Емир Хајдаревиќ, член на одборот на ова здружение, кој поминал 1.309 дена во логорите Хелидодром, Дретељ, Војно и Совиќи, верува дека државниот закон сѐ уште не е ратификуван, поради национално базираните политики во оваа земја, кои ги подгреваат воените поделби.

„За жал, во оваа земја во војната беа вклучени три страни, па оттука имаме и три страни за ратификација на кој било закон“, објаснува Хајдаревиќ.

БиХ е составена од два политички ентитета, Федерацијата БиХ, во која доминираат Бошњаците и Хрватите, и Република Српска, со мнозинство српско население. Особено Република Српска не сака да дојде до какви било нови ингеренции воспоставени на државно ниво, бидејќи тоа го смета за нарушување на нејзината автономија.

Република Српска веќе има свој закон за жртвите на воена тортура и ја отфрла идејата за државен закон, со кој ќе биде заменет нејзиниот.

„Јасно е дека Република Српска го попречува ратификувањето на законот на државно ниво, бидејќи таа ратификуваше свој ентитетски закон и не сака пренесување на надлежностите на државата Босна и Херцеговина“, нагласува Хајдаревиќ.

Инаку, Претседателството на БиХ има тројца членови, представници на трите конститутивни народи кои живеат во оваа држава (Бошњаците, Хрватите и Србите), а ниту еден закон во национално поделениот Совет на министри не може да помине без консензус, што значи дека секоја национална група може да го блокира напредокот.

Во „западниот“ дел на Мостар, Карло Мариќ, претседател на Хрватското здружение на логорски затвореници, босански Хрвати, кој поминал девет месеци и 20 дена во логорот во Јабланица и 70 дена во самица, вели дека проблемот со неусвојување на закон за тортура мора да се реши, доколку БиХ сака напредок на патот кон ЕУ.

Мариќ тврди дека усвојувањето на законот е обврска која произлегува од поглавјето 23, што се однесува на правдата и основните права, врз основа на кое БиХ мора да се усогласи со законодавството на ЕУ, како дел од процесот на пристапување.

„За жал, бидејќи напредокот на ова поле е неверојатно бавен, многу жртви нема да искусат ниту морална сатисфакција, ниту надомест за нематеријална штета“, истакнува тој.

Меѓутоа, во Република Српска, каде што постои ентитетски закон за жртвите на воена тортура, претставниците на поранешните логорски затвореници, имаат поинаков став.

Владо Драгојловиќ, кој поминал седум месеци и 16 дена во четири логори под контрола на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) во градовите Оџак, Босански Брод, Славонски Брод и во логорот Доња Махала во близина на Орашје, денес е член на претседателството на Сојузот на логорски затвореници на Република Српска и претседател на Здружението на логорски затвореници од Модрича и Посавина.

Тој смета дека ова прашање е подобро регулирано во ентитетите и дека на државата не треба да ѝ се даваат поголеми овластувања.

„Општеството е поделено, а, исто така, и жртвите. Жртвите во Федерацијата БиХ ќе ме наречат агресор, а јас нив злосторници. Недовербата постојано иницира искри“, вели Драгојловиќ.

„Ние во Сојузот донесовме одлука дека закон на ниво на Босна и Херцеговина е неприфатлив за нас и дека е подобро да се има закон на ентитетско ниво“, додава тој.

Сепак, законот на Република Српска, кој беше ратификуван минатата година, беше критикуван како закон кој ги фаворизира српските жртви. Лицата од други етнички групи, кои, во текот на војната, биле заробени во логори во Република Српска, но повеќе не живеат во овој ентитет, според законот, не можат да добијат никакви бенефиции.

Министерот за труд и боречка и инвалидска заштита на Република Српска, Душко Милуновиќ, вели оти не постои уставна основа за донесување на закон на државно ниво.

„Со донесувањето на овој закон на државно ниво, надлежностите од Република Српска ќе се префрлат на Босна и Херцеговина, што е спротивно на Уставот на Босна и Херцеговина и на она со кое се согласија ентитетите“, нагласува Милуновиќ.

Но, министерката за човекови права и бегалци на БиХ, Семиха Боровац, смета дека државата мора да обезбеди, сите жртви на тортура во земјата, да добијат еднакви права.

„Единствениот начин да се обезбеди унифицирана заштита за сите жртви на тортура во Босна и Херцеговина, е усвојувањето на државен закон. Ова е во согласност со препораките на Комитетот на ООН против тортурата“, тврди Боровац.

Социологот, Славо Кукиќ, нагласува дека неусвојувањето на државен закон и спорот околу законот на Република Српска, покажуваат дека босанското општество е незрело и оти сѐ уште му е потребна помош од меѓународната заедница.

„Не може да има разлики меѓу граѓаните на една земја, во зависност од тоа каде тие живеат во државата … мора да биде ратификуван закон за сите граѓани на истата земја, според кој тие сите ќе имаат исти права“, тврди Кукиќ.

Нема права за мажите, жртви на силување

Зихија Башиќ. Фото: Мирсад Бајтаревиќ

Во декември 1995 година, по потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, со кој заврши војната во БиХ, полицијата на босанските Срби, во Сараево го уапсила Зихнија Башиќ, од Какањ.

Тој поминал 22 дена во логорите Илиџа и Кула во Источно Сараево, каде што бил сексуално малтретиран.

Но, денес, како маж кој преживеал сексуално насилство, тој нема право ниту на надомест, ниту на бенефиции, бидејќи Законот за заштита на жртвите на тортура сè уште не е ратификуван, а како жител на Федерацијата БиХ, тој не е официјално признат како воена жртва.

Од друга страна, жените што преживеале силување и сексуална злоупотреба во војната, со федералниот закон за заштита на цивилните воени жртви, се признаени како воени жртви.

„Тешко ми е да зборувам за тоа како се чувствувам и што сум преживеал“, вели Башиќ.

„Ние сите носиме тешка траума. Никој не признава дека сме живи бомби. Психолози и лекари ме спасија од бездната. Тие, по повеќе од 20 години, ми помогнаа да проговорам за сè што сум преживеал… имаше и помисли за самоубиство, и покрај поддршката од моето семејство“, додава тој.

Башиќ е еден од 275 мажи кои претрпеле сексуална злоупотреба и се обратиле за помош во здружението „Жени – жртви на војната“ во Сараево.

Претседателката на здружението, Бакира Хасечиќ, вели дека мажите, кои биле жртви на силување и сексуално насилство, не сакаат да зборуваат за тоа што им се случило и дека им е тешко да им објаснат на своите семејства.

„Кога зборуваме за законот на државно ниво, се поставува прашањето, колку жртви на тортура починале или се самоубиле, без да почувствуваат поддршка или да добијат признание за нивната болка“, прашува Хасечиќ.

„Очигледно не постои политичка волја за ратификување на таков закон, особено ако е на државно ниво. Се обидовме, во 2005 година, да биде усвоен закон за силуваните и сексуално злоупотребените жени на државно ниво. Но, во Република Српска немаше политичка волја“, додава таа.

Во РС, регистрирани се 1.803 жени жртви на војната, од кои 696 се жртви на силување.

Од здружението на жени, жртви на војната, на РС, велат дека ентитетскиот закон за заштита на жртвите на воените злосторства во РС, само делумно се применува.

„Администрациите во некои општини не ја работат својата работа како што треба и жртвите се вознемирени“, вели Божица Живковиќ-Ралиќ, претседателка на здружението.

„Кога станува збор за остварување на правата на жените, жртви на тортура, во Република Српска, ситуацијата е десет пати полоша отколку во Федерацијата. Овде не знаат ништо, ниту пак се грижат за тоа. Тие ветуваат, но ништо не прават, кога станува збор за пари“, истакнува таа.

Грижата за жртвите на воената тортура, често им е оставена на невладините организации, како што е Вива жени Тузла, која 25 години работи како центар за терапија и рехабилитација.

Повеќе од 4.000 лица поминале низ психосоцијален третман преку ова здружение, вели Јасна Зечевиќ, претседателка на Вива жени Тузла, која подготвува критички извештај за статусот на жртвите на тортурата во Босна и Херцеговина, кој ќе му биде доставен на Комитетот на ООН во ноември.

Зечевиќ нагласува дека од клучно значење е жртвите да добијат признание за она што го преживеале.

„Ова е најважниот психолошки момент, државата да призна дека имало тортура и дека нејзините граѓани искусиле воени трауми. Ако дојде до ова признание, тоа ќе биде првиот чекор кон менталното исцелување“, истакна таа.

„Законот е потребен и поради мажите кои биле во логори и кои биле жртви на сексуално насилство. Исто така, важно е државниот закон да ги третира сите жртви во Босна и Херцеговина на единствен начин и да се избегне дискриминацијата што во моментов постои во Република Српска“, додава таа.

Преживеаните трауматизирани лица бараат сигурност

 

Психологот, Исмет Диздаревиќ, смета дека за заедницата е важно да им се признае статусот на сите оние што за време на војната биле притворени во логор, кој биле силувани или сексуално злоупотребувани.

„Она што е психолошки евидентно е дека овие луѓе, во голема мера, биле трауматизирани и дека мора на ова да му се посвети посебно внимание“, вели Диздаревиќ.

„Она што прво им е потребно, е несомнено економската сигурност. Треба да им се обезбеди она што природно го бараат – компензацијата – што е многу важно во психолошка смисла“, додава тој.

Наместо да се третираат како напуштени, жртвите треба да почувствуваат дека се достојни членови на општеството, вели тој и додава: „Меѓу другото, постои потреба за соодветна правна заштита, што е долг на државата кон овие лица. Во спротивно, една жртва на тортура со хронична траума, нема да биде задоволна и ќе продолжи да живее во несигурен свет“.

Алиќ истакнува дека е задоволен што поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, во април беше осуден на казна доживотен затвор, но истакнува дека и натаму е разочаран поради тоа што неговата земја не донела закон, со кој им се даваат права на жртвите на тортура.

„Јас, како ‘човекот зад жицата’, не можам да разберам држава што не може да си дојде на себеси, која ниту по 20 години не се обидува да го стави на дневен ред законот за заштита на жртвите на  тортура“, нагласува Алиќ.

„Што ќе му одговорам на моето дете кога ќе имам 70 години, кога ќе ме праша дали јас, неговиот татко, имам пензија?“, праша тој.

„Не морам да бидам богат. Ми требаат љубезни, човечки зборови, ми треба сите воени злосторници да се казнат, нашите деца да не учат погрешна историја и да нема повеќе војна“.

Мирсад Бајтаревиќ е новинар на БХ Радио 1. Овој текст е напишан како дел од програмата за грантови на Балканската транзициска правда на БИРН, со поддршка на Европската комисија.